Директорот на албанската полиција во посета на Ќафасан

Албанските државјани во Европа преку македонските аеродроми

Се повеќе албански државјани ги користат македонските аеродроми за да стигнат до земјите на ЕУ, каде што потоа бараат азил, изјави вчера директорот на албанската полиција, Хаки Чако, во одговор за албанските медиуми околу ситуацијата со албанските државјани кои бараат азил во земјите на Унијата. Според него, во последно време расте бројот на албански државјани кои преку аеродромите во Скопје и Охрид, летаат кон земјите на Европската Унија, за на полесен начин ја избегнат контролата за влез во земјите на Унијата.

Според Чако, и понатаму е голем бројот на албанските државјани кои бараат азил во земјите на ЕУ, и покрај големите контроли кои ги има полицијата на аеродромите, но и на граничните премини.
Претставници на ЕУ бараат официјална Тирана да ги зголеми мерките за стопирање на државјаните за кои се сомнева дека патуваат во земјите на Унијата за да бараат азил. Досега повеќе земји на ЕУ, а посебно Франција и Германија, на неколку пати имаат депортирано албански државјани.

Директорот на албанската полиција вчера го посети граничниот премин Ќафасан, на албанско-македонската граница кај Струга, каде престојувал со цел одблиску да се запознае со спроведувањето на мерките за туристичката сезона, но пред се наредбата за заострување на контролите при излез од земјата на албанските граѓани, кои се во насока на елиминирање на загрижувачката појава на азиланти албански државјани во Европската Унија.

Чако изјави дека соработката меѓу полициите на Албанија и на Македонија, вклучувајќи ги тука и граничните полиции, е одлична и оти таа може да биде пример за сите други полиции.

-Соработката со македонската полиција е насочена кон спречување на меѓуграничниот криминал, организираниот криминал на недозволена трговија од секаков вид. Нашата соработка е одлична и таа може да биде пример за сите други полиции, посочил Чако.

Албанската гранична полиција од почетокот на месецов, врз основа на наредбата на директорот Чако ги заостри контролите при излез од земјата на албанските граѓани со цел да ја запре загрижувачката појава на азиланти - албански државјани во земјите на Европската Унија. Наредбата предвидува 14 препораки со кои полицајците на граничните премини ќе утврдуваат кој од граѓаните не ги исполнува условите за влез и престој во Шенген-зоната.

При контролата, покрај другото, треба да се утврди точната адреса каде граѓанинот ќе биде сместен во земјата каде патува, поканата на лицето кое го очекува, повратниот билет, како и финансиската покриеност за периодот на престој. Чако нареди и зголемена контрола врз туристичките агенции, за кои постои сомнение дека вршат организирани патувања на азиланти.

Најнови вести

Коментари