ДАЛИ ВЛАСТА НАВЕСТУВА ПРЕБРОЈУВАЊЕ?

Албанец од ДУИ ќе го спроведува пописот

Неодамна и Европската канцеларија за статистика порача дека Република Македонија веќе пет години доцни со спроведување на попис. Евростат ја разреши дилемата - пописот треба да се спроведе единствено на лица кои при неговото извршување ќе се најдат на територијата на Македонија и не се повеќе од една година отсутни од државата 

Албанец од ДУИ ќе раководи со Државниот завод за статистика, кој би го спровел следниот попис во Македонија. Според последните именувања на раководни позиции, функционери и директори на органи, државни управи и казнено-поправни установи од страна на Владата, за вршител на должноста директор на Државниот завод за статистика се именува Зирап Асани, кадар на ДУИ. Во јавноста веднаш ова назначување беше протолкувано како најава за спроведување на долгоочекуваниот попис на населението во Република Македонија.

Неодамна, и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски потврди дека пописот на населението е дел од програмата на новата влада, но потенцираше дека за тоа се потребни време и ресурси.

Експертите постојано предупредуваат дека кредибилен попис треба да биде на врвот на владината агенда. Тие бараат брзо спроведување на попис во земјава зашто, како што велат, со релевантни статистички податоци може да се планираат конкретни политички чекори. Подолго време предупредуваат дека пред организирање на нов попис, во законските одредби треба прецизно да се дефинира попишувањето на граѓаните кои привремено работат во странство. Всушност, и пописот во 2011-та го спречија различните толкувања на законот, односно дали ќе бидат попишани како присутни и граѓаните кои цела година се иселени од државата и дали да бидат прифатени како валидни фотокопии од лични документи.

И пораката од Европската канцеларија за статистика - Евростат е дека Република Македонија веќе пет години доцни со спроведување на попис, кој тој не е политичка, туку статистичка операција. Евростат ја разреши дилемата - пописот треба да се спроведе единствено на лица кои при извршувањето на пописот ќе се најдат на територијата на Македонија и не се повеќе од една година отсутни од државата.

Во Македонија од нејзиното осамостојување 3 пати се спроведувал попис. Оној во 1991 се сметал за некомплетен, па нов попис е спроведен во 1994 година. Последниот е спроведен во далечната 2002 година, а обид за попис имаше и во 2011 година, но тој иако беше одложен, се уште не е реализиран.

Отсуството на попис на населението во Македонија познавачите го поврзуваат и со настојувањето за носење на Законот за употреба на јазиците. Сметаат дека процентот на етничките Албанци кои живеат во земјава не е реален и обидот за донесување на овој закон е обид албанското малцинство да се изедначи со македонското мнозинство, а без попис на населението не можат да се бараат права кои зависат од статистиката.

И претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов имаше иста порака во годишното обраќање, во кое нагласи дека со Охридскиот рамковен договор била отворена вратата за правична застапеност на граѓаните од сите заедници, а не само од една. Иванов побара од новата влада што поскоро да спроведе попис на населението за да видиме колку сме и дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари.

Поврзани

Најнови вести

Коментари