Загрижувачки бројки на ИЈЗ за растот на дебели луѓе во земјава

Алармантно во Македонија, 20% од момчињата и 15 % од девојчињата се дебели

Институтот потврдува дека 62,7% од мажите и 48,4% од жените на возраст над 18 години имаат зголемена телесна тежина, а дебели се 19,6 од машката популација и 17,2 проценти од женската

На Светскиот ден за борба против дебелината, 11 Октомври, Институтот за јавно здравје на РМ објави поразителна статистика која покажува дека 62,7% од мажите и 48,4% од жените на возраст над 18 години имаат зголемена телесна тежина, а дебели се 19,6 од машката популација и 17,2 проценти од женската.

Како што информираат од Институтот во согласност со споредбените податоци од спроведувањето на иницијативата на СЗО за следење на дебелината кај децата во Европа, а со тоа и во Македонија за 2010 и 2016 година, се гледа дека има значително зголемување и тоа кај машките деца од 37,9 на 39,4%, а кај девојчињата од 31,5 на 32,9%.

Во категоријата дебели е согледано дека во земјава 20,5% од момчињата се дебели и 15,2 % од девојчињата. Институтот за јавно здравје исто така евидентирал дека за една година поголем е растот на дебели девојчиња во однос на машките деца. Со оваа анализа забележува дека во земјава момчињата се повеќе склони на дебелеење.

Причина за ваквите состојби е лошата исхрана и слабата физичка активност, оти се повеќе децата консумираат брза храна, пијат сокови со многу шеќери и седат по цел дена на компјутер. Лекарите велат дека води кон епидемија на зголемена телесна тежина и дебелина не само во земјава, туку и во светот.

Но проблемот со вишокот килограми го имаат и возрасните бидејќи 63 проценти од мажите во државата имаат зголемена тежина, а речиси 20 отсто од нив се дебели. Кај женската популација, пак, од зголемена телесна тежина страдаат 48 проценти, додека евидентирана дебелина има меѓу 17% од жените во државата.

Според лекарите, дебелината и зголемената телесна тежина се најзначајни фактори за појава на срцеви заболувања. Се смета и дека овие луѓе имаат намален квалитет на живот и поголема можност за појава на болести како што е дијабет тип 2, но и малигни болести.

Анализата на Институтот за јавно здравје, освен бројки нуди и решенија за проблемот, затоа апелираат до државните и локални власти да обезбедат здрава животна средина и инфраструктура за спортување на младите.

- Справувањето со овој проблем бара сеопфатна акција на повеќе сектори во општеството, односно пристап на "цела влада" и "цело општество" - укажуваат од Институтот. 

Колку луѓе се дебели во светот?

Речиси 124 милиони деца во светот се со екстремно повисока тежина за возраста, алармира Светската здравствена организација. Во нивниот извештај се нагласува дека бројот на дебели деца е зголемен десетпати од 1975 година до 2016 година.

Според светските лекари лошата вест е што распространувањето на прекумерната тежина меѓу возрасните над 20 години како и децата и младите од 5 до 19 години расте и во други региони во светот. Така бројот на девојчињата кои се дебели е зголемен од пет милиони во 1975 година до 50 милиони во 2016 година. Но повеќе е зголемен бројот на момчињата и тоа од 6 милиони на 74 милиони.

Во 2016 година најголемо е нивото на регистрирана прекумерна тежина кај деца во Полинезија и Микронезија 25,4 отсто од девојчињата и 22,4 отсто од момчињата. Следуваат држави со високи приходи по глава на човек вклучително САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Ирска и Велика Британија.

Експертите наведуваат дека во 2022 година бројот на деца и млади со прекумерна тежина ќе биде поголем од бројот на деца кои страдаат од неухранетост.

(В.Ма.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари