Мојата ќерка не е мој проект!

Можеби ќе речете дека сум луда. Можеби ќе речете дека сум мрзлива. Можеби изведувам глупости со тоа мое модерно воспитување. Но, прво прочитајте до крај.


Моето дете има три години. И има право да избере. Може самата да избере што сака да облече, да јаде, може дури и сама да одлучи кога ќе ги исполни своите обврски.

Моето дете се открива себеси. Учи за светот околу себе. Открива каде се границите кај нејзиниот татко и кај мене и колку може да ги помрдне.

А се е тоа почетокот на изградбата на нејзиниот карактер. Сфаќа што сака, а што не. Што сака, а што не.

И јас сакам да имам право на избор. Затоа што сум навикната се да држам под контрола и затоа што така е едноставно полесно. И сигурно би ми било полесно едноставно да го „скршам" своето дете. Ќе јадеш тоа што јас ќе ти дадам, ќе го облечеш тоа што јас сум избрала.

Да, полесно е. Но, сигурно не е подобро за децата.

И така пред некој ден и реков да облече нешто што јас и го одбрав, бидејќи требаше да шетаме. По 10 минути излезе од својата соба во едноделен костим за капење и со шешир. Клекнав пред неа и и реков дека надвор сепак е малку ладно и дека треба да облече нешто со ногавици и ракави. Ме разбра, се врати во својата соба и по некое време излезе во костумот на Елза и розеви хеланки и целата беше возбудена. „Мамо, ова има и ракави и ногавици! Добро избрав, зар не?"

Сакав да кажам дека тоа е неудобно и дека ќе и пречи кога ќе трча низ игралиштето, но премочев.

„Во право си, супер е. Одиме надвор!"

Да не се лажеме, не беше лесно. Воопшто не ми се допадна идејата да излезе надвор во костум за маскенбал.

Но, како нејзината мајка, не е моја задача да одлучувам за неа за буквално се. Треба да одберам работи кои се помалку важни и кои не го загрозуваат нејзиното здравје и безбедност и врз основа на тие работи да и дозволам да се гради себе.

А што е навистина важно?

Кажете ми, ЗОШТО мене би ми било важно мојата ќерка секогаш да биде облечена како да е некоја кула од продавница, ако таа е посреќна во шарен костим?

Зошто јас би одлучувала за тоа дали денес ќе ја пушти косата, ќе ги тргне шишките, ќе ја фати косата во репче или ќе сака плетенка? Фризурата која нејзе ја прави среќна е најдобра за мене.

Зошто би ја избрала да се подготви да одиме во парк, ако баш денес сака да остане дома и сака да црта? Во парк можеме да одиме и утре, а желбите на децата сигурно имаат некаква вредност.

Зошто би ми било важно сложувалката да биде совршено направена? Ако нејзе не и смета, ако таа смета дека тревата стои на небото, а сонцето на земјата, тогаш не би требало да ми смета и на мене.

И зошто побогу, треба да ми биде важно да носи исти чорапи? Ако сака на едната нога да ја носи Елза, а на другата Ана, зошто би ми пречело и на мене?

Мојата ќерка не е мој проект. Таа не е некаков трофеј кој сум го родила за да го покажувам наоколу. Конечно, таа не е ЈАС. Таа е своја.

Се уште сум релативно нова во оваа улога на мајка, но она што со сигурност знам е дека сакам да се посветам на работите кои навистина се важни. Моето дете расте тука, пред моите очи, и последно нешто на коешто сакам да ја научам е дека совршениот моден избор е најважната работа на светот.

Нместо тоа, сакам да ја научам на некои многу поважни лекции. Сакам да знае дека понекогаш е тешко да ја направиш вистинската работа, но дека полесниот пат на крајот е секогаш потежок. Сакам таа да биде онаа која кога ќе здогледа другарче кое само си игра во училишниот двор, прва ќе му пријде и ќе му го понуди своето друштво. Љубовта е важна. Почитта. Убавото воспитување. Сакам да научи да биде упорна и вредна. Секогаш да верува во себе и она што го прави. Да вежба да биде добра во тоа што го прави колку и да е тоа тешко.

Ќе ја учам да не дозволи светот да ја менува, за да стане она што општеството смета дека е убаво и нормално. Ќе ја учам дека треба да биде добра кон себе и бескомпромисна кога се во прашање нејзините избори.

Сакам да знае дека има се што е потребно за да го направи овој свет малку поубаво место. И дека е една и единствена. Како што сме сите ние. Да не дозволи никој да го згасне она што ја прави посебна. Да не дозволи никој да не ја скрши нејзината независност. Па дури ни мене.

Поврзани

Најнови вести

Коментари