Ловец од Сибир тврди дека мечка му украла две пушки

Полицијата во рускиот регион Иркутск на истокот на Сибир покренала истрага откако ловец пријавил дека мечка му украла две пушки.

Педесет и седумгодишен ловец тврди дека на 16 ноември заминал во лов далеку од најблиското село и одлучил да одмори во шумска куќарка. Ги оставил своите работи и заминал по вода, но кога се вратил, слушнал сомнителни звуци и здогледал мечка. За да избегне средба со животното, ловецот избегал во шумата каде што се криел неколку часа, наведуваат од руското МВР.

Кога се вратил назад забележал дека му исчезнала торбата со две пушки. Ловецот неколку дена ги барал пушките, по што ја известил полицијата.

Кога пристигнала полицијата ја проверила околината, но снегот ги покрил трагите од мечката.

На ловецот му се заканува парична казна, а може да го изгуби и правото да купува и користи оружје во времетраење од една година.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари