Конечно е откриено каде ќе биде изложена најскапата слика во светот

Сликата на Леонардо да Винчи која минатиот месец на аукција беше продадена за рекордни 450,3 милиони долари ќе биде изложена во новиот музеј „Лувр“ во Абу Даби.

„Салватор Мунди (Спасителот на светот) ќе пристигне во ‘Лувр’ во Абу Даби“, соопшти оваа културна установа на „Твитер“ не наведувајќи го сопственикот на сликата ниту точниот датум кога ќе биде изложена.

Експертите сметаат дека сликата, масло на платно, на која е прикажан Исус Христос кој држи кристална топка, е една од само неколкуте зачувани слики на Да Винчи.

Сликата била во сопственост на англиски кралеви и војводи, а потоа исчезнала. Повторно се појавила во 1900 година кога ја купил британски колекционер. Во 1958 година сликата била продадена за 45 фунти, пред да биде утврдено дека е дело на Да Винчи. Сликата која повторно била продадена во 2005 година била делумно оштетена, но била реставрирана на барање на конзорциум на трговци со уметнички слики кои дале најмалку 10.000 долари за обнова.

Околу сликата се води и судски спор меѓу руски милијардер и продавач на уметнички дела.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари