Емотивна приказна: „Сега знам мамо, сега јас сум ти“

Кога бев малечка, често се шегувавме дома дека мајка ми јаде "на нога", оти искрено ретко го окупираше своето столче на масата. Со детска наивност ѝ велевме „Кој што ќе дојаде последен, ги мие садовите". И така беше секогаш, без исклучок, додека таа да седнеше на масата, ние веќе го дојадувавме последниот залак. Погодете кој ги миеше садовите. Па, се знае, мама.

Ситуацијата тогаш ни беше интересна и смешна, а и мајка ми се смееше заедно со нас. Сега можам само да се поклонам пред неа и да ѝ дадам орден за издржливост. Да, сега конечно можам да влезам во нејзините чевли и да погледнам на нашето детство низ нејзините очи.

Кога се враќам дома по работното време, сè што сакам е да го гушнам моето дете и да му ја стуткам набрзинка омилената ужинка или вечера, а потоа долго, долго да се раниме. Среќна сум со секој проголтан залак. Постојат илјадници мајки кои секој ден леат солзи зашто нивните деца не сакаат ни да го помирисаат оброкот кој тие со часови го готвеле.

Се разбира дека јас не јадам, во тие моменти се хранам од среќата на моето лакомо човече или пак ќе каснам нешто на нога колку звукот на цревата да не го ремети него. И пред мене излегува ликот на мајка ми, а таа ми се смее мене.
Сега знам мамо.

Кога денот ќе заврши и јагнињата ќе стивнат, тонејќи во сладок сон, мене ме чека валкано изненадување во мијалникот. Ги засукувам ракавите и се фаќам за работа. Додека тријам со сунѓерот со последните сили, во мислите повторно карајќи се со маж ми дека и тој има раце за да помогне, ја гледам мајка ми.
Сега знам мамо.

Кога го одбивам чоколадото од малото раче насочено кон мене, за некој друг да може да ужива во него, ја гледам мајка ми до мене како ми вели „Не ми се јаде благо". Никогаш не сфатив дали го сака благото или не. Како мала претпоставував дека не го сака.
Но, сега знам дека го сакаш мамо.

Кога моето малечко е болно и местам стотина аларми за достојно да ја одиграм улогата на медицинско лице, додека капаците се обидуваат да триумфираат над моите очи, ја чувствувам раката на мајка ми на челото како ми ја проверува температурата. Не можам ни да ги избројам ноќите во кои таа скокаше од креветот, трчајќи да ми го стави термометарот, заборавајќи на убавиот сон кој штотуку го сонувала. А јас ќе ѝ речев „Остави ме да спијам". Сигурно плачела од грижи, а уморот напати ја совладувал, но некоја сила ја држела исправена.

Сега и јас ја имам таа сила мамо.

Конечно ги гледам сите твои жртви. Сега знам зошто ти е навика сè уште да јадеш на нога, сега знам зошто уште одбиваш сладолед или чоколадо (која жена не сака чоколадо?), сега сфаќам зошто и ден-денес јадеш лепче со маргарин и пипер и знам зошто секој ден мора да го обавиш тој телефонски повик до мене кој до неодамна ме излудуваше, но сега едвај го чекам. Сега можам вистински да ја почувствувам твојата вонсериска љубов и разбирам зошто не можеше да држиш лутина, дури и кога бев ужасна кон тебе.

Сега, јас сум ти.

Поврзани

Најнови вести

Коментари