ГРАД ОД ПЕТТИОТ ВЕК, РАСПОСТРАНЕТ ВО ЛАГУНА НА 117 МОЧУРИШНИ ОСТРОВИ

ВОНСЕРИСКА УБАВИНА НАРЕЧЕНА - ВЕНЕЦИЈА

РОМАНТИЧНОТО ВОЗЕЊЕ СО 400 ГОНДОЛИ Е ДЕЛ ОД ТУРИСТИЧКАТА ПРОГРАМА НА ПОСЕТИТЕЛИТЕ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ВО ГРАДОТ СО 150 КАНАЛИ И 400 МОСТОВИ

Романтиката и вонсериската убавина на Венеција, или како што уште се нарекува градот на Лагуна, се должат пред се на оргиналната местоположба, како и многуте канали и мостови по што овој град е надалеку познат во светот. Венеција претставува ретко убаво и монументално урбан град, што блеска во својот богат историски развој. Од овие причини Венеција е пред се град на масовен туризам, каде што посетителите најмногу сакаат да се фотографираат на многуте мостови наменети за вљубените. Романтичното возење со Гондола, исто така, е дел од туристичката програма на посетителите. Околу 400 гондоли се на располагање на туристите од целиот свет, иако оваа бројка во однос на 12.000 илјади колку што ги имало во 1750 година е навистина премала. За Венеција е пишувано во познати дела и патеписи, многу повеќе отколку за кој било друг италијански или европски град. Во времето на ренесансата во 1364 година, познатиот поет Петрарка пишувал за овој град дека е богат со злато. Гете во 1786 година забележал дека убавината на Венеција не можела да се спореди ниту со ни еден друг, а Томас Ман во 1913 го нарекол како најневеројатен од сите што дотогаш ги посетил. Денеска е добро познато дека опстанокот на Венеција како урбан ентитет е под голема закана, главно заради прогресивното тонење на темелите на градот. На нестабилниот терен се изградени многубројни палати и објекти во чии темели се наоѓаат греди и дрвени потпирачи кои постепено тонат во Лагуната и тоа, за жал, не може да се спречи. Многу од нив, пред се оние што се наоѓаат во приватна сопственост, се наоѓаат во жалосна состојба. Од овие прични, но и од социјална гледна точка голем број венецијци го напуштаат градот и преминуваат да живеат во другите италијански места, како многу посигурни, но и економски пооправдани. Во моментов единствено туризмот го одржува во живот градот и му овозможува да опстане. Во очите на многу туристи, денеска Венеција е камен-споменик кој мора безусловно да се посети и да се видат неговите историски споменици. Особено е привлечна околината на Марковиот плоштад со раскошниот 175-метарски двор, Црквата на Свети Марко украсена со столбови и мозаик, покрај која слободно стои 99-метарски високата Канпанила, потоа Дуждовата палата, со своите тантелни аркади во облик на лак . Но, сепак Венеција е најпозната по системот на канали со четири метри долгиот Гранде канал кој минува низ целиот Град и прави широк лак во облик на словото "Ѕ". Почетоците на Градот, распостранет на 117 мочуришни острови во Лагуна и заштитен со песочната брана Лидо, датираат од петтиот век од нашата ера. Историската легенда за неговиот постанокот вели дека коренот на Венеција го почнале жителите на Аквитанија, кои во петтиот век бегале од Хуните и се населиле во Лагуна на некои од овие острови. Од збегот во 697 година прво настанало кнежеството на чие чело се наоѓал Дужд. Подоцна овој италијански град прераснал во трговска метропола, која што моќно владеела со морето и била посветена на познатиот светец свети Марко. Во 15 век, Венеција со своите 200 илјади жители била центар на светската трговија и најголемо пристаниште во светот. Прекрасните градби кои содржеле ориентални елементи, се надградиле и станале уште пораскошни. Но, во овој период се изградени и нови палати кои со од светски глас познатите уметници Тинторето и Тицијан, богато биле украсени. Така Градот со 150 канали и 400 мостови ја достигнал својата кулминација, како и својот развој и просперитет. Економското опаѓање на Градот започнало кога Турците и го одзеле на Венеција, Константинопол. Исто така деструктивно делувал и новиот поморски пат за Индија, што го откриле Португалците. Од ден на ден, од овие далечни краеви можело да се купи многупоевтина трговска стока што дотогаш се снабдувала од Венеција. Трговските врски започнале да изумираат, моќта и богатството исчезнувале, а Венеција станала град што постепено замира. Базилика Свети Марко, изградена во прекрасно архитектонско сценарио што доминира на истоимениот Плоштад и е срцето на Венеција. Базиликата претставува отворена книга на духовната и политичката историја, богата со бројни сведоштва, претставува допирна точка меѓу источниот и западниот свет. Според старата легендата, евангелистот свети Марко кога пристигнал на островите во Лагуната сонил ангел кој му рекол " Овде ќе најдеш мир" . Тој засекогаш останал во Венеција и затоа кога во 828 година неговото свето тело било пренесено од Александија во Египет, а потоа донесено во Венеција. Луѓето мислеле дека тоа што му се сонило е исполнето. Моштите прво биле чувани во Дуждовата капела се до 1063 година, а потоа Дуждот Контарини ја изградил Базиликата што му ја посветил на Марко и таа до ден-денешен пленува со својот изглед. Позната по своите убавини е и Базиликата Санта Марија Дела Салуте што се наоѓа на Тринити Островот, спроти плоштадот Свети Марко. Изградена е во 1633 година во знак на благодарност кон дева Марија, по завршување на една епидемиј во која умреле многу жители на Градот. Базиликата била завршена била по 20 години, бидејќи била потребна напорна работа за да се зацврсти подлогата на којашто се градела. И Црквата Свети Јован и Павле е сместена на плоштад со исто име. Таа претставува извонреден примерок на годската архитектура, што почнала да се гради во 1246 година, а е завршена дури во 1430.

ПОДГОТВИ: В.МАРЈАНОВИЌ

Поврзани

Најнови вести

Коментари