Интервју со руско-австриската пијанистка Лилја Зилберштајн

Во Охрид ги споив задоволството и работата

"Не е важно дали салата е голема или мала, важна е атмосферата", вели Лилја Зилберштајн, врвна светска пијанистка, која неодамна настапи во рамките на "Охридско лето". Иако родена во Москва, љубовта кон музиката ја однела да живее во Хамбург, а од 2015 таа е професор на Универзитетот за музика во Виена. Има богата и успешна кариера со настапи на сите континенти и со едни од најпознатите оркестри на светот. По нејзините стапки чекорат и двајцата синови, а нив и сите млади уметници, познатата пијанистка ги советува постојано да свират и вежбаат, зашто според неа, токму тука се крие тајната на успехот...

Дали за првпат настапувате во Охрид и на реномираниот фестивал „Охридско лето"?

Зилберштајн: Не само што сум првпат на овој фестивал, туку првпат сум и во овој прекрасен град Охрид, а и за првпат настапувам во Македонија. Сум била двапати во Скопје, но само како испитувач, со моите студенти.

Каде всушност настапувавте последниве неколку месеци?

Зилберштајн: Изминативе три недели бев во Тоскана, каде што предавам на постдипломските студии на тамошниот универзитет. Таму настапував со виолинистот Борис Белкин. Пред тоа, на самиот почеток на јули, настапував во Мексико со тамошниот оркестар. Бев и во Кина и Тајван, потоа ги посетив САД. Патував многу изминатиов период.

Сте имале свои концерти во најпознатите концертни сали. Дали може да ни наброите некои од нив и да издвоите еден свој концерт како омилен?

Зилберштајн: Да, сум свирела во „Карнеги хол" во Њујорк, „Концертгебау" во Амстердам, „Музикфераин" во Виена, „Сантори хол" во Токио, „Националната концертна сала" во Тајван... Волшебни концертни сали се тоа. Не можам да кажам дека имам омилен концерт. Сакам да настапувам во старата концертна сала во Хамбург, сега изградија нова и следниот март ќе имам таму концерт. Се радувам многу, затоа што таму сум живеела 25 години, тоа е на некој начин мој град. Потоа сакам да настапувам во Виена, таму моментално живеам, а секако ги сакам моите настапи во Москва, затоа што и тоа е мој град, таму сум родена.

Дали постои некоја концертна сала или некој светски фестивал кон кои се стремите, на кои би сакале да настапите?

Зилберштајн: Знаете, се откажав од мечтаење. Одам онаму каде што ќе ме поканат. Овде во Охрид сум воодушевена од црквата „Св. Софија". Импресирана сум од архитектурата и сликите. Не е важно колку салата е голема или мала, важна е само атмосферата.

Зад себе имате многубројна и богата дискографија, кажете ни нешто повеќе за тоа. Дали планирате нешто ново, работите ли на тоа?

Зилберштајн: Имам многу планови, но немам време да го снимам сето тоа. Последното нешто што успеав да го снимам беше Концерт број 3 од Чајковски, пред околу три или четири години. Да, во иднина се надевам ќе снимам уште.

Кои се вашите планови за во иднина, дали имате веќе закажани нови концерти?

Зилберштајн: Средината на септември заминувам повторно во Италија, имам концерт во Торино и Милано, а на крајот на септември настапувам и во Виена, каде што моментално и живеам и работам како професор на музичкиот факултет. Се враќам на местото каде што првпат настапив во 1991 година. Потоа имам концерти во Париз, Будимпешта и на многу други места. Скоро се ми е планирано до наредното лето.

Каков е Вашиот впечаток за македонската публика?

Зилберштајн: Одличен. Доста внимателни и внесени, дури на моменти не аплаудираа на места каде што според мојот план би требало. Толку беа концентрирани што не сакаа ни мене, ни себеси да се деконцентрираат.

Дали повторно би дошле на фестивалот „Охридско лето"?

Зилберштајн: Да, се разбира. Прекрасно искуство, се разбира дека би дошла пак.

Патувате насекаде низ светот, сте го виделе скоро секој дел од планетата, но каде би отишле да се релаксирате, да одморите од се?

Зилберштајн: Знате што, јас имам еден проблем. Не знам како да се одморам, свирам, предавам цело време. Еве, овде во Охрид успеав да го спојам задоволството и работата, ќе останам повеќе од 5 дена и потполно ќе уживам. Инаку многу е тешко да усогласам се. Еве, овој период планирав да го искористам за одмор, но испадна овој концерт и ете одличен избор направив што одлучив да работам. Мојот одмор од 10 дена, се претвори во концерт и одмор 5 дена во Охрид. Минатата година првпат во 8 години, успеав да земам две седмици одмор и го поминав во Италија, по мојот концерт.

Имате ли порака до младите и талентирани музичари кои преферираат да бидат како Вас, и да се вбројат на листата на врвни пијанисти?

Зилберштајн: Само вежбање, свирење и повторно тоа. Знаете, имав една студентка додека предавав во Хамбург и додека разговаравме и реков дека брзам, морам да вежбам, таа ме погледна толку чудно и ме праша: „Вие сте толку позната, зарем да вежбате"? Јас на сето тоа одговорив: „Да, позната сум, и токму поради тоа што вежбам". Многу е тешко во ова време да се биде успешен музичар, свесна сум за тоа и бидејки и моите двајца синови се занимаваат со музика, најпотребно е вежбање, свирење.

Поврзани

Најнови вести

Коментари