На најпознатиот светски саем за книга

Во Франкфурт нови договори за промоција на македонската литература

Утре во еден од промотивните центри на саемот ќе се одржи и панел дискусија на тема "Предизвиците на патот кон меѓународна афирмација на книжевност на ,малите јазици' на која ќе учествуваат претставници од Словенечката агенција за книга, еден од нашите најпреведувани автори Лидија Димковска, Стефано Бисачи, италијански агент и сопственик на агенцијата "Темпи иреголари# и потпретседателот на Здружението на грузиските издавачи...

Македонија годинава очекува на саемот на книгата во Франкфурт (11 до 14 октомври) да бидат потпишани нови договори за соработка и промоција на македонската литература во светот. Во фокусот на годинешново македонско претставување на овој светски најпознат книжевен собир, е привлекување на интересот на странските издавачи за македонската литература како и промоција на фондот на Министерството за култура за превод на македонската книжевност на странски јазици. Под мотото "Магијата на македонската литература", пред издавачите од цел свет претставени се 400 наслови од 250 македонски автори.

"Оваа година на македонскиот штанд во Франфурт ги претставуваме најновите наслови од повеќе македонски издавачи, веќе се закажани повеќе промоции, работни состаноци и презентации со меѓународни издавачи и агенти. Очекуваме дека годинава ќе потпишеме нови договори за соработка и промоција на македонската литература и култура во светски рамки", вели Дарко Фиданоски од Македонската асоцијација на издавачи, која е организатор на годинешново претставување на Македонија на саемот во Франкфурт .

На 14 октомври во 12 часот во еден од промотивните центри на саемот ќе се одржи панел дискусија на тема „Предизвиците на патот кон меѓународна афирмација на книжевност на малите јазици" на која ќе учествуваат претставници од Словенечката агенција за книга, еден од нашите најпреведувани автори Лидија Димковска, Стефано Бисачи, италијански агент и сопственик на агенцијата "Темпи иреголари" и потпретседателот на Здружението на грузиските издавачи. Целта на овој настан е да се споделат искуствата околу предизвиците за успешна меѓународна промоција на дела и автори од помали земји што не се толку познати на светската сцена.

Инаку 69. саем на книгата го отворија германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Двајцата лидери ветија дека ќе работат на унапредување на културната размена и зацвртстување на европското единство.
"Без култура нема Европа", истакна Макрон во својот говор додавајќи дека "книгите се нашето најдобро оружје". Во својот говор Меркел нагласи дека двете земји би биле посиромашни без меѓусебното влијание на двете култури.

Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со 7.300 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.400 блогери.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари