Признание за младиот автор Давор Стојановски

„Собирачи на пепел" - „Роман на годината" за 2016

Младиот автор Давор Стојановски со романот „Собирачи на пепел", во издание на издавачката куќа „Или-или" од Скопје, е добитник на наградата „Роман на годината" за 2016 што ја доделува „Утрински весник".

На 13 март жири-комисијата за избор на лауреатот на 18-тата книжевна награда, во состав Петар Андоновски (претседател), писателката Гордана Михаилова Бошнакоска, Маја Бојаџиевска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност, Нове Цветаноски, публицист, литературен критичар и издавач и Катарина Богоева, уредничка на културната редакција на „Утрински весник", со мнозинство гласови реши оваа награда да му ја додели на Давор Стојановски.

- Романот „Собирачи на пепел" претставува книжевно остварување кое се издвојува според својот особен стил, дело кое е изведено во духот на едно ново писмо. Романот обработува веќе познати егзистенцијалистички теми како што е чувството на осаменост, стравот од блискоста, проблематичниот топос на домот како место на припадност, постојаната потрага по среќата и смислата, рече на денешната прес-конференција претседателот на жири-комисијата Андоновски.

Стојановски, како што рече, одлично владее со приказната, тој е ненаметлив и непретенциозен во пишувањето, а структурата на неговиот текст е цврста, што придонесува романот да биде и содржински и композициски убедлив. Тој истакна дека на конкурсот пристигнале 28 романи, а во финалето за наградата влегле и романите „Јас и Лин, отпосле" на Ана Стојановска (1977) и „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка" од Игор Станојоски (1979).

Професорката Бојаџиевска смета дека наградата на Стојановски е заслужена зашто, како што рече, погледот на свет кој ни го пренесува во својата проза кореспондира со времето во кое живее.

Стојановски изрази задоволство за наградата која, како што рече, е една од најобјективните и најреномираните во Република Македонија. Упати благодарност и до луѓето кои му помогнале додека го пишувал текстот и до издавачот.

Појасни дека идејата за романот „Собирачи на пепел" постоела подолго, а на делото работел последните пет месеци. Додаде дека е задоволен и изрази надеж дека ќе допре до пошироката публика.

Давор Стојановски е роден на 8 март 1987 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески" во Скопје, а во моментов живее во Австрија. Пишува проза, поезија, драмски текстови и критичка литература. Дел од неговото творештво е објавено во домашни и во странски антологии и книжевни списанија. Добитник е на повеќе награди. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната" (2013) влезе во потесниот избор со четири други романи за наградата „Роман на годината" на „Утрински весник". Лауреатот ќе биде награден со статуетка, плакета и 150.000 денари.

Најнови вести

Коментари