Од утре до 21 октомври во Велес

Со "Перикле" од Србија стартува ФАД “Стоби”

Наредните денови следуваат претставите "Едип Тиранин" на театарот „Стефан Киров" од Бугарија, „Ништо без Трифолио" на театарот од Прилеп; " Шумата на моето дрво" - проект на „Северно од Импакт" и Народен театар Велес, „Медеја" на Казачкиот театар на провинцијата Атирау од Казахстан и „Филоктет/Медеја" на Народниот театар на Западен Казахстан, која е направена специјално за фестивалот

Со претставaта „Перикле" на театарот од Шабац, Србија, утревечер (13 октомври) на сцената во Велешкиот театар стартува 16. Фестивал на античка драма „Стоби". До 21 октомври ќе бидат изведени осум претстави од кои шест, од Србија, Бугарија, Казахстан и Македонија, се во конкуренција за наградите.

Наредните денови публиката ќе може да ги види претставите: „Едип Тиранин" на театарот "Стефан Киров" од Бугарија; „Ништо без Трифолио" на Народниот театар од Прилеп; „Шумата на моето дрво" - проект на „Северно од Импакт" и Народен театар Велес; "Медеја" на Казачкиот театар на провинцијата Атирау од Казахстан и претставата "Филоктет/Медеја" на Народниот театар на Западен Казахстан од Казахстан, која е направена специјално за овој фестивал.

Вон конкуренција на 17 октомври ќе биде изведена претставата „Животот е магичен круг" на студентите од Универзитетот ЕСРА од Скопје, а на затворањето на 21 октомври Театар Комедија ќе ја изведе претставата "Стјуардеси".

И годинава претставите ќе се натпреваруваат за една од наградите на фестивалот - гран-при за најдобра претстава, за најдобра режија и за најдобри машка и женска улога, а ќе ги оценува жири во состав Ивана Јарчевска, театролог, Деан Дамјановски, режисери Кети Борисовска, актер.

Поради реновирањето на античкиот амфитетар во археолошкипот локалитет Стоби, фестивалот веќе трета година се одржува во затворен простор, во зградата на театарот во Велес.

Според претседателот на Здружението ФАД Стоби, Зоран Љутков, следното издание на фестивалот ќе биде вратено во локалитетот Стоби, каде што се одржуваше од 2001 до 2013 година.

Поврзани

Најнови вести

Коментари