Премиера наскоро во Европа

Снимен краткиот македонски филм „Коливо"

Улогите во филмот ги толкуваат познати македонски актери. Главната женска улога ја игра Лабина Митевска. Дел од екипата се и Јоана Поповска, Дејан Лилиќ, Симеон Дамевски, како и четири деца од Делчево.

Снимањето на македонскиот краткометражен игран филм „Коливо" е завршено, а премиерата ќе биде на некој реномиран фестивал во Европа, по што ќе следува премиера во Македонија. Филмот изминатата недела се снимаше во делчевското село Град, по сценарио и режија на Андреј Илиевски-Волкашин.

Според режисерот филмот го отсликува секојдневието на Дана, чиј живот се разоткрива одеднаш, кога на традиционалното коливо ќе се појави нејзиниот поранешен љубовник Марко.

"Идејата за филмот ја добив од еден мој личен настан што го доживеав минатата година пред да заминам во Шпанија. Тогаш баба ми, која живее во оваа куќа каде што снимаме, рече дека мора детето да го испратиме со коливо, да заколиме свинче, таков е адетот и тогаш се собираат сите. Тој настан е еден вид празник, па овој настан го искористив за заднина во филмот, каде се обработува тема од секојдневието, од нашиот менталитет. Јас сум одовде и кога добив финансирање за проектот, најлогично решение беше филмот да го снимаме тука", рече Илиевски-Волкашин.

Улогите во филмот ги толкуваат познати македонски актери. Главната женска улога ја игра Лабина Митевска. Дел од екипата се и Јоана Поповска, Дејан Лилиќ, Симеон Дамевски, како и четири деца од Делчево.

Филмот се работи во копродукција помеѓу Веда филм продакшанс од Македонија и Концепт студио од Бугарија, и е поддржан од Агенцијата на филм на Република Македонија, Националниот бугарски филмски центар и од Општина Делчево, како и од фирми од Делчево, Виница и Скопје.

Поврзани

Најнови вести

Коментари