Детска претстава со посебна магија...

Сценскиот спектакл "Авантурите на Аладин" премиерно во МНТ

На големата сцена во МНТ утре (22 март) во 19 часот, ќе биде одиграна премиерата на претставата "Авантурите на Аладин", во режија на Бојан Трифуновски. Во претставата, Аладин го игра Александар Михајловски, а дел од екипата се и Сашко Коцев, Дарја Ризова, Никола Ацески, Славиша Кајевски..., како и членовите на детското драмско студио на Магдалена Ризова-Черних

Сценскиот спектакл за деца "Авантурите на АладинЌ во режија на Бојан Трифуновски, е најновата претстава на Македонскиот народен театар, чија премиера публиката ќе има можност да ја проследи на 22 март во 19 часот на големата сцена. Според директорот Дејан Пројковски, детската сцена е една од новите сериозни заложби на МНТ, и втора детска претстава по "Силјан штркот".

-"Авантурите на Аладин" претставува нова театарска бајка на МНТ со која публиката ќе ужива и во актерските, но и во технолошките потенцијали на театарот, истакна Пројковски.
За режисерот Трифуновски, правењето претстава за деца е голема одговорност и привилегија, авантура во која е нагласен хуморот.

-"Авантурите на Аладин" е приказна за победата на љубовта врз алчноста и злобата, приказна за простувањето и потребата да се верува дека во секој човек лежи скриен добротвор, скриен пријател, безусловен почитувач и сродна душа. Претстава со ведро и брзо темпо, 'тотален театар и визуелно уживање', која изобилува со авторска музика, но и светски класици, истакнува Трифуновски додавајќи дека во претстава ќе има и "летечки килими".

За Александар Михајловски, пак, кој во претставата го игра Аладин, ова е втора главна улога во детска претстава по "Силјан Штркот шанца" и, како што вели, вистинско уживање. "Децата се најискрена публика, а сега на големата сцена повеќе деца ќе можат да ја проследат претставата и да се забавуваат".

За Дарја Ризова, која ја игра принцезата Џасмин, претставата е забавна, безвременска бајка, која ја носи главната порака до децата "Љубовта го движи светот".

Според Сашко Коцев, кој во претставата е Абаназаер Велики, претставата е подеднакво интересна и за возрасните.

Духот од ламбата е Никола Ацески, а во претставата учествуваат и Камка Тоциновски, Славиша Кајевски, Драгана Левенска и членовите на детското студио на Магдалена Ризова-Черних...

Како што вели во најавата драматургот Загорка Поп-Антоска-Андовска, претставата е комбинација на бајка, хумор, музика и современост, а тие се клучот на оваа претстава за успех.

Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографи се Антонија Гугинска - Јорданоска и Елена Вангеловска, кореографијата е на Александра Кочовска Начева, а музиката на Џијан Емин.

Најнови вести

Коментари