Во пресрет на Василица

Обредите со маски - вековна традиција која се уште опстојува

"Денес обредите се повеќе претставуваат маркери на идентитетот на определена група, додека пак желбата да се постигне плодност, здравје и благосостојба се повеќе се турка во втор план. Со други зборови се повеќе се истакнува нивнато општествено значење на сметка на религиозното", вели Владимир Боцев, етнолог од музејот на Македонија

Василица, време на обреди со маски, време кога се уриваат воспоставените норми на секојдневното живеење. Според етнологот д-р Владимир Боцев од Музејот на Македонија ова е период во кој престануваат да важат општоприфатените правила за "добро" однесување, забраните, табуата.

"Во периодот на Василица се ослободува сета позитивна и негативна енергија акумулирана низ изминатата година и секој може да каже и покаже се што сака. Иако обредите во овој период содржат пракси на маскирање, однесување и преоблекување, кои секоја година се повторуваат, односно, поврзани се со нивното традиционално изведување низ вековите наназад, тие содржат и маса на импровизации кои зависат од креативноста и умешноста на учесниците, а кои им даваат свежина и ги прават постојано интересни и забавни за заедницата во која се практикуваат#, вели Боцев, кој е автор на повеќе етнолошки филмови кои ја обработуваат токму темата на вековните обреди под маски во Македонија.

Како што додава, Василичари и обреди со маски се застапени во речиси сите села и населени места во државата и тие, како што вели, имаат големо етнолошко значење, па дури и се поинтересни за етнолозите од актуелниот Вевчански или Струмички карневал. Така, познати се Џоломари, обичајот со маски во тиквешкото село Бегниште и во Орашац - Кумановско, Бабари - Демир Хисар и Битола, Бамбурци - Ратево...

Заедничко за сите е што учесниците ги обиколуваат сите куќи, народот ги пречекува со голема радост, сите излегуваат надвор и сакаат да учествуваат во овие обичаи. Разликите, пак, се во времето кога се одржуваат или пак, според "сценариото" и изгледот на маските, но главните елементи се присутни во сите обичаи. Главно се работи за пародија на свадба, застапени се зетот и невестата, баба и дедо, елементи како ѕвонци, сено...

"Денес обредите се повеќе претставуваат маркери на идентитетот на определена група, додека пак желбата да се постигне плодност, здравје и благосостојба се повеќе се турка во втор план. Со други зборови се повеќе се истакнува нивнато општествено значење на сметка на религиозното", додава Боцев.

Тој посочува и дека како замираат селата се помалку од овие обичаи се зачувуваат, но се случува и селата токму на овие денови кога се случуваат обредите под маски, местата да заживуваат и да се полни со народ. Боцев додава и дека во регионот, па и пошироко во Европа се уште се сочувани обреди со маски, кои имаат големи сличности со оние во Македонија.

Весела е година...

Во пресрет на празникот Василица денеска во 11 часот во Музејот на Македонија ќе се одржи проекција на етнолошки документарни филмови насловена "Весела е година, голем клас на нива", зборови кои се дел од обредните песни кои се пеат на Василица.

Во таа пригода ќе бидат прикажани три филмови поврзани со обредите со маски од домашна и странска продукција. Тоа се филмовите "Си било еднаш во долината Фиеме" - Италија, во режија на Микеле Трентини; "Еден ден во Агнита" - Романија, во режија на Микеле Трентини и "Возот за Мартолци" - Македонија, во режија на Владимир Боцев. Проекцијата ќе биде проследена со дискусија за филмовите и обичаите на кои тие се однесуваат.

Овој настан се реализира во организација на д-р Владимир Боцев, кустос-советник во Етнолошкиот оддел при Музејот на Македонија, кој е и автор на еден од филмовите.

Поврзани

Најнови вести

Коментари