Министерството за култура го објави конкурсот

Нови дела на македонски уметници ќе бидат откупени од државата

Во согласност со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година веќе е распишан и четвртиот конкурс кој ќе биде отворен до 31 март. Конкурсот се однесува посебно за визуелни дела и посебно за скулптури. Од Министерството истакнуваат дека заложбата е да се поттикне домашното уметничко творештво и истовремено да се унапреди статусот на ликовните уметници

Министерството за култура и годинава ќе врши откуп на слики и скулптури на уметници од Македонија. Во согласност со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година веќе е распишан и четвртиот конкурс кој ќе биде отворен до 31. март.

Според одговорните во Министерството, целта е да се стимулира ликовното творештво на авторите, збогатување на музејските збирки во националните установи од областа на културата и за потребите на други државни и јавни установи во Република Македонија.

"Со резултатите на третиот конкурс, стимулативната мерка на Министерството за култура, вкупниот број на откупени дела со кои се збогатуваат институциите од областа на визуелната уметност се заокружува на 163 дела на 119 автори за чијшто откуп Министерството за култура издвои околу 22 милиони денари", велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека приоритет при откупот ќе имаат квалитетни уметнички дела од автори кои дале исклучителен придонес во создавањето, профилирањето и афирмирањето на македонската современа ликовна уметност.

"Овие дела на авторите кои слободно можеме да кажеме дека во изминатите години, со својот творечки и интелектуален потенцијал го градеа достоинството на македонската култура и уметност се денеска дел од фондовите на Музејот на современа уметност, Националната галерија на Македонија и други значајни институции во државата", додаваат надлежните.

Конкурсот се однесува посебно за дела од областа на визуелна уметност, а посебно за скулптури од галериски формат. Конкурсот се во тек, а завршува на 31 март.

Право на учество имаат правни и физички лица кои се сопственици или автори на уметничките дела што се нудат за откуп, а на конкурсот за откуп едно лице може да учествува со најмногу три понудени уметнички дела (скулптури).

Подетални информации заинтересираните уметници можат да добијат на страната на Министерството за култура или на телефоните 02/3240-556 и 3240-554, Одделение за визуелни уметности, архитектура и дизајн.

Од Министерството истакнуваат дека заложбата е да се поттикне домашното уметничко творештво и истовремено да се унапреди статусот на ликовните уметници.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари