Се возобновува најголемиот антички театар

Направена е студија за идеална реконструкција на театарот во Скупи

Според проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство на РМ, досега е конзервирана скената (сценската зграда), а се планира нејзино комплетно возобновување. Во моментов започнува конзервацијата на театронот...

Со проектот "Антички театар - Скупи 2013 - 2017 година" досега се реализирани најголем дел од предвидените фази, а според директорот на Управата за заштита на културно наследство проф. д-р Виктор Лилчиќ -Адамс, направена е студија за идеална реконструкција на театарот во Скупи. Надлежните посочуваат дека илјадници артефакти, како и античкиот театар од 2 век го прават локалитетот Скупи атракција која ќе прерасне во грандиозен музеј на отворено.

"Максимално посветено, со одлука на Владата на Република Македонија го возобновуваме најголемиот антички театар во Република Македонија, театарот во рамките на најголемиот антички град Скупи. И тоа со цел не само да го заштитиме, не само да се гордееме дека не го оставувме во урнатини каков што го откривме со археолошките истражувања, туку да му ја вратиме душата и да го приклучиме кон развојот на современа Република Македонија. Благодарејќи му на Витрувиј (римски архитект) и огромниот број типични исти вакви театри од римско време низ Медитеранот ја интерпретирав архитектонската камена пластика од сите македонски театри во мојата докторска дисертација. Сите овие примери им овозможија на искусните архитекти од Конзерваторскиот центар Скопје да изработат издржана студија на идеална реконструкција на театарот во Скупи#, посочува проф.д-р Лилчиќ-Адамс.

Тој истакнува дека надлежните установи ги имаат сите потребни елементи за неговата реконструкција.

"Иако седиштата се однесени максимално, неколкуте откриени седишта се оригинални, протогени и сите останати ќе бидат исти такви, од полублагородниот оригинален камен травертин. Тука се и сите коридори, и семициркуларните и радијалните, и субструкцијата на дијазомите е солидна, како и скената. Неколку стотини фрагменти и делови од коринтските капители, колонадата, базите, колоните, архитравите, венците од скената се тука, откриени се на самата локација, како и во предвоените истражувања", објаснува проф. д-р Лилчиќ.

Тој додава дека досега е конзервирана скената (сценската зграда), а се планира нејзино комплетно возобновување. Во моментов започнува конзервацијата на театронот.

Од Управата за заштита на културно наследство на РМ посочуваат и дека на античкиот театар во Скупи во периодот од јуни 2013 до мај 2016 година се извршени археолошки истражувања во кои целосно се истражени театронот, оркестрата, додека скената не е доистражена целосно со оглед на тоа што во нејзиниот северозападен дел се наоѓаат современите христијански гробишта. Истражувачкиот тим, пак, како што велат, беше составен од врвни стручни и научни лица специјализирани за античките театри и за локалитетот Скупи.

"По реализацијата на археолошки истражувања, а врз основа на Конзерваторскиот проект изработен од страна на Конзерваторскиот центар -Скопје, конзервиран е истражениот дел од Скената на Античкиот театар во Скупи. За гледалиштето на Античкиот театар, пак, Конзерваторскиот центар подготви идеен и основен проект за конзервација, реставрација и реконструкција. За изведување на работите на гледалиштето на Античкиот театар во Скупи е спроведена постапка за избор за најповолен понудувач и склучен е договор со економски оператор со А лиценца. Согласно Основниот проект, при конзерваторските работи ќе се употреби соодветен материјал за конзервација, како и травертин со исти карактеристики, како и оригиналниот травертин употребен за изградба на Античкиот театар, пронајден при реализација на археолошките истражувања", додаваат од Управата.

Поврзани

Најнови вести

Коментари