Според истражувањата на Паблишер Викли

Најмногу се крадат книгите на Буковски, Бароуз, Делило...

Секој би очекувал да се крадат некои од актуелните бестселери, но се покажа дека крадците во книжарниците имаат многу префинет вкус и дека книгите на Буковски се постојано најмногу крадени, иако веќе има поминато подолг период од неговата смрт

Паблишер Викли, еснафскиот магазин насочен кон издавачите, библиотекарите, литературните агенти и воопшто книгата во Америка, дојде до идеја да истражи кои писатели се наоѓаат на листата на авторите чии книги најчесто се крадат, што, пак, доведе до интересни сознанија. Иако секој би очекувал да се крадат некои од актуелните бестселери се покажа дека крадците во книжарниците имаат многу префинет вкус.

На врвот на оваа листа која опфаќа светски познати автори се најде името на Чарлс Буковски (16 август 1920 - 9 март 1994), писател од Лос Анџелес, роден во Германија, чие пишување е под географско влијание на неговиот роден град. Буковски напишал повеќе од 50 книги и безброј помали текстови. Има богат опус од илјадници поеми, стотици кратки раскази и шест новели. Неговиот стил има влијание врз современите автори и често е имитиран.

Така, Буковски, поет, раскажувач и романсиер со карактеристичен, експлицитен, суров, а понекогаш дури и вулгарен книжевен израз со кој ги опишува хероите од маргините на американското општество, ја има честа неговата дела да се држат на посебни полици во книжарниците.

Само како пример, во една од продавниците на најпознатиот синџир на книжарници во САД "Barnes &; Noble" делата на Буковски се држат на полицата зад касата.

На второто место се делата на одамна починатиот Вилијам Бароуз (5.2. 1914 - 2.8. 1997) кој се смета за еден од најексцентричните писатели. Невообичаената харизма и темниот поглед на светот и животот, инспирирала многу уметници. Тој бил обожаван од Боб Дилан, Пети Смит и Курт Кобејн. Кобејн дури сакал познатиот писател да се појави во улога на лице распнато на крст во спотот на Нирвана за песната "Heart Shaped Box".

Бароуз станал писател благодарејќи на дружењето со Џек Керуак, кој е следниот на листата на автори чии книги најмногу се крадат.

Четвртото место го зазема Пол Остер, автор на "Њујоршката трилогија", а на петтата позиција е Британецот Мартин Амис, автор на романот "Записите на Рејчел", "Лондонски полиња"...

На листата на автори на најкрадените книги во САД е и Дон Делило, познат по насловите "Подземје", "Боди артист", а следи авторот на култната "Параноја" - Хантер Томпсон.
И за крај, на десеттото место е добитникот на Пулицеровата награда, Американецот со грчко потекло, Џефри Еугенидес.

Поврзани

Најнови вести

Коментари