Филмот "Avec l' amour" го прослави даскалот Дионис од Неготино

Ме правеа луд, а сега цел свет знае за моите олдтајмери

"Целта ми беше да направам музеј на стари коли, а Неготино да стане центар на олдтајмери и тоа да биде белег на градот...", вели Дионис Пашлаков, пензиониран професор по биологија од Неготино, кој во својата колекција веќе има 109 стари коли, иако самиот, како што вели, вози моторче... Тој е и главниот протагонист на документарецот "Avec l' amour" (Со Љубов) на режисерот Илија Цветковски, кој својата светска премиера ја имаше во Торонто, беше прикажан во Минхен, а на Сараево филм фестивал освои награда...

"Ми се подбиваа и ми викаа, Даскале, продај ги овие ѓубриња, купи си една кола и вози се како човек... Не можев да ги убедам дека овие стари коли што со години ги собирав имаат вредност. Сакав Македонија да влезе во Западот со тоа што ќе ги цени олдтајмерите како културно наследство, како историја на автомобилизмот во Македонија и како туристичка атракција. Целта ми беше да направам музеј на стари коли, а Неготино да стане центар на олдтајмери и тоа да биде белег на градот...", вели Дионис Пашлаков, пензиониран професор по биологија од Неготино, кој во својата колекција веќе има 109 стари коли, иако самиот, како што вели, си вози моторче...

Тој е и главниот протагонист на документарниот филм "Avec l' amour" (Со Љубов) на режисерот Илија Цветковски, филм за една пасија и еден сон, кој својата светска премиера ја имаше во Торонто, беше прикажан во Минхен, а на Сараево филм фестивал освои награда... Така светот дозна за сонот на даскалот Дионис од Неготино, а весниците пишуваа дека и славниот Спилберг за филмот кажал дека е - за Оскар.

Секоја кола со своја приказна

"Се почна од еден "трабант" купен на старо во '92 година. Беше крш, но го реставрирав и тоа ме завлече. Го знаев во детали, ми беше многу убав, како што на секоја мајка детето и е најмило, а за секој уметник неговите дела најубави затоа што во нив внесува дел од себе. Потоа купив "опел олимпија" на старо и решив да ја реставрирам, и сфатив дека не можам да се откачам. А сакав само да си направам колекција на опели, лично за мене, потоа почнав со ситроени... И така една по една, на секои три до четири месеци купував стара кола. Платата и ја давав на жена ми, но хранарината ја чував за да можам да купувам коли. Пред да почнам да собирам, имав и мотоцикли и фиќо во дворот, но нив ги дадов по сугестија на жена ми која ми викаше "продај го овој крш, смета во дворот„. Но потоа и кажав, се што ќе купам понатаму да не си ми рекла, не продавам ништо. Потоа купив и плац бидејќи требаше простор за да ги сместам сите тие возила.

И сето тоа го направив со една даскалска плата. Некои викаат не е можно. Можно е ако стегнете душа, можно е бидејќи не се скапи. На времето ги возеа и не ги даваа, но со дозволување на увозот им падна цената на олдтајмерите. Успеав и да отворам музеј во 2015-та, да се афирмира малку општината. Еве сега и странци доаѓаат и станува актуелно", вели даскалот Дионис, во чија интересна колекција имавме прилика и самите да се увериме.

А во колекцијата стари опели, ситроени, фиати... Секој со своја приказна. Ни ја покажа и најстарата кола на плацот, каде само половина се заштитени, под стреа, и затоа, како што вели, потребна му е поддршка и од локалната самоуправа и од другите за да се направи хала и да се заштитат колите од пропаѓање...

"Олимпија" од 1950 година е најстара, таа била брза помош во Ресен. Имам коли од 55-та, 62 година, кадети од 67-ма и 68-ма. На Роџер првото возило што го стави во Трговски центар е тука.

Тука е и "опел манта бе" кој се спомнува и во филмот и за која барам пари од жена ми на заем. Интересен е и "опел капитен" од 56-та, во неа се возел Лазар Колишевски, првиот претседател. Имам и чеза, запрежна кола од Првата светска војна кога ги носеле ранетите, трактор "штаерн".

Рено од Англија, трактор, чеза од Првата светска војна...

Тука е и "рено 6" и редок е оти е за англиски пазар, со десен волан. Секој ден седам внатре и го анализирам. Има интересна историја. Двајца стари Англичани оделе со неа во Грција на одмор. Се запознале со еден шофер од селото Требник и тој ги убедил до Англија да одат со авион, а колата да ја остават кај него. Арно ама, една зима умираат двајцата и колата му останува како експонат.

Одвај го кандисав да ми ја продаде. "Ситроен ДС" исто така имам, во таква се возел Шарл де Гол, првиот претседател на Франција..., раскажува Дионис и додава, ...последното ветување кон жена ми, чесен пионерски збор, беше дека до 111 ќе одам, а ќе видиме како ќе биде, може и 122 да бидат. Последната ми е мерцедесот што ми ја дадоа поклон од Свети Николе#, раскажува Дионис.
А тука се и стари раритетни мотоцикли...

"Од татко ми останаа и двата стари велосипеди со мотор. Јас го возев едниот како гимназијалец. Сакам да го комплетирам и да стане експонат како фамилијарно наследство. Во тоа време беа реткост, го возевме седумдесеттите..." се потсеќа Дионис.

А на самиот плац, само неколку километри од градот, Музејот на олдтајмери, градба која станува претесна, и во неа - десетина реставрирани коли и мотоцикли, стари таблици, разни видови раткапни, дури и едрилица... И книга на впечатоци...

"Млади луѓе ми доаѓаат. Македонија беше жедна за нови автомобили, а сега веќе кога донесовме нови возила, овие стари канти станаа интересни, има се повеќе колекционери. Постојано доаѓаат посетители, дојдоа и двајца моторџии од Австрија со пухови од 62-ра. Мислеа дека колите се од странство купени, но сите се купени од Македонија. Сите се собрани на едно место и поголем дел од тоа што се возело по македонските патишта е тука. И 60 возила да се реставрираат од сите овие е доволно... Беа и од Полска, од Австралија... откако го гледале филмот. Иако ми се потсмеваа на почетокот, откако е снимен филмот се смирија духовите. Важно филмот постигна респект во Македонија, беше претставен во Торонто, Минхен, па Сараево... потоа во Скопје, Битола, а ќе биде прикажан во други градови. Сега и жената и синовите видоа дека идејата не е луда, туку има некоја основа. А малкумина знаат дека режисерот всушност бил ученик на даскалот Дионис.

Даскал во француска паралелка

"Јас предавав биологија во француска паралелка, прва во Македонија. Од Француска амбасада не праќаа во Франција по месец дена на дообука на јазик и од тука ми е таа љубов освен за опели и за ситроени. И на првата посета на францускиот амбасадор на нашата гимназија јас се дрзнав да донесам 5-6 француски возила пред гимназијата, делумно реставрирани. Дури директорот и педагогот ме караа: "Зошто Дионис ги пикаш џубрињата тука, тие ќе дојдат со свои коли". Направив изложба и за амбасадорот Валеро, а потоа и за Шлумбергер. Беше фасциниран, 15 минути се врткаше околу колите. Дури кога виде дека поседувам "солекс" моторче се фасцинираше и ми кажа: "Јас со ова завршив студии во Париз, сега ми е криво што го дадов". Дури и моите ученици се анимираа и ми кажуваа за стари коли, а еден од учениците ми беше и Илија, кој потоа отиде на студии за филм. Еден ден се појави и ме праша, може ли да направиме пробно снимање. Доаѓаше насекаде со мене, ми викаше: "Ти терај си ја работата и не не забележувај. Нека биде се природно. Зборувај си, пцуј си на дијалект, сакам да биде се автентично, без сценарија, без намештаљки". И така го сними филмот...

А даскалот Дионис познат и почитуван меѓу колекционерите, додава: "Сум организирал и ќе организирам изложби на олдтајмери и сам ако треба ќе финансирам, но само се плашам дека нема да имам поддршка да го реализирам сонот до крај..."

И како што самиот на крај ни кажа "се водам според мотото 'човекот вреди онолку колку што ќе остави зад себе'. Убаво би било ова да стане туристичка атракција. Јас нема да профитирам, јас парите ги дадов. Се тешам со тоа дека ќе остане зборот - Дионис, тој вампир стар, даскал, остави трага, направи музеј и градот да има корист од туристите...".     (Д.Т.)   Фото: S. Плавевски

Најнови вести

Коментари