Еден од десетте најголеми фестивали за класична гитара во светот

Македонскиот музичар Дарко Багески на Guitar Art Festival во Белград

Освен солистички концерт Багески ќе има настап и со пет гитаристи од републики на поранешна Југославија. Тие се избрани во проектот "Гитарски интеграции#, а познатиот гитарски композитор Карло Доменикони специјално за нивниот настап напиша дело за шест гитари, кое светската премиера ќе ја има на овој фестивал

Македонскиот музичар по класична гитара Дарко Багески утре ќе има солистички концерт на Guitar Art Festival во големата сала на Домот на млади во Белград. На овој музички собир кој е еден од десетте најголеми и најпрестжини фестивали за гитара во светот, Багески ќе има уште еден концерт - на 24 март кога ќе настапи со пет гитаристи од републики на поранешна Југославија.

Тие се избрани во проектот "Гитарски интеграции", а познатиот гитарски композитор Карло Доменикони специјално за нивниот настап напиша дело за шест гитари, кое светската премиера ќе ја има на фестивалот во Белград.

На солистичкиот концерт Багески во првиот дел ќе свири дела од Мерц, Бариос, Џулијани, во вториот ќе се претстави со композиции од Реис. Концертот ќе го заврши со традиционална македонска песна во негова транскрипција.

Белградскиот фестивал во најавата наведува дека Багески е истакнат македонски солист по класична гитара кој настапува низ светот веќе 20 години.

"Музичката критика, како и публиката, ја оценуваат интерпретацијата на овој гитарист како особено впечатлива од причини што тој со својата вдахновеност и емоционалното доживување и претставување на делата, успева да допре до секој слушател. Токму од овие причини Дарко Багески во своите концертни програми избира композиции, кои и кога само ги пее, во него будат колоритни емоции, возбуда, задоволство и уживање", пишува во најавата за првиот концерт на Багески пред белградската публика.

Багески (1981) е вонреден професор по гитара на Факултетот за музичка уметност во Скопје, одржува мастеркласи на меѓународни фестивали и натпревари и често е член во жиријата. Музичкото образование го почнал во Скопје, матурирал во Средно музичко училиште во Загреб, а дипломирал на Високата школа за музика "Франц Лист" во Вајмар, Германија. Магистрирал на Државниот конзерваториум за музика во Солун. Се едуцирал кај еминентни професори по класична гитара, како: Џевдет Сахатџија, Герхард Рајхенбах, Јурген Рост, Костас Коциолис...

Имал голем број солистички концерти во Македонија, Хрватска, Србија, Германија, Грција, САД, Шведска..., настапувајќи како солист со камерни оркестри и со Македонската филхармонија.

Најнови вести

Коментари