Премиерата "Ноќ" го отвора фестивалот МИТ во Подгорица

Македонски режисер, српска легенда и црногорски театар - светска приказна!

"Приказната за растурање на семејството е локална, но исто така и светска тема. Ова е приказна за судирот на старата традиција и новото време, а во тој баланс се наоѓа уметноста на живеењето на Балканот. Овој текст е за тоа. Како да се пронајдеме во тој раскол од она што било и што доаѓа. Имав можност да работам со еден од најголемите актери на Балканот, Петар Божовиќ...#, вели режисерот Цветановски

Со премиерната изведба на претставата "Ноќ", во режија на македонскиот режисер Андреј Цветановски, а според текстот на црногорскиот писател Александар Радуновиќ, денеска во Кралскиот театар "Зетски дом# во Подгорица, ќе биде отворен фестивалот "МИТ 2017".

Актерскиот ансамбл, кој го сочинуваат легендарниот српски актер Петар Божовиќ, како и Ана Вујошевиќ, Никола Перишиќ и Марко Тодоровиќ, на сцената ќе ја оживее приказната за едно семејство, сместена во една ноќ. Тоа е приказна за една љубов, растурена и изгубена, и за едно промашено време во животот.

"Приказната за растурање на семејството е локална, но исто така и светска тема. Радуновиќ напиша одличен текст. Ова е приказна за судирот на старата традиција и новото време, а во тој баланс се наоѓа уметноста на живеењето на Балканот. Овој текст е за тоа. Како да се пронајдеме во тој раскол од она што било и што доаѓа. Имав можност да работам со еден од најголемите актери на Балканот, Петар Божовиќ, како и со помладите црногорски актери", вели Цветановски.

Авторот Александар Радуновиќ, пак, пред премиерата изјави:

"Сигурен сум дека семејството, поточно она што значи да се расте и живее во таква заедница, во голема мера го одредува човекот, па не изненадува што многу великани на драмата од Есхил, Софокле и Еврипид, преку Шекспир и Молиер, до Ибзен, Чехов и многу други, се бавеле токму со феноменот на семејните врски. По се, човечкиот воајерски импулс обично е насочен кон оние најинтимните и добро скриени настани во животот на еден човек, па се чини дека архетипските слики на врската: мајка-ќерка, татко и син, и обратно, во голема мера го одразуваат она што се случува на поширок план кога станува збор за меѓучовечки односи".

Во претставата "Ноќ", актерот Петар Божовиќ го толкува човекот кој е на умирање, кој создал имот, но и ја презел целата власт во семејството, со што се одалечил од своите деца. Неговата сопруга и двајцата синови, еден пијаница, а друг избеган од дома поради сексуалната ориентација се жртви на неговите грижи и посветеноста.

"Авторот храбро се зафатил со проблемот кој е тука пред нас, а кој често се правиме дека не го забележуваме. Без сомнеж, талентиран, тој ни даде голем предизвик и задача. Како да излеземе од тоа?- Мислам дека ќе успееме. Многу сум љубопитен како публиката тоа ќе го прими", изјави славниот актер.

Драматург е Божо Копривица, сценограф Сергеј Светозарев, костимограф Лина Лековиќ, а музиката е на Рамбо Амадеус.

По отварањето на фестивалот "МИТ 2017" (кој ќе трае до 28. септември) со претставата "Ноќ", која ќе има и репризна изведба на 15 септември, следат претставите кои ја одбележаа театарската година во регионот. Публиката ќе ја види "Трудна приказна" на Театар Комедија од Скопје, "Отело" и "Ладало" на Народен театар Битола, "Велика биљежница" на Загребачко казалиште младих, а сараевски МЕСС ќе се претстави со представите " Кокош" и "What is Europe", а ќе биде прикажан и европски театар преку италијанско-белгијска копродукција на "Антигона". На ова издание на МИТ ќе бидат одржани три концерти: Стефан Миленковиќ ќе свира со Црногорскиот симфонијски оркестар, а ќе настапи и гитарското дуо Булатовиќ-Никчевиќ, како и Влатко Стефановски.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари