За Влатко Стефановски не постојат граници

Македонски гитарист и словенечки оркестар - маестрален концерт!

Како што кажа и самиот Влатко Стефановски "уживаме додека свириме за вас" на завчерашниот концерт со Биг бенд оркестарот на словенечката војска во Метрополис арената во Скопје, така и публиката уживаше слушајќи ја нивната изведба и наградувајќи ја секоја песна со бурен аплауз и овации

Во Метрополис арената во Скопје завчеравечер присутните имаа ретка можност да уживаат во неверојатен музички спој на македонски музичар со словенечки оркестар. Соработката на нашиот светски познат гитарист Влатко Стефановски со извонредниот Биг бенд оркестар на словенечката војска, колку и да звучи необично, резултираше во одличен концерт.

Нашиот музичар и оркестарот од Словенија понудија вистинско двочасовно музичко уживање со веќе добро познати песни, преработки на македонски композиции кои на неколкупати ја кренаа публиката на нозе, а беа отсвирени и неколку странски нумери.

А додека виртуозот на гитара заедно со маестралниот словенечки воен оркестар ги свиреа, а со помош на вокалите од Словенија и пееја познатите нумери публиката со задоволство им се придружи.

Под диригентската палка на Рудолф Стрнад, кој целосно и со очигледно огромно задоволство се внесе во својата улога, се свиреа и пееја песните "Не си го продавај Кољо чифликот", "Џипси Меџик", "Чувам ноќ од будних", "Јовано Јованке", Учи ме мајко карај ме", "Калајџиско оро", "Стратус"..., а своите соло минути на сцена ги имаше и оркестарот, но и Влатко Стефановски кој ја отсвире и "Успаванка за Радмила М" и "Бистра вода".

Дел од програмата беше и нумерата од Изидор Лајтингер посветена на Влатко Стефановски "Суита ЉУаси Балканика"...

И како што кажа и самиот Влатко "уживаме додека свириме за вас#, така и публиката уживаше слушајќи ја нивната изведба и наградувајќи ја секоја песна со бурен аплауз и овации.

Во атмосфера на заемно задоволство концертот ги оправда очекувањата на присутните кои по завршувањето на последната нумера побараа бис.
Така, оваа музичка вечер во која присутните уживаа од почеток до самиот крај заврши со повторната изведба на две песни кои беа поздравени "на нозе".

Веднаш по скопскиот концерт истата постава има закажан и настап пред публиката во Белград кој вечерва треба да се случи во Сава Центар.
Овој проект кој самиот Стефановски го нарекува музичка авантура, е ретка можност за поинакво, но маестрално музичко доживување.

Поврзани

Најнови вести

Коментари