Учество на меѓународен филмски фестивал

Македонија со "Насоки" во Кан

Филмот е копродукција помеѓу Бугарија, Германија и Македонија и претставува современа драма чие дејство се одвива во рамките на 24 часа, каде во шест такси возила се испреплетуваат судбините на група луѓе - херои од сегашната балканска реалност

Македонија годинава повторно е дел од програмата на Канскиот филмски фестивал, овојпат преку Сектор филм Продукција и Агенцијата за филм на РМ со најновата копродукција "Насоки" во режија на Стефан Командарев. Долгометражниот игран филм "Насоки" е селектиран да учествува во конкуренцијата на престижната програма "Извесен поглед" / "Ун Цертаин Регард" на јубилејното 70. издание на Канскиот филмски фестивал, кој годинава се оддржува од 17 до 28 мај.

Филмот е копродукција помеѓу Арго Филм од Бугарија, Актис Филм од Германија и Сектор Филм од Македонија. Финансиски филмот е поддржан и од Бугарскиот национален филмски центар, Регионалниот филмски фонд МДМ и Европскиот филмски фонд Еуримаж.

"Насоки" е поддржан како малцински проект од страна на Агенцијата за филм на РМ со 3.4 милиони денари, додека вкупниот буџет изнесува 634.485 евра.

Филмот е копродукција помеѓу Бугарија, Германија и Македонија и претставува современа драма чие дејство се одвива во рамките на 24 часа, каде во шест такси возила се испреплетуваат судбините на група луѓе - херои од сегашната балканска реалност. Во тоа деноноќие сме сведоци на некои од реалните проблеми, па дури и апсурди на денешното општество на овие простори.

Преку очите на таксистите и клиентите низ улиците, полека ја насетуваме шареноликоста на секојдневието, дури и со своите најтемни нијанси. Поединечните приказни се обединети од една смрт, која сепак ќе даде шанса за нов живот.

Ова се приказни за очајот и надежта за бегство, за прифаќањето и одмаздата. За љубовта и рамнодушноста, за посветеноста и осаменоста, поврзани во една радио емисија, која поставува прашања, но не дава одговори. Приказна за насушната потреба од трансплантација за цело едно општество, кое нема друга шанса за живот, освен со ново срце.

Покрај режијата на филмот, Стефан Командарев се потпишува и како сценарист на ова остварување, заедно со младиот талентиран драматург Симеон Венциславов. Македонскиот дел на авторската екипа ја сочинуваат костимографот Жаклина Крстевска и шминкерот Мартин Павловски. Продуценти на филмот од Македонија се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.

Поврзани

Најнови вести

Коментари