Нова хит претстава на Театарот за деца и младинци

"Мачорот во чизми" - детско шоу со магија и илузии...

"Создадовме претстава во која покрај децата ќе уживаат и нивните родители, бајка во која доминира магијата, илузијата, илуминацијата на бои и светлина. Ова е многу динамична и интерактивна приказна во која секое дете ќе ужива. Во оваа претстава и чизмните зборуваат, играат, танцуваат...", вели режисерот Ивковиќ

"Мачорот во чизми" на Шарл Перо во режија на Игор Ивковиќ и драматизација на Горјан Милошевски, е нова претстава на Театарот за деца и младинци од Скопје, која најмладите ќе можат премиерно да ја видат вечерва во 19 часот.

Како што се вели во најавата, претставата е своевидно магионичарско-илузионистичко шоу, во кое како ретко каде магионичарските трикови се во функција на создавање на уште едно добро дело... Како што вели и самиот режисер, намерата била да се создаде херојска, динамична и урбана комедија.

"Создадовме претстава во која покрај децата ќе уживаат и нивните родители, бајка во која доминира магијата, илузијата, илуминацијата на бои и светлина. Ова е многу динамична и интерактивна приказна во која секое дете ќе ужива. Во оваа претстава и чизмните зборуваат, играат, танцуваат...", вели режисерот Ивковиќ, кој додаде дека претставата е подготвена со голема посветеност на целиот тим.

Во претставата како Мачорот Макс се јавува Мартин Јорданоски, Ѕверот волшебник Ужвекс кој го напаствува кралството е Мики Анчевски, а Винета Дамчевска-Мојановска ја глуми принцезата Сесилија и старата жена. Во улогата на кралот се појавува Владимир Лазовски, а во претставата играат и Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова, Ана Левајковиќ и Ненад Митевски. Покрај осумте актери во претставата е ангажиран и маѓионичар.

Драматургот Горјан Милошевски, пак, посочи дека било посебно интересно да се работи на оваа бајка.

"Во оригиналната бајка мачорот е многу пргав, манипулатор и лаже, и помислив, би можело сето тоа да биде малку покреативно, не мора да лаже и да биде манипулатор, туку може да биде духовит и со пргав дух. Така, создадов мачор кој ги обединува сите. Тој не е сам суперхерој, туку му треба екипа. Идејата е да се пренесе заедничкиот дух кој се бори против злото", додаде Милошевски.
За магијата во претставата е ангажиран илузионистот Георги Гавровски кој рече дека за публиката да поверува во магијата, треба и самиот магионичар да верува во она што го работи.

"Ова ќе биде хит во Македонија, а претставата ќе има голем успех и надвор од државата", рече илузионистот.

Музиката за претставата е на Виктор Апостоловски, кореограф е Валентино Апостоловски, сценографијата и костимите ги изработи Маре Трајковска-Стефаноска.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари