Интернационален литературен фестивал

Издавачи од Франција, Србија и ОАЕ на "Про-за Балкан" во Скопје

Тројца познати издавачи - Емануел Колас од Франција ("Галад едисион"), Тамер Саид од Обединетите Арапски Емирати ("Групација Калимат") и Ненад Шапоња од Србија ("Агора") ќе учествуваат на Интернационалниот литературен фестивал "Про-за Балкан" што ќе се одржува од 28 до 30 мај во Скопје.

Тие ќе бидат гости во рамките на програмата "Скопје фелоушип", чија цел според организаторот на фестивалот "Икона", е да ги запознае важните имиња од светот на издаваштвото со македонската книжевна сцена.

Од средбите се очекува да произлезат нови преводи, гостување на писатели од Македонија во странство, промоција на литературата од Македонија, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со нивните колеги од Европа и светот.

Инаку, Емануел Колас е основач на "Галад едисион" во 2005 година. Издавачката куќа има портфолио од повеќе од 150 книги (12 книги годишно).

"Од Македонија веќе сум ги прочитала Луан Старова, Живко Чинго, Ташко Георгиевски, Гоце Смилевски, Горан Стефановски, Александар Прокопиев, Винка Саздова и Лидија Димковска. Многу сум љубопитна за современата македонска литература и затоа посетата на Македонија, а особено на учеството на програмата "Скопје фелоушип" би можела да биде многу корисна за мене, за да дознаам и разберам повеќе за историјата, културата и политиката, литературата и издаваштвото во Македонија", ја пренесува "Икона" изјавата на Колас.

Тамер Саид, пак, е дел од издавачката индустрија на ОАЕ петнаесетина години. Почнал да работи во Јербоа Боокс, Дубаи, како издавач, пред да стане менаџер за продажба во "Китаб", организатори на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби. Во 2010 година бил назначен за менаџер за планирање и развој на Асоцијацијата на емиратските издавачи (ЕПА) и на одборот за книги за млади луѓе на ОАЕ. Вршел надзор на неколку иницијативи за развој на издавачката индустрија во Емиратите и бил вклучен во менаџирањето на наградата за арапска литература за деца Етисалат.
Ненад Шапоња е сопственик и главен и одговорен уредник на издавачката куќа "Агора#. Уредувал и објавил повеќе од 300 наслови, од кои дел се добитници на најпрестижните книжевни награди во Србија.

Гостите од "Скопје фелоушип" за време на фестивалот ќе се сретнат со членови на Македонската асоцијација на издавачи. Наредната недела ќе биде објавено името на добитникот на наградата "Прозарт#, како и сите гости на фестивалот "Про-за Балкан".

Поврзани

Најнови вести

Коментари