Премиерно во Театарот за деца и младинци

Гига мега бајка - една сосема поинаква приказна...

"Гига мега бајка" е приказна која ја поттикнува имагинацијата кај децата и кај возрасните. Во неа се преплетуваат фрагменти од познатите приказни "Црвенкапа" и "Заспаната убавица", како и една измислена бајка. Деловите од познатите приказни се сосема преработени и повторно обмислени со суштински промени на ликовите и ситуациите

"Гига мега бајка" е наслов на најновата претстава на Театарот за деца и младинци која на најмладите им ја поттикнува фантазијата, а родителите ги тера да размислуваат за можните начини на раскажување приказни, за тие никогаш да не бидат - здодевни.

Претставата премиерно ќе биде прикажана во Театарот вечерва во 19 часот, а четворица актери ќе се потрудат да раскажат бајка по нивен терк со нови комични идеи кои сигурно ќе ги заинтересираат и забават и децата и нивните родители.

-Во "Гига мега бајка#се преплетуваат фрагменти од познатите приказни "Црвенкапа# и "Заспаната убавица#, како и една измислена бајка. Деловите од познатите приказни се сосема преработен и повторно обмислени со суштински промени на ликовите и ситуациите. Ова раскажување е со цел да се пренесат повеќе пораки: постојано треба да ги освежуваме познатите приказни, да ги правиме поинтересни, да ги соединиме со духот на модерното време и да оставиме многу простор за нашата фантазија. Треба да ги слушаме импровизациите на децата и секој да биде свој во раскажувањето#, велат од Театарот за деца и младинци.

Режисерката Хана Миленковска која го предводи младиот тим кој се зафати со најновиот проект, пак, истакнува дека идејата е да се отстапи од она што децата го знаат како популарна приказна и да се направи модерна деконструкција.

"Најважно беше да воведеме нов шаблон на нарација со која децата во иднина ќе можат да се служат кога ќе создаваат сопствена приказна. Идејата е дека сите можеме да бидеме креатори на сопствени светови. Ова е бајка каква и јас сакам да слушнам", вели режисерката.
Според авторот Горјан Милошевски, понуден е свеж концепт на раскажување на познатите приказни, со цел тие да не станат досадни.

"Раскажувањето е дијалог, а целта на оваа бајка е да се поттикне фантазијата на децата. Притоа во претставата е направена комплетна промена кај ликовите и нивните особини. А за тоа придонесоа енергични и духовити актери, како и целиот тим", вели Милошевски.

Во претставата играат Бојан Кирковски, Симона Спировска, Мартин Јордановски и Мики Анчевски. Музиката е на Виктор Апостоловски, кореографијата на Валентино Апостоловски, а за интересна кореографија и сценографија, за која режисерката вели дека се создава на самата сцена, се заслужни Елена Додевска и Владимир Лукаш.

Поврзани

Најнови вести

Коментари