Разговор со Стефан Димовски за акварелот, магијата, уметноста...

Делото останува да сведочи за инспирацијата и како ехо да провоцира

Љубителите на ликовната уметност во Галеријата КО-РА во Скопје имаат можност да ја проследат изложбата на македонскиот уметник Стефан Димовски кој долги години престојувал во Франција, каде изложувал и е наградуван. Тој пред македонската јавност овојпат се претставува со 40-тина дела на изложбата, која како што вели самиот уметник, претставува еден експериментален приказ на можностите на акварелот како техника да се комбинира со други медиуми...

Ова е вашата петта самостојна изложба. Со што овојпат се претставувате пред македонската јавност?

Димовски: Изложбата е еден експериментален приказ на можностите на акварелот како техника да се комбинира со други медиуми како акрилик, колаж, пастел, сепија, пигменти и останати медиуми. Примарниот акцент е даден на акварелот, но во одредени сегменти и кај одредени дела доминира колажот, или пак само суптилно се надоврзува акриликот....се тоа во зависност од моменталниот набој и експлозијата на енергија која се создава при цртањето. Повеќето од делата се работени во 2017 година, но присутни се и дела од последните неколку години кои го прикажуваат континуитетот, а воедно и укажуваат на еволуцијата во творештвото.

Која беше инспирацијата за делата претставени на оваа изложба која на отварањето беше една од најпосетените во Галеријата КО-РА?
Димовски: Инспирацијата кога ќе се соедини со поривот за творење, и со енергијата која во моментот на творење мора да биде на високо ниво, тогаш се создава делото кое претходно лебдело некаде во безвоздушниот простор во мислите и подсвеста во уметникот. Актот на творење е кулминацијата на сите овие сегменти и со негово завршување се замрзнува дел од времето, кое останува да сведочи за моменталните инспирации и како ехо да ја провоцира публиката и критиката во иднината. Инспирација пронаоѓам во убавината на животот, во семејството, сопругата, синот....ја акумилирам и чекам да порасне до ниво кога мора да биде пренесена на платно или на хартија.

Како всушност започна вашата приказна поврзана со уметноста?
Димовски: Привилегијата да се родам во уметничко семејство, да го живеам секој миг од детството опкружен со уметност, и да бидам присутен на бројни изложби, да посетувам инспиративни атељеа на разни уметници од земјава и странство предизвика модификација на мојот ген каде што културата е високо инкорпорирана. Секојдневното присуство во атељето на мојот татко, кое на почетокот во детството беше повеќе доживеано како посета на еден чудесен нов свет, опкружен со бои, алати, машини, и какви уште не предмети...подоцна резултира со трајно всадување на љубовта кон уметноста. Долгогодишниот престој пак во Франција и запознавањето со француската уметност ми овозможи дополнително да ја продлабочам љубовта кон уметноста, и да изградам перцепција за истата на еден мошне поинаков начин.

Како син на еминентен скулптор колку имавте помош, поддршка или можеби критики во текот на вашето бавење со уметноста?

Димовски: Помошта и подршката која ја добивам од својот татко е од огромно значење за мене, а секојдневните совети и безброј пренесени директни искуства многу влијаат на моето творештво. Животното искуство и неговите погледи кон животот и уметноста успешно и ненаметливо ми ги има пренесено за што сум бескрајно благодарен. Во однос на критиката, секако дека е присутна и добредојдена, од мојот татко како стручна критика а од мојата мајка и од сопругата како сугестија и мислење и нивно видување за делата.

Како би го коментирале интересот на јавноста во Македонија за ликовната уметност и конкретно за техниката што ја користите?

Димовски: Генералната перцепција е дека постои ограничен затворен круг на љубители на уметност кои се присутни и ги следат сите настани и збиднувања, и кои секако се интересираат и за моето творештво, кое за многумина предизвикува реакција и посебна емоција. Целта и мисијата на авторите од било која област на културата ја гледам како можност за проширување секој на својот круг на љубители на творештво, на тој начин подигнувајќи го општото културно ниво во државата.

На што следно работите и дали се во план гостувања и во други градови во државата и надвор?

Димовски: Следен проект кој што е во фаза на подготовка и финализирање е да ја пренесам оваа изложба во Сеул, Јужна Кореја, и да ја запознаам тамошната јавност со моите дела. На иницијатива на луѓе од Кореа, и нивна желба за мое претставување на нивната сцена, во план е отварање на моја самостојна излжба во Сеул во месец декември. Исто така следат и сите групни изложби на ДЛУМ на кои активно учествувам. (Д.Т.)

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари