СОВЕТИ ОД ТОЛСТОЈ КОИ ЌЕ ВЕ НАПРАВАТ ПОДОБРИ И ПОСРЕЌНИ ВО ЖИВОТОТ

Да е жив Толстој би не советувал да научиме занает наместо да трошиме време на твитови и пораки!

Лав Толстој (1828-1910) бил припадник на руското благородништво, а неговото семејство поседувало голем имот и стотици слуги. Во младоста животот на благородникот бил исполнет со разврат, неморал и насилство...

За уметноста на живеењето можеме многу да научиме од романот "Војна и мир" на Толстој, кој верно ги прикажува човековата суета и лудост, сексуална љубомора и семејни односи. Но, исто така, многу можеме да научиме и од животот на самиот романописец...

- Убивав луѓе во војните и ги предизвикував на двобои за да ги убијам. Губев на карти, експлоатирав селани, ги осудував на казни, живеев раскалашено, мамев луѓе... така живеев десет години..., напишал.

Но тој постепено го отфрил својот декадентен начин на живот, како и наследените уверувања за своето аристократско потекло, усвојувајќи радикален, неконвенционален поглед на светот кој ги шокирал неговите современици.

Како неговото животно патување може да ни помогне да ја преиспитаме сопствената филозофија на животот?

1. Бидете со отворен ум

Еден од најголемите таленти на Толстој била неговата способност и подготвеност да го смени својот став врз основа на новите искуства. Ужасното крвопролевање на кое бил сведок додека војувал на Крим во 1850-те години го претворило во пацифист. Во 1857 година откако видел јавно погубување на гилотина во Париз – никогаш не го заборавил тапиот удар на исечената глава кога паднала во кутијата – станал убеден противник на државата и нејзините закони, верувајќи дека владите не се само брутални, туку суштински во служба на богатите и моќните.
"Државата е заговор. Отсега никогаш нема да и служам на ниту една влада никаде" – му напишал на еден свој пријател. Толстој бил на пат да стане анархист. Тој би бил првиот кој би не охрабрил да ги преиспитаме фундаменталните уверувања и догмите со кои сме растеле.

2. Негувајте емпатија

Толстој покажувал невообичаена способност за емпатија, ставајќи се во положбата на луѓето чии животи биле драстично поразлични од неговиот. За време на 1860-те не само што облекол селска облека, туку почнал и да работи заедно со еманципираните работници на својот имот, орајќи полиња и поправајќи ги нивните домови со сопствените раце.
За благородниците со сина крв ваквото однесување било неверојатно. Иако несомнено тука имало патерналистички однос, тој уживал во друштво на селаните и свесно ги одбегнувал аристократските елити во градовите. Толстој верувал дека никогаш не можеш да го разбереш животот на другите луѓе додека сам не го искусиш.

3. Направете нешто за другите

Тој, исто така, се разликувал од другите припадници на повисоката класа заради тоа што преземал конкретни активности за да им го олесни тешкиот живот на другите луѓе, што најдобро се гледа од неговата работа на пружање помош на гладните. После пропаднатата жетва во 1873 година, Толстој престанал да ја пишува Ана Каренина на една година за да организира помош за гладните, притоа во една прилика велејќи му на еден свој роднина: "Не можам да се одвојам од живите суштества, за да се бавам со измислени."

Неговите пријатели и семејството мислеле дека е лудо еден од најдобрите романописци на светот да остави настрана едно од своите ремек-дела. Тој истото повторно го сторил во 1891 година кога завладеал глад, работејќи две години во јавни кујни и собирајќи пари. Можете ли денес да го замислите најдобро продаваниот писател како ја остава својата најнова книга за две години да работи како хуманитарец?

4. Совладајте ја вештината на едноставно живеење

По менталниот крах кон крајот на 1870-те години Толстој ја отфрлил сета организирана религија, вклучувајќи ја и православната црква со која пораснал. Ја прифатил револуционерната гранка на христијанството заснована на духовно и материјално воздржување. Престанал да пие и да пуши и станал вегетаријанец.
Исто така, го инспирирал создавањето на утописките заедници во кои се живее едноставно и самостојно и каде сиот имот е заеднички. Овие заедници се рашириле низ светот и биле инспирација за Ганди да го основа ашрамот во 1910, кој е наречен Фарма на Толстој.

5. Чувајте се од своите контрадикции

Овој нов, едноставен начин на живот имал свои борби и контрадикции. Толстој е познат по тоа што проповедал универзална љубов, а сепак постојано се карал со својата жена. Освен тоа, апостолот на еднаквост никогаш не бил во состојба во целост да го напушти своето богатство и привилегиран начин на живот. Доживеал длабока старост во огромна куќа со слуги.
Но на почетокот на 1890-те успеал – спротивно на желбите на своето семејство – да се откаже од авторските права на голем дел од својот книжевен опус, жртвувајќи вистинско богатство. Имајќи ја предвид привилегираната позиција од која Толстој го почнал својот живот, неговата лична трансформација, иако не потполна, тој сепак го заслужува нашето воодушевување.

6. Научете некој занает

Толстој сфатил дека постигнувањето рамнотежа меѓу умот и телото е есенцијален дел од неговиот креативен процес. Не само што редовно го оставал моливот за да води коњ со плуг за орање преку полето, туку ги држел косата и пилата потпрени на ѕидот покрај својата работна маса.
Во последните години од својот живот, кога писателите и новинарите доаѓале да му оддадат почести на брадестиот мудрец, секогаш се изненадувале кога ќе го затекнеле еден од најпознатите писатели во светот наведнат над чевларски алат како прави чифт чизми. Да е жив денес Толстој, тој сигурно би не советувал да научиме некој занает наместо да трошиме толку слободно време на твитови испраќање виртуелни пораки.

7. Раширете го својот круг

Најважната животна лекција на Толстој е да сфатиме дека најдобар начин да ги преиспитаме своите претпоставки и предрасуди и да развиеме нови начини на гледање на светот, е да се опкружиме со луѓе чии ставови и стил на живот се разликуваат од нашите. Во Воскресение тој истакнува дека повеќето луѓе, било да се политичари, деловни луѓе или лопови - "инстинктивно се држат до кругот луѓе со кои делат ист поглед на светот и место во него."
Заштитени внатре во групата на себе слични луѓе, можеме да мислиме дека е сосема нормално и оправдано да се имаат две куќи или да се противите на истополов брак или да се бомбардираат земјите на Блискиот Исток. Не можеме да увидиме дека таквите ставови можеби се перверзни, неправедни, неточни затоа што сме во круг на слични луѓе. Предизвик е да се рашират крилјата и да се помине време во разговор со оние чии вредности и искуства се разликуваат од нашите. Нашата најважна задача, би не советувал Толстој, е да патуваме во границите на тој круг.

Поврзани

Најнови вести

Коментари