Ексклузивни фотографии на ВЕЧЕР

Еве ја македонската историја во новиот Археолошки музеј!

Златните гулабици од Требенишко кале од 3 век пред н.е., претстава на гробници во кои се откриени пајонски свештенички, како и Венера Пудика од 2 век откриена во Скупи, се дел од презентираните ексклузивни наоди во новиот Археолошки музеј

Новиот Археолошки музеј во Скопје, вечерва ги отвора портите за посетителите, а светот конечно ќе добие увид во огромно и непроценливо археолошко богатство на Република Македонија. Во изложбениот простор на три ката и на површина од 6.000 квадратни метри пред јавноста ќе бидат претставени повеќе од 6.000 артефакти откриени на 150 локалитети во Македонија. Голем дел од експонатите јавноста ќе ги види ексклузивно за прв пат.

"Со изградбата на новиот репрезентативен објект на Археолошкиот музеј, Република Македонија доби монументален објект кој е мошне значајна инвестиција за нашата држава, гледано од историски, културолошки, образовен и, се разбира, туристички аспект. Во овој музеј е презентирано нашето непроценливо културно наследство кое е потврда за милениумскиот цивилизациски континуитет на овие простори, аргументирано сведоштво за нашата историја#, посочува министерката за култура на РМ Елизабета Канческа-Милевска.

Комплетната реконструкција на „гробот на свештеничката" од локалитетот Марвинци, уникатниот бронзен појас кој за прв пат ќе и биде прикажан на светската јавност, штитот од 3 век пр. н.е. од локалитетот Бонче и импресивната колекција на античкото злато и рановизантиските оригинални мозаици од локалитетот Суводол, се само мал дел од артефактите пронајдени во Македонија и изложени во музејот.

"Од римскиот период посетителите ексклузивно ќе можат да ја видат импресивната бронзена, теракотна и стаклена колекција, а ќе има и прва јавна презентација на исклучително вредниот артефакт стар 19 века. Дел од артефактите е и комплетно реконструираната погребна ритуална кочија од Делчево, а доцната антика за прв пат јавно ќе ја презентира стаклената чаша дијатрета од 4 век...", посочува Канческа-Милевска.

Сликата за долгата и богата македонска историја, според министерката, за првпат ќе ја надополни и комплетната колекција на уникатните теракотни икони кои минатата година беа презентирани во Украина. Археолошката поставка завршува со Средниот век и импресивната колекција на накит од османлискиот период кој исто така за прв пат јавно ќе биде изложен.

Посетителите на Археолошкиот музеј ќе ја видат и копијата од саркофагот со претстава на Александар Македонски, а постојаната поставка е надополнета и со 15 восочни фигури, 83 уметнички слики, видео-анимации, амбиентални ситуации, мозаици од вредното културно наследство, а застапена е и современо музеолошки конципирана реконструкција на објекти од неолитот...

Импресиите од изложеното домашната и светската јавност ќе има можност да ги сподели по свеченото отварање на грандиозниот објект, кое ќе се случи вечерва 18. октомври во 19 часот. (Д.Т.)

Продавница со копии од ексклузивни артефакти

Во состав на установата ќе функционира и музејскиот маркетинг кој со својата продавница ќе нуди широк избор на музејски копии од ексклузивни артефакти пронајдени на нашите археолошки локалитети децении наназад, но и бројни сувенири, подароци, разгледници и публикации од археолошката сфера.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари