Македонска премиера во рамките на 20. Скопје филм фестивал

Аплаузи за екипата на филмот "Реквием за госпоѓа Ј" во Скопје

"Со оглед дека темата на филмот се однесува на целиот регион и пошироко во сите земји кои се во транзиција, очекувам да има добар прием во Македонија. Мирјана Карановиќ, пак, е една од врвните актерки и соработката со неа беше извонредна", истакна продуцентот на "СЕЕ Филм Про" од Србија Ненад Дукиќ. Филмот е копродукција помеѓу "СЕЕ Филм Про" Србија, "Геополи Филм" Бугарија и "Скопје Филм Студио" Македонија

Со македонската премиера на филмот "Реквием за госпоѓа Ј" во режија на Бојан Вулетиќ, копродукција помеѓу "СЕЕ Филм Про" Србија, "Геополи Филм" Бугарија и "Скопје Филм Студио" Македонија, завчеравечер стартуваше 20. јубилејно издание на Скопје филм фестивал.

Својата светска премиера овој филм ја имаше на годинешново 67. Издание на Берлинскиот филмски фестивал. На Фест Белград пак, освои награда за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра женска улога, а на 21. филмски фестивал во Софија, наградата Фипресци од филмските критичари.

"Чест ми е што нашиот филм го отвара овој значаен фестивал. Филмот делумно е сниман во Скопје, но во потполност е монтиран тука. Филмот се родил овдека, јас 4 месеци живеев тука и на некој начин оваа проекција ја чувствувам како домашна премиера. Тематиката на филмот е озбилна, но на еден духовит начин се обидуваме да зборуваме за депресијата и транзицијата и за тоа како 4 жени се обидуваат како семејство да ги надминат проблемите", истакна режисерот Бојан Вулетиќ. Со оглед дека во филмот главните ликови се жени, тој истакна дека по некоја дефиниција на нашите простори тие го носат најголемиот терет на својот грб. Исто така додаде дека се радува на пласманот на филмот, а Берлинскиот фестивал бил отскочна даска, по што следуваат и други фестивали.

Продуцентот на "СЕЕ Филм Про" од Србија Ненад Дукиќ, пак додаде дека очекува добар прием на филмот во Македонија.

"Со оглед дека темата на филмот се однесува на целиот регион и пошироко во сите земји кои се во транзиција, очекувам да има добар прием. Мирјана Карановиќ пак, е една од врвните актерки и соработката со нејзе беше извонредна", додаде и Дукиќ.

Мирјана Карановиќ, пак, ја толкува улогата на госпоѓа Ј. Јелена, на која и е доста од животот и чиј маж починал пред една година, се чувствува уморно и осамено и покрај тоа што живее со нејзината намќореста свекрва (Мира Бањац), и двете ќерки едната на прагот да стане жена (Јована Гавриловиќ), а другата во пубертетски години (Даница Недељковиќ). Госпоѓата Ј решава да се убие на денот кога се обележува годишниот помен на починатиот сопруг... Постепено оваа тивка, скромна жена почнува да сфаќа дека ништо не е едноставно.

Продуцентот Дукиќ посочи дека и самата актерка филмот за првпат го видела и го проследила со голема возбуда на Берлинскиот фестивал, а со оглед дека лик што го снимила е вознемирувачки и самата била вознемирена.

Карановиќ пак, посочи дека треба да се погледне филмот.

"Имав одлична соработка со режисерот. Сакам да работам со режисерите што знаат што сакаат а, јас се надоврзувам со своето искуство. Според мене на најдобар начин ја пренесов улогата на ликот кој е во депресија", посочи Карановиќ.

Публиката во Скопје, по премиерната проекција, филмот го награди со бурен аплауз.
Павел Масларов од организацијата на СФФ на отварањето истакна дека е значајно што на овој фестивал ја имаме и првата македонска премиера на филмот "Ах љубов моја" на Коле Ангеловски, а вклучена е и ретроспективата на филмови од Стенли Кјубрик.

Поврзани

Најнови вести

Коментари