Не го забораваје деновиве - греено вино за празниците

Грееното вино (познато кај нас и како варено вино) е одличен пијалак за да се згреете и расположите во студените есенски и зимски денови. Аромата којашто му ја даваат зачините е карактеристична и примамлива, па тешко можете да му одолеете и да не се напиете уште една голтка.

Греено вино
Најчесто се приготвува од црвено вино кое е зачинето со стапчиња цимет, каранфилчиња, ванила, портокал и/или лимон, а за уште подобар вкус се додава и шеќер или мед. Секогаш се служи топло.

Грееното вино е многу популарно низ Европа. Во Германија се нарекува Glühwein, во Франција vin chaud, а во Италија vin brulé. Совршено е за да го изненадите вашето друштво, затоа што не е скапо за приготвување, а освен тоа го исполнува воздухот со пријатен мирис кој никого не остава рамнодушен.

Постојат многу различни рецепти и методи за приготвување на греено вино. Некои луѓе прво го загреваат виното, па потоа ги додаваат зачините. Други, прво го ставаат шеќерот и зачините во мала количина вода и откако ќе повријат заедно неколку минути, го додаваат виното. Трети, пак, ги ставаат сите зачини во газа и заедно со шеќерот ги додаваат во виното, го загреваат виното неколку минути, а пред сервирање ја вадат газата од виното.

Подолу е даден само еден од стотиците рецепти за греено вино. Но, вие можете да го прилагодите според вашиот вкус.

СОСТОЈКИ
1 шише црвено вино (пример: 750ml Cabernet Sauvignon)
1 портокал
2 стапчиња цимет
5 каранфилчиња
1 дафинов лист (искинат на парчиња)
½ морско оревче (изрендано)
1/3 чаша шеќер
¼ чаша бренди или ликер од портокал (по желба)

ПОДГОТОВКА
Од кората на портокалот исечете 1-2 тенки ленти. Портокалот пресечете го на половина и врз едната половина наредете ги каранфилчињата (прободете ја кората со нив).
Налејте го виното во тенџере и ставете го на тивок оган.
Внатре ставете ја половинката од портокалот со каранфилчињата, лентите од кората, стапчињата цимет, изренданото морско оревче и дафиновиот лист искинат на парчиња. Можете да исцедите и малку сок од преостаната половина од портокалот.
Кога виното ќе се затопли, додајте го шеќерот и мешајте за да се стопи.
Не дозволувајте виното да започне да врие! Ако се појави бела пареа, намалете ја температурата и продолжете да мешате.
Виното може да се грее 10-15 минути, но некои го оставаат на тивок оган подолго време (30-45 минути). Најдобро е да вкусувате по малку во текот на готвењето. Така ќе го тргнете од оган тогаш кога ќе ви изгледа дека е доволно зачинето, а во исто време ќе можете и да додадете некоја состојка плус ако сметате дека не е доволно ароматизирано. Исто така, ќе можете да ставите повеќе шеќер ако сакате виното да е послатко.
Ако користите бренди или ликер од портокал, додајте ги веднаш откако ќе го тргнете виното од оган.
На крајот исцедете го виното и готово е за служење.
Послужете го топло во чаши за вино или шолји кои претходно сте ги прелиле со топла вода. Украсете со портокал исечен на полумесечинки. Често во чашата се додава и стапче цимет за посилна арома.

СОВЕТИ
Не користете скапо вино. Како и во сангријата, така и во овој случај можете да употребите поевтино вино. Зачините ќе му дадат многу пријатна арома и вкус.
Не дозволувајте виното да врие, затоа што алкохолот ќе започне да испарува, а зачините може да придобијат горчлив вкус.
Доколку сакате посилен пијалак, додајте повеќе бренди или ликер од портокал.
Шеќерот може да биде кафеав или за полесно да се стопи може да употребите шеќер во прав. За посилна арома, наместо шеќер ставете мед.
По желба можете да додадете ѓумбир, лимон, кора од лимон, ванила или анасон (анис).
Експериментирајте и создајте свој рецепт за да се топлите и да уживате во студените денови што нè очекуваат.

Најнови вести

Коментари