Крцкаво и неодоливо слатко задоволство - Чизкејк со јаболка

Есента ни носи многу здрави свежи производи, меѓу кои јаболката ни се најомилени. Време е да ги употребите во варијација на чизкејкот.

Ова вкусно, крцкаво и истовремено меко слатко задоволство ќе го засакаат сите дома, па немојте да се изненадите ако осумте парчиња чизкејк со јаболка ги снема за помалку од минута.

Потребни состојки:

2 готови лиснати теста
680 g маскарпоне
1 шолја шеќер
1 шолја кисела павлака
лажичка екстракт од ванила
лажичка мелен цимет
лажичка морско оревче во прав
3 јајца

За филот од јаболка:

3 јаболка со средна големина, излупени и исечкани на парчиња
1 шолја вода
1/3 шолја шеќер
1 лажичка цимет во прав
½ лажичка морско оревче во прав
2 лажици нишесте

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 150˚C. Спојте ги двете лиснати теста и расукајте кора со која ќе го покриете целото кружно тавче. Пожелно е да имате од оние тавчиња со обрач којшто се вади.

Внимавајте да го покриете целото тавче со основното тесто, вклучувајќи го и внатрешниот дел на обрачот. Нежно притиснете го тестото додека го распоредувате.

Во длабок сад помешајте го маскарпонето, шеќерот, ванилата, циметот и морското оревче. Матете со миксер додека не добиете мазна изедначена смеса.

Додадете ја и киселата павлака и помешајте сè заедно. Додавајте ги јајцата едно по едно, со константно мешање додека не стане мазно. Истурете ја смесата врз тестото и печете околу 1 час и 15 минути.

Откако ќе се испече, исклучете ја рерната, но не го вадете тавчето. Оставете го да се олади еден час внатре, без да ја отворате вратата од рерната.

Вклучете ја повторно рерната на 220˚C.

Во тава ставете ги исечканите јаболка, шеќерот, циметот, морското оревче и нишестето (сите состојки потребни за подготовка на филот). Додадете ја водата и оставете да се вари на средна температура.

Мешајте повремено, додека јаболката не омекнат (околу 10 мин.), а потоа тргнете го сосот од ринглата. Оставете го малку да се олади.

Откако сосот ќе се подолади, истурете го врз смесата која се печеше претходно. Доколку сакате, можете да ставите неколку ленти врз чизкејкот, кој ќе му даде изглед на вистинска рустична блага пита.

Намачкајте ја со изматено јајце и печете уште 25 минути или додека не зарумени и не стане крцкава.

Оставете го чизкејкот да се олади и здивне пред да го исечете на парчиња.

За сите кои ги сакаат или им е полесно да ги следат рецептите визуелно, погледнете го видеото со начинот на подготовка:

Поврзани

Најнови вести

Коментари