Вечер тема

Елена Чаушеску: Од визија до егзекуција

Елена Чаушеску

На Божик 1989, двајца стари луѓе во дебели зимски капути стоеја држејќи се за раце во еден мал двор во Трговиште, Романија. Неколку секунди подоцна тие беа мртви. Ги погуби тричлениот стрелачки вод. Тоа беше грозоморна слика, но наредните денови се најде на насловните страници на сите светски весници, бидејќи тие двајца луѓе беа никој друг, туку романскиот претседател Николае Чаушеску и неговата жена Елена.

Започна како перачка на садови, стана најбрутална диктаторка во комунистичка Европа со визија за Романија - по 5 деца, а заврши егзекутирана, ова е патот на Елена Чаушеску.


Елена Петреску е родена на 6 јануари 1919. Нејзините родители биле селани кои немале доволно пари, па Елена морала да го напушти училиштето кога имала само 14 години и да се пресели во Букурешт каде се вработила најпрвин како перачка на лабораториски садови, а потоа како шивачка во фабрика за текстил.

Таа многу рано почнува да оди на состаноците на Лигата на млади комунисти, каде што во 1939 година го запознава Николае Чаушеску, а потоа и се мажи за него. Николае во тоа време бил претседател на Младата комунистичка партија.

Елена Чаушеску во 1939 година на забава

Иако необразувана, таа ги насочува своите интереси кон политиката. Нејзината недоволна едукација ќе ја следи низ целиот живот и ќе биде главна причина за еден од најнеобичните аспекти од нејзината кариера.

Бидејќи не завршила ниту основно училиште, Елена очајнички сакала да ги убеди луѓето дека е силна, интелигентна, жена. Поради тоа си набавила и докторат по хемија. Иако сите знаеле дека тој докторат е лажен, никој не ја доведувал во прашање неговата автентичност.

Таа лудост продолжува така што Елена ќе биде избрана за шеф на главната, истражувачка, хемиска лабораторија во Романија. Таа ги условува некои од најистакнатите романски научници да се одрекнат од своите истражувања и своите резултати да ги објавуваат под нејзино име. Копнеела да стане политички влијателна личност и ја користела секоја прилика за тоа.

Елена и Николае Чаушеску млади

По смртта на Георги Деж 1965, Николае станува генерален секретар на Комунистичката партија на Романија, а во декември 1967 е избран за претседател на државниот совет, со што застанува на чело на државата. Напредувањето на Елена во Комунистичката партија е исто толку импресивно како она на Николае. Во 1968 влегува во Букурешкиот градски комитет, во 1972 е избрана за член на Централниот комитет, а во 1973 влегува во Извршниот комитет.

Кога Николае ќе дојде на чело на државата, ќе ја добие поддршката на романскиот народ за својот независен политички став. Но на Романците, сепак, нема да им цветаат рози.

И покрај тоа што се залага за политичка независност од Советскиот Сојуз, Чаушеску се противставувал на воведувањето на полиберални закони, следејќи го централистичкиот пример на партиска организација на Сталин. Неговата тајна полиција Секуритате почнала да дејствува - им го оспорила правото на Романците за слобода на говор и спровела строга цензура на сите медиуми и пошта. Против секого можеле да се употребат сопствените грешки или индискреција. Секуритате за сите знаела сe, прислушувала телефони, озвучувала соби, а повеќето обични службеници, всушност, работеле во Службата на државна безбедност.

А каква е улогата на Елена Чаушеску зад сево ова ? Огромна! Чаушескови, буквално, функционираат во духот на изреката дека зад секој моќен маж, стои уште посилна жена.

Елена и Николае Чаушеску со нивниот син на забава

Романија обвиена во мрак

Во 1966 Николае Чаушеску издејствувал воведување на голем број закони, со кои се забранува абортус. Потоа ја забранил употребата на контрацептивни средства и наредил секоја мажена жена не помлада од 14 години мора да има најмалку четири деца (подоцна бројот е зголемен на пет).

Потоа се погрижил и за тоа разводот да биде практичен и невозможен бидејќи ги зголемил даноците, не само за паровите без деца, туку и за оние кои имале помалку од четири. Тоа било навистина катастрофално. Семејствата едвај успевале да издржуваат една, а камоли четири гладни усти.

Елена во сето ова го поддржувала својот сопруг. Тоа се однесува и на неговиот следен катастрофален потег - инсистирање на извоз на огромни количини домашни земјоделски и индустриски производи.

Тој позајмува големи суми од западните кредитори за да ги поддржи своите планови кои имале за цел да ја претворат Романија од аграрна во индустриска земја. Почнува да ги гасне селските заедници, ги руши селата и ги раселува жителите во нови урбани населби, за да работат во новоотворените фабрики.

Сиромаштијата во Романија

Во 70-тите и 80-тите години тој толку се задолжил (10 милијарди долари), што за да ги врати долговите одлучува од Романија да извезе сe што на него и на неговите министри ќе им падне на ум. Настанува хроничен недостаток од храна, лекови, електрична енергија, бензин и други основни продукти.

Изгледало како земјата да влегла во мрачна доба. Купувањето на храна станало вештина, а за да дојдат до векна леб, луѓето морале да стојат во редици со часови, а најчесто останувале со празни раце.

Романци чекаат за леб

Бидејќи стапката на наталитет се зголемувала, а храна имало се помалку, низ земјата почнале да никнуваат сиропиталишта. Николае почнува да нуди парични награди на сите родители кои ќе се одречат од децата во корист на државните институции. Со тоа се надевал дека кога децата ќе пораснат ќе може да формира армија на романски работници. Секако, сиропиталиштата не биле луксузни. Изгледале како фабрики, а во нив со децата се постапувало како со животни. Не им се нудела, ниту психичка, ниту емотивна стимулација, а немало ниту доволно храна.

Откриено е дека боледуваат од сида, а за трагичната ситуација покрај незнаењето на лекарите придонела и Елена - жената научник. Бидејќи била убедена дека сидата се јавува на декадентниот Запад забранила вршење анализа на крв.

Сиропиталиштата се како логори за деца

Додека Романците гладувале, Чаушескови уживале во своето дегутантно расипништво и луксуз

Николае во 1974 е прогласен за доживотен претседател. Одеднаш на сите други членови на семејството Чаушеску, неговиот син и браќа им се дадени функции во владата и војската.

Најмногу, сепак, профитира Елена. Во 1980 станува прв заменик на претседателот на Владата: најмоќна личност по својот сопруг. Од тој момент со сите сили почнува да работи на контрола и промоција на својот имиџ. Издадена е наредба на сите слики кои излегуваат во весниците таа да стои во ист ред до својот сопруг за да се добие впечаток дека има иста важност.

Исто така, ниедно друго име не смеело да биде покрај името на диктаторот, за да изгледаат што поимпресивно. На сите слики морале да имаат црвена заднина, а при враќањето од нивните посети од странски земји биле доведувани луѓе и ученици од селата и градовите со автобуси, за да ги поздрават своите лидери, мавтајќи со знаменца и пеејќи песни.

Во 1980 во Романија е воведена мерка за рационализација на потрошувачката на леб и другите основни производи. Тоа бил тежок удар за Романците. Разликата меѓу нивниот начин на живот и животот на нивните лидери бил запрепастувачки. Чаушескови уживале во луксузот во повеќе од 40 палати, во кои Елена имала цели соби исполнети со фустани, накит и повеќе од 50 бунди. Имале две јахти, Снагов 1 и Снагов 2, како и неколку глисери. Приредувале банкети на кои не се штедело на најдобро месо, колачи и кафе.

Прогласување на Николае Чаушеску за доживотен претседател на Романија

Пад на бруталниот режим

Надвор од палатите, земјата била на работ на социјален и економски колапс. Нејзините жители гладувале, се смрзнувале, а нивното незадоволство на 16 декември 1989 година се претворило во јавен протест, а во Темишвар избила побуна.

Протестот бил поддршка на унгарскиот свештеник Ласло Токеш, кој зборувал против режимот на Чаушеску. Она што почнува како мал собир, набрзо се претворил во антивладина кампања. Полицијата Секуритате и војската отвораат оган и убиваат стотина граѓани. На улиците на Темишвар, на 20 декември излегуваат 50.000 луѓе, кои протестираат против владата и Николае.

Последниот говор на Чаушеску

По наговор на Елена, Николае одлучува на 21 декември да одржи еден голем митинг. На него присуствуваат 80.000 луѓе, а тој се појавува на балконот на зградата на Централниот комитет.

Но, додека го почнува својот говор, некој од толпата почнува да дофрла:

"Долу диктатори" и "Темишвар, Темишвар".

Митингот го пренесува романската телевизија и на снимките може да се види дека во тој момент на лицата на Чаушеску се појавува израз на крајно гадење и бес. Преносот е прекинат, но штетата веќе е направена.

Тие се повлекуваат во зградата, но наместо да побегнат прават неколку фатални грешки и одлучуваат да останат во неа до изутрината.

Во меѓувреме, охрабрени од повиците на собирот, голем број Романци излегуваат на улиците и бараат Чаушеску да биде тргнат. И војската застанува на страната на народот. Изутрината демонстрантите влегуваат во Централниот комитет, но Чаушескови веќе издејствувале на покривот на истата зграда да ги собере хеликоптер. Нивното бегство меѓутоа трае кратко.

Без никакво конкретно одредиште хеликоптерот повторно се спушта, па Николае и Елена набрзо се уапсени и одведени во воената база во Трговиште, каде што се изведени пред војниот суд.

На судењето присуствуваат тројца цивили, пет судии и нивни помошници, двајца тужители и двајца адвокати на одбраната и еден камерман. Тужителот во завршниот збор вели:

"Бев од оние адвокати кои се противат на смртната казна, бидејќи е нечовечна. Но ние овде не зборуваме за луѓе. Не би барал смртна казна, но за романскиот народ би било несфатливо да продолжи да ја трпи оваа ужасна беда и да не расчисти со неа, осудувајќи ги Чаушескови на смрт".

Егзекуцијата на Чаушескови (реконструкција)

Со тоа судбината на Николае и Елена е запечатена. Тие се изведени во еден мал двор и се стрелани. Тоа е срамен крај на една ужасна политичка кариера која трае речиси четвртина век.

,,Правдата ја кројат владетелите'' - романската поговорка

Поврзани

Најнови вести

Коментари