Вечер тема

Агенти на ЦИА тргнаа во потрага по скриените нарко пари на Пабло Ескобар

Двајца поранешни агенти на ЦИА заминуваат во мисијата да ги пронајдат исчезнатите најмалку милијарда долари скриени од Пабло Ескобар пред да биде убиен во 1993 година. Сметаат дека знаат повеќе од другите, и дека ќе успеат. Ако ги најдат, каде ќе завршат тие пари?

Во детските бајки, богатството обично се закопува во пештери, под карактеристични дрва или длабоко во подрумот на куќата. Пабло Ескобар, кога закопувал сандаци со по десетиците милиони долари во кеш имал таков но, можеби и поинаков план. За какви износи се работи тешко е да се утврди бидејќи кога во времето на својата кокаинска власт Ескобар работел износите тогаш биле помали од она што за истата работа и количество кокаин би се добило денес, пред се заради инфлацијата на вредноста но, оние кои ги изучувале производството и трговијата на кокаин од неговите хациенди сметаат дека се сокриени најмалку 1,5 милијарди долари во кеш. Во секој случај, се работи за повеќе пари и злато отколку што гледано од страна би можел некој да процени, пишува лондонски Мирор. Но, едно не е спорно, Ескобар ги криел парите во своја близина, во Колумбија.

Но, она што ја усложнува потрагата по неговото скриено богатство е фактот дека не постојат никакви прибелешки или мапи на местата, а Ескобар ги убил сите лица кои учествувале во доставување и криење на парите, па нема ниту пишана трага а ни сведоци.

Многумина се занимавале со анализи каде и колку пари и злато Ескобар сокрил, и до сега нема податок дека барем едно од тие места е пронајдено. Сепак, двајца поранешни агенти на ЦИА решиле тие да ја откријат тајната и да дојдат до местата и парите кои се скриени, верувајќи дека по пет години прибирање податоци имаат доволно сознанија да тргнат во таа авантура.

Познато е дека ЦИА во одреден период имала и соработка со Ескобар но, и дека учествувала на крајот во неговиот прогон и организацијата за ликвидација, и овие двајца поранешни агенти веруваат дека токму во архивите на ЦИА ги пронашле битните податоци, сознанија за навиките и соработниците на Ескобар, проценката за износите и се друго што им е потребно за да дојдат до целта – скриеното богатство на Пабло Ескобар, императорот на кокаинското царство Меделин.

Со тој план поранешните агенти на ЦИА Даг Лаук и Бен Смит тргнаа кон најопасните места во Колумбија, каде што и денес цели региони се под контрола на нарко мафијата и се сретнаа лице во лице со најопасните гангстери и атентатори на Ескобар.

Кога бил на врвот на својата империја, Ескобар трошел и до 50 милион долари дневно додека ја градел својата империја и издржувал над 1.000 селани кои работеле за него и заедно со обезбедување од 400 обучени лица биле заштита од напади на колумбиската полиција и војска. Селаните од неговиот регион Меделин го нарекувале Робин Худ затоа што дел од своите пари ги делел меѓу нив. Купувал огромни површини земјиште, градел куќи за селаните и згради за своите фабрики за кокаин, купувал авиони за транспорт на дрогата а, за забава за своите деца, купувал фосили од диносауруси од светските музеи, градел цели зоолошки градини со лавови, слонови и други егзотични животни за неговите деца да имаат забава каква што посакувале.

Сепак, Ескобар заработил многу повеќе отколку што можел да го потроши. Тој го почнал бизнисот со кокаин во 1976, купувајќи сировина од Перу која потоа се доработувала во неговата лабораторија во местото Меделин. Набргу, отворил свои плантажи по што го контролирал процесот во целост. Во осумдесеттите кога Ескобар најмногу работел, тој испорачувал 80% од кокаинот пласиран на американскиот пазар, а потоа и низ целиот свет. Во САД испорачувал и по 15 тони кокаин секој ден!


Бизнис инсајдер цитира интервју со неговиот син, со Дон Хуан, од 2009 година во кое синот раскажува дека еден кога кога на неговата сестра Мануела и било студено Пабло Ескобар фрлил во огин и изгорел 2 милиони долари за да се загрее собата каде била ќерката.

Колумбиските банки одбивале да ги примат неговите пари на своите сметки и да ги префрлаат во швајцарските банки плашејќи се и од него но, и од колумбиските и американските власти кои го гонеле Ескобар и барале трага како да дојдат до тие пари. Затоа, Ескобар бил принуден голем дел од заработката да ја чува во готовина, во кеш кој го криел на места кој само тој ги знаел, а сведоците кои ги транспортирале парите и закопувале биле веднаш убивани.

Криени се банкноти од по 100 долари и златни шипки, а за колкав износ се работи доволно е да се каже дека кај Ескобар се наоѓала петина, или околу 20% од севкупните долари кои се вртеле во Колумбија било во банките или во кеш, таа петина била негова лична сопственост. Пред да биде убиен, на негова возраст од 44 години, магазинот Форбс го прогласи за седми најбогат човек во светот.

Според магазинот Бизнис инсајдер и нивните заклучоци објавени во септември 2015 година, неделниот промет на кланот Ескобар бил околу 420 милиони долари, а нивните проценки се дека кланот Ескобар има продадено кокаин во вердност од 30 милијарди долари но, не е можно прецизно да се утврди колку тој лично заработил бидејќи се работи за црн пазар каде нема веродостојни податоци за поделба на парите и профитот. Ескобар го контролирал големиот бизнис од 1987 до 1993 година но, бизнисот со намален формат продолжил и потоа, пишува Бизнис инсајдер.

Парите биле пакувани во пластични кеси а потоа во метални сандаци. Братот на Пабло Ескобар, Роберто (71) бил сметководител на бизнисот и по апсењето поминал 12 години затвор пред да биде ослободен во 2004 година.

Стив Марфи, еден од агентите за дрога од американската агенција ДЕА, кој и помогна на американската влада да најде Ескобар пред да биде убиен на покривот во една од куќите во Меделин, рече дека ја има теоријата за тоа каде се крие парите.

- Мислиме дека парите се скриени во пештерите во регионот на Меделин во Колумбија. Да, нема никакви траги и информации освен од оние кои ги пакувале сандаците со пари и злато за тоа колку е закопано, и каде се тие места токму од причините кои се познати, дека нема мапи, а нема ни сведоци кои ги носеле сандаците до локациите, изјавил Марфи.


Најголемата грешка Пабло Ескобар ја направил кога во 1982 година решил да влезе во политиката со цел да стане претседател на Колумбија. Дотогаш тој ги плаќал политичарите кои работеле за него, и тоа не само од Колумбија, но кога решил да стане дел од нивната елита и да решава сам без нив, тие се организирале и го уништиле. Војната била крвава, пришто загинале преку 700 полицајци, но на крајот Ескобар бил затворен, а потоа и убиен во декември 1993 година, застрелан од потера по него организирана од владата и ЦИА.

Колумбискиот магазин Ел Елпечертор пишува со слични заклучоци, дека нема сведоци а пронајдени се само слики од богатството, вклучувајќи една на која се гледа сандак со четири милиони долари спакувани во три пластични кеси, во ноември 1989 година. Една од ретките успешени истраги по богатството на Ескобар се пронајдените 28 милиони евра заедно со 150 кг златни шипки една година по неговото убиство. Тоа е само една локација, а според сведоците кои ги пакувале парите се работи за десетици локации.

Во 2009 година, при случајно копање заради вршење градежни работи, беа пронајдени пет милиони британски фунти во кеш од џунглата во кои Ескобар ја основал фабриката за кокаин. Во слична прилика, на ранчот Хациенда Наполес, се пронајдени закопани 11 милиони долари.

Досега, колумбиската влада успеала да пронајде 85 милиони долари. Сепак, властите во Колумбија бараат и понатаму бидејќи претпоставуваат дека во Колумбија од бандата на Ескобар се скриени околу 1,5 милијарда американски долари и злато. Поранешните агенти на ЦИА Лаук и Смит располагаат со слични податоци, и сметаат дека вреди да се тргне во авантура по закопаните пари и злато на кланот Ескобар.
Тие тврдат дека парите не се само во Колумбија. Наведуваат и пример за тоа. Кога извршниот директор на фирмата Chicken Kitchen, Кристијан де Бердуар, во 2014 година купил куќа во Мајами која претходно била во сопственост на Ескобар, според Дејли мејл, тој темелно ја проверил за да се осигура дека нема ништо опасно за неговата безбедност шегувајќи се дека можеби ќе најде "кеш, можеби и некое злато или накит".

Кога почнал да го урива објектот за да изгради куќа на тое место Де Бердуар нашол голем метален сандак вграден во ѕидот. Содржината до денес не е јавно позната бидејќи Де Бердуар го депонирал сандакот во банка и најавил дека нема да го отвара најмалку три години. Не давал одговор што има во него, само искоментирал: На крај ќе излезе дека Пабло Ескобар бил мој надобар пријател.

- Доказите кои се јавно познатти, дека парите се криени на оддалечени и тајни места не се целосна слика за тоа што го бараме. Да, дел од нив се најдени скриени во сандаци или пластични цевки но, тие се само дел и веќе се ископани. Постојат информации кои ги имаат поединци од кланот на Ескобар и нивните наследници во бизност, тие информации не им се доволни за да дојдат до парите а она што им недостасува верувам дека го имаме ние, и заедно со нив можеме да дојдеме до местата што не интересираат. Најпосле, секој шеф па макар бил и Пабло Ескобар, мора да има соработници од доверба, велат поранешните агенти на ЦИА Смит и Лаук кои тргнаа во лов по скриеното богатство на Пабло Ескобар.   (vecer.mk)

Поврзани

Најнови вести

Коментари