Вечер анализа

Кои се, и како е создаденa организацијата ИСИС

Екстремистичката организација ИСИС, ненадејно, се појави како о никаде создадена исклучително моќна воена сила која во јуни 2014 година го освои градот Мосул во Ирак. Тоа е веројатно прв пат кога светот слушна за нив. Сепак приказната за овие екстремисти е многу покомплексна од едноставната претстава за терористи кои убиваат на најсуров начин се што им стои на патот до нивната цел, создавање голем Калифат по речиси целиот Блиски исток и северна Африка.

Како е создадена оваа опасност, организација која војува во Сирија, Ирак и Либија и која привлекува исламски припадници од целиот свет, дојдени да умрат низ пустините на Ирак и Сирија иако никогаш претходно не ни чуле за Ал Багдади, ниту мислеле дека ќе се откажат од перспективите на својот живот во Лондон, Берлин, Сараево или Приштина... и ќе завршат мртви во непозната земја, далеку од своите, како непознати тела кои се оставени по песокот да исчезнат сами од себе.

Договорот од кој се почнува, план за верски конфликти во Исламот

Малкумина слушнале за договорот Сајкс - Пикот. За што се работи: Европските моќници се состанале во 1916 година за да ја поделат отоманска Азија меѓу себе - Велика Британија и Франција добиле слобода да градат сопствени држави во регионот за да ги покорат непријателите. Како поволна можност, и тоа со длабоки и трајни корени, е согледана опцијата за поттикнување и одржување конфликти помеѓу Шиитите и Сунитите, менаџирани од Британија и Франција.

Тогашниот Британски амбасадор во Каиро на владата во Мека и ветил поддршка за арапско кралство, а за возврат побарал помош во борбата против Отоманите, против Турската империја. Но, во европското друштво немало единство. Кога Британија се обидувала да спроведе свој сунитски план и акција во Сирија, во Дамаск, Французите одговарале со инвазија, сојуз со Шиитите и наметнување свои интереси. Некои арапски држави добро се снаоѓале во таа борба за превласт помеѓу Британија и Франција, додека други ја плаќале цената на нивните загуби со засилени репресии и екплоатација на својата територија, како компензација на претходната загуба.

Само неколку недели по своите први акции за создавање на калифатот во Ирак и Сирија, ИСИС потсетува на тие корени, објавува снимка која е наречена „Крај на договорот Сајк - Пикот„.

Вмешаност на Саудиска Арабија

На сите ни е познато дека фондовите на Саудиска Арабија се поврзани со активностите на терористичките групи, како што е докажано и во делувањето на Ал Каеда... но, кога е во прашање ИСИЛ, врската може да биде многу подлабока и помрачна отколку што се претпоставува.

Пранешниот шеф на британската разузнавачка служба МИ6, Ричард Дирлоу, објавил свој разговор со шефот на саудиската разузнавачка служба. Според тој извештај, Саудиска Арабија предвидела големи несогласувања и судири меѓу Шиитите во многу блиска иднина. Шиитите, инаку, се муслиманите кои се мнозинство, или власт во Иран, Сирија и Бахреин. Без навлегување во деталите, за нив врв на власт се имамите, слебеници на имамот Али, зетот на пророкот Мухамед, и имаат строги правила во спроведување на Исламот темелени пред се врз шеријатското, имамско право кое е надредено над правниот, државен систем. Во останатите арапски држави, како Кувајт, Саудиска Арабија, Катар, Либија... мнозинство и власт се верски поумерените Сунити.

Според потеклото на претседателот на Сирија - Асад, Сирија е земја во која владеат Шиити, а падот на Садам Хусеин кој е припадник на Сунитите, довел до зајакнување на Шиитите во Ирак. Последните десет години, саудиската и катарска надворешна политика ја фаворизирала дестабилизацијата на шиитските земји финансирајќи ги сунитксите екстремисти.

За Саудиска Арабија и Катар, ова е веројатно најголемата грешка која можеле да ја направат.

Сирија

Поговорката "непријателот на мојот непријател е мој пријател" е позната со векови. Од денот кога Ирак, по падат на Садам Хусеин, е под контрола на Шиитите, од тогаш постои потреба на Сунитите за финансирање и помагање на сунитските екстремисти на Ал Каеда против Шиитите.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф, во интервју за Би-Би-Си од ноември 2013 година изјавува дека судирите помеѓу Шиитите и Сунитите се најголема безбедносна закана за светот. Во таа прилика тој ги обвини Катар и Саудиска Арабија дека ги поттикнуваат таквите судири, и создаваат опасност од големи размери. За жал, таа порака на Зараф не беше разбрана сериозно, туку како политички обид за поддршка на Асад и Сирија.

Од 2005 година, па се до скорешното повлекувањето на САД од Ирак, сириските разузнавачи ги обучувале своите специјални сили за борба во случај на тотална инвазија врз Сирија, праќајки ги во Ирак. Тој ангажман внесе во Ирак дополнителен хаос. Асад собра потребно борбено искуство, и сознанија за системот на внатршна војна, и продолжи со финансирање на шиитските џихадисти во Ирак, но и надвор од Ирак.

По две години случајно или намено неефикасни акции од страна на САД и нивните сојузници против ИСИС во Сирија и Ирак, од пред неколку месеци во борба против ИСИС влезе и Русија. Првите акции на Путин против ИСИС, во соработка со Иран и војската на Асад донесоа резултати со сузбивање на воената моќ на ИСИС, и ја пореметија поставената рамнотежа која со децении ја проектираше САД во тој регион.

Грешка со планот за создавање и контрола на нов лидер

Доаѓаме до лидерот на ИСИС - Абу Бакр Ал Багдади. Некои негови почитувачи го опишуваат како тивко момче, родено 1971 година во Самара во Ирак, кое страствено сакало фудбал, а студирал и дипломирал исламски науки на универзитетот во Багдад, и бил познат како пристоен и повлечен студент. Во 2004 година завршил во логорот Бука, каде според зборовите на поранешен чувар на затворот, Ал Багдади доживеал радикални промени.

Ал Багдади, по американскиот влез во Ирак во 2003 година, е еден од основачите на воена група наречена Војска на Сунитската заедница. Нема информации за нивни вооружени акции, но сепак америкаската војска го апси, и го држи затворен во воениот камп Бука од февруари до декември 2004 година. Како што вели чуварот на затворот, таму Ал Багдади сосема се сменил.

Но, светло на таа мистерија во биографијата на Ал Багдади дава изјавата на пребеганиот експерт на ЦИА Едвард Сноуден, дадена во август 2014 година, кој тврди дека Бакр Ал Багдади е уапсен како покритие за неговото повлекување од јавноста, а дека долг период поминал во Израел, во камп за обука на нивната тајна полиција Мосад. Подготвуван е за борбени акции и планирања, но и за говорништво и односи со јавноста. Целта на ова, според Сноуден, е создвање силна сунитска структура која ќе се бори против другата, шиитска страна.

По излегувањето од кампот, затворот Бука - Ал Багдади полека станува значајна фигура во светот на исламските радикали. Неговата група станува дел од Муџахединскиот шура совет, од 2006 година тој е дел од раководството на советот.

Никаде нема податоци за негови активности помеѓу 2006 и 2009 година, иако се појавуваат натписи дека бил повеќе пати апсен од американската војска но, такви документи и потврда за ова нема. По убиството на Осама Бин Ладен во Пакистан, на 2 мај 2011 година, Ал Багдади објавува жалост и почит кон Осама Бин Ладен и највува одмазда. Првиот чекор бил терористички напад во Мосул, во август 2011 година со 70 жртви. На 4 октомври 2011 година САД го става на листата најбарани терористи, и нуди награда за негово апсење или убиство од 10 милиони долари. Станува ѕвезда меѓу исламистите. Тоа е второ место во рејтингот, веднаш зад наследникот на Осама Бин Ладен, Ал Захрави.

Дали САД знаеле за потенцијалите на Ал Багдади и неговата органзиација? Во мај 2010 година е објавено дека се формира посебна организација - ИСИС, а нејзин лидер е Ал Багдади. Ал Каеда полека паѓа во сенка. Освен спомнатата во Мосул, во август 2011 година Ал Багдади има уште една голема акција, напад на Ум ел Кура џамијата во Багдад, акција со десетици мртви меѓу кои и познатиот сунитски правник Халид Ел Фахдави. Следат 28 терористички акции за кои се тврди дека ги организрала неговата ИСИС.

Грешки на Ирак

Во времето кога во Ирак на власт е премирерот Нури Ал Малики, Ирак преминува од диктатура на Сунитите во диктатура на Шиитите. Сунитите биле постојано обвинувани и казнувани за дела кои му се припишувале на Садам Хусеин, иако тие како заедница со тоа немале ништо. Терористичките акции на Шиитите против нив биле толерирани, иако зад себе оставиле неколку илјади жртви. Планот за менаџирано чистење на Сунитите, и постојани конфликти со Шиитите за да се владее одозгора со ситуација, спомнат како план Сајс-Пикот од 1916 година е спроведуван и тука. Првичната намера, да се создаде конфликт во кој ќе ослаби и ќе се елиминира Ал Каеда, се претвори во хаос кој не го контролира никој.

Работите станале уште полоши во 2011 година, кога неколку покраини на Сунитите гласале за делумна автономија, или целосна независност од Ирак што Шиитите го дочекаа како повик на отворена војна. Шиитите, поврзани со Ирак преку Сирија и Иран не оставија оваа сунитска намера да се развие.

Создадена е клима во која Шиитите не верувале во властите на Ирак дека се способни да се носат со предизвикот и намерите на Сунитите за независнот. Шиитите и нивните лидери добиле масовна поддршка и дома, но и од надвор работите да се земат во свои раце, и да се создаде држава која ќе биде силна и под контрола. Сунитите, од своја страна, ова го доживеале како најава за војна, и се свртеле кон локалните верски лидери на кои им веруваат, како Ал Багдади.

А во Ирак има оружје во изобилство. Кога ќе се собере доволно народ околу една идеја, а идејата за опасност од Шиитите е вековна, треба само лидер за војната да почне.

Тука настапува Ал Багдади. Објавува верска војна против Шиитите и Курдите, како и против Сирија и Асад кои се омразени непријатели на САД очекувајќи, и добивајќи првично премолчување од Западот по системот: Асад е наш заеднички непријател, и Ал Багдади го ослабува борејќи се против него на начин кој САД не може да го спроведе. На 8 април 2013 година Ал Багдади му објавува војна на Асад и Сирија, и најавува создавање исламски верски калифат - ИСИС кој се организира според најстрогите правила на шеријатските, верски закони. Ел Завахири, лидер на сириските исламисти кои се бореле против Асад во Сирија ја отфрла ова идеја на Ал Багдади, и бара тој да се држи до својата територија во Ирак.

Во јануари 2014 година доаѓа до нивна одлучувачка борба за лидерство, кај градот Рака. Во тие борби приврзниците на Ал Багдади извојувале победа над исламистите од Фронт ал Нусра, протерувајќи ги од теренот, со неколку стотици жртви меѓу поразените. По ова, во февруари 2014 година Ал Каида јавно се одрекува од Ал Багдади, и го прогласува за отпадник.

Откако Ал Багдади станал победник во Сирија, преземал низа победнички акции против војската на Ирак одземајќи голем дел од ирачкиот север, и ставајќи го под своја контрола. Веднаш се спроведени убиства на Шиитите и неистомислениците, со неколку илјади убиени, стрелани заклани... суровоста која ја применувале не е видиена кај ниту една исламистичга органзиација порано. Кај едните тоа довело до страв и егзодус, кај другите до респект кон силата. Многумина кои со години живеат во безизлез на состојбите во Ирак и Сирија во ИСИС виделе појава која им дава надеж дека било што да се случува не е полошо од она што е, па им пристапуваат депримирани млади луѓе кои одеднаш стануваат силни, и значајни во своите средини.

ИСИЛ има свои центри на финансирање кои се лоцирни во Катар и Саудиска Арабија. Се финансираат и од трговија со дрога, трговија со нафта, рекет и грабежи. Создаваат екстремно радикална зедница на верска основа во која се беси и убива за најмало прекршување на Куранот, мерено според нивните критериуми. А за убиство на неверници решаваат често и деца од по 15-16 години кои се во ИСИС заради одмазда кон сите за кои сметаат дека се виновни за нивната лоша состојба. Голем дел од луѓето во Ирак очекуваа промени на подобро со падот на Садам, а доживејаа разочарување со хаос во Ирак, убиства и атентати кои создадоа над 90.000 загинати после падот на Садам, само од тие причини. Верските лидери за тие состојби ја обвинуваат владата во Багдад и САД, и затоа целта на омразата е кон тие адреси.

Што ќе биде понатаму? ИСИС е, навистина, најсериозна безбедносна закана за светот после Втората светска војна. Не е опасноста толкава од самата органзиација, колку од експлозијата на гнев заради вкупните околности и привлечноста, подготвенсота за жртва која инспирира многу припадници на Исламот.

Кој и да ги создал, за какви и цели да се формирани, ИСИЛ со време стекнува голема моќ која е надвор од контрола, и нивното активирање во Европа, со терористичкиот акт во Париз на 13 ноември 2015, при што имаше 130 непосредни жртви на акциите, најавува дека Европа не е сигурна додека ИСИС постои. Медиумите, особено глобалните од САД и Европа дадоа големо значење на оваа терористичка акција во Франција, но немаа исти критериуми за 220 руски жртви по тероризмот врз рускиот авион кој е урнат само неколку недели претходнио. Нападот на ИСИС во Париз, можеби, беше залуден чекор кон реализација на планот на Путин дека САД, Европа и Русија треба да се обединат против ИСИС, што повторно беше одбивано од Брисел и Вашингтон.

Денес, во 2017 година, Вашингтон и Брисел веројатно жалат поради одбиената понуда од Путин заедно да дејствуваат против ИСИС во Ирак, Либија и Сирија. Во 2016 и 2017 година Русија во соработка со Иран и владата на Асад во Сирија, а подоцна во сојузот влезе и Ирак содаде голем воен фронт кој кон крајот на 2017 година најавува конечно уништување на ИСИС во Сирија и Ирак. Зад ИСИС ќе останат над 8 милиони бегалци и околу 300.000 жртви.

Но, дали тука завршува и приказната за ИСИС?

Не. По сите уништувања и порази, ИСИС денес брои над 80.000 активни, добро обучени вооружени војници без милост кон никого. Најголем дел од нив ќе се разбега и реорганизира низ слабите арапски држави во регионот како Ирак, Јемен, Либија или Судан, а околу 10.000 од нив ќе се вратат во своите матични држави од каде што се дојдени: Европа, Русија, Казахстан, Азарбејџан, САД, Турција... и ќе бидат реална опасност од тероризам во својата домашна околина.

ИСИС бил создаден со план, но остварил нешто сосема различно од плановите. Наместо разурнати арапски држави кои, потоа, лесно паѓаат под власт на западните воени сили, денес по ИСИС и обидот на атентат врз Ердоган со Блискиот исток владее сојузот предводен од Русија заедно со Турција, Иран, Сирија и Ирак. Огнот се сели кон Далечниот исток и Северна Кореја.

Кој од меч живее, од меч и умира. (vecer.mk)

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари