Понеделнички

Вонредно

Драган Павловиќ Латас

Преговорите за состав на нова влада, фактички, се веќе започнати иако Груевски и Али Ахмети не седнале на маса меѓусебно да ги споредат ставовите.

Со понудата на СДСМ за да добие албански гласови - дека ќе изврши измена на Уставот и воведе двојазичност на цела територија на Македонија и ќе воведе кантонизација со зголемени овластувања на општините и нивно стапување во кантонски сојузи... СДСМ практично влезе во дворот на албанските политички партии и изврши силен удар врз ДУИ од каде на Али Ахмети му земаа најмалку 50.000 гласови од 80-те кои Ахмети и ДУИ ги загубија на овие избори.

Тоа е удар од кој Ахмети и ДУИ допрва треба да се опорават, и да ја поправат штетата брзо затоа што ги очекуваат локалните избори во мај.

Согласно ова, СДСМ е најголема закана за ДУИ затоа што директно атакува врз нивното гласачко тело и се заканува во иднина да земе нови албански гласови, секако на штета на ДУИ и ДПА кои не се дел од соросоидниот политички блок на кој му припаѓаат СДСМ и Беса. Доколку СДСМ формира влада, во било која опција, сега освоените албански гласови ќе ги стабилизира и бетонира и, со нови владини ресурси, ќе се стекне со нови гласачи меѓу македонските Албанци. На ДУИ секако ова им е јасно, и без да го читаат овде.

Беса не е загрозена, пред се затоа што нивна гласачка база се верската определба на гласачите, муслиманите во Македонија, а Албанците се само дел од тоа гласачко тело. Освен ова, Беса како дел од соросоидниот камп, има силна поддршка од соросоидните медиуми на албански и македонски јазик кои и даваат пропагандна поддршка, вклучително и големи пари кои ги добива од Катар и Турција.

ДУИ е најголем губитник на последните избори, затоа што од околу 150.000 падна на околу 85.000 гласачи кои во најголем дел преминаа кај СДСМ, и било каква коалиција со СДСМ во суштина значи доброволно уривање на сопствената партија за потреби и во полза на директниот конкурент СДСМ. И ова им е добро познато на шефовите во ДУИ.

Затоа, нема никаква оправданост коалиција на ДУИ со СДСМ. Секако, доколку под оправданост не се смета елиминација на таа партија од политичката сцена и создавање албанско лидерство на Беса, партија создадена од отпадниците на ДУИ на чело со лидерот Касами, и парите од радикални исламски фондови, пред се од Катар.

Надеж за ДУИ е фактот дека СДСМ без Али Ахмети неможе да состави влада.

Зошто загуби ДУИ?

Прво, причина е создавањето на внатрепартиски кланови и бизнис-групи. Јасно е дека една група, предводена од градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, Ермира Мехмети... блиска до соросоидите и СДСМ пред неколку години отпочна поделба во партијата создавајќи опозиција на Али Ахмети, Муса Џафери и Артан Груби, барајќи коалиции со СДСМ кои би им обезбедиле позиција на битен фактор, како и моќ и пари во самата партија, и би биле мост кон каналите на соросоидите дома и во странство. Али Ахмети го препозна ова, ја тргна Теута Арифи настрана од врвот на партијата со поставување на градоначалничка функција во Тетово, но медиумите и дипломатските канали на соросоидите и потоа успеваа да ја држат оваа клановска група активна и јавно влијателна.

Вториот клан е коруптивниот, предводен од градоначалникот на Чаир, Меџити. Во таа општина ДУИ доживеа и најголема загуба на гласови во полза на СДСМ и Беса. Општопознато е дека за било какво вработување во јавниот сектор или општинска услуга мораше да се плати надомест кај кланот на Меџити. Ова создаде големо незадоволство и кај гласачите, но и кај други функционери на ДУИ кои немаа механизам да ги запрат процесите. Кланот на Меџити стана богат и моќен, а тој самиот отуѓен и недопирлив.

Токму во Чаир, пред очите на Меџити, се појавија и развиваа исламските радикални групи кои насилно преземаа џамии и приврзаници меѓу посиромашните слоеви. Токму врз тие исламистички процеси во Чаир денес се темели организацијата на Беса, а Меџити не успеа ниту да го препознае ниту да го изолира тој процес.

Денес, најголеми противници на коалиција на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ се токму Теута Арифи со нејзиниот соросоиден клан и градоначалникот на Чаир, Меџити со својата профитна група. Бараат вината за поразот да се лоцира врз ВМРО-ДПМНЕ, а не врз нив. Бараат виновник за резултатот од изборите на друго место, спасувајќи се себе, уривајќи го ДУИ.

Но, фактите кажуваат поинаку. Бројот на вработувања на Албанци кој го обезбеди ДУИ низ Охридскиот договор, а и пошироко, е заслуга на соработката со Груевски. Зголемените пензии, субвенции, работни места, албански универзитет... кои ДУИ си ги припишува на своја заслуга се, исто така, заслуга на политиката на Груевски. Затоа, јасно е дека е многу полесно за поразот да се покаже со прст кон друг, отколку да се преземе одговорност.

Третиот клан во рамките на ДУИ се поранешните команданти и нивните приврзаници. Тие се блиски соработници на Али Ахмети кои се заслужни за неговиот авторитет, тие се од Македонија, но и од Косово. Нивните барања се едноставни. Немаат капацитет ниту волја за високи државни функции, нив ги интересираат само профитни и доходовни бизниси кои носат брзи и лесни пари, како и спроведување радикални етнички програми како отцепување на дел од Македонија и припојување кон нивното Косово. Што заради отпор на ВМРО-ДПМНЕ кон овој дел од барањата, што заради немање меѓународна поддршка за овие идеи, ваквите проекти не можат да се реализираат и тоа предизвикува гнев на командантскиот клан кон шефовите на ДУИ.

Гневот на косовското командно крило и нивните домашни соработници оди до таму што се планираат акции за ликвидација на Али Ахмети, што им е познато и во ДУИ, а познато им е и на шефовите во Косово и Американската амбасада тука.

Значи, да резимираме: за коалиција на ДУИ со СДСМ се соросоидното крило на партијата, блиско до СДСМ и командантското крило од Косово кое во Заев и СДСМ гледа шанса за кантонизација на Македонија и отцепување на дел од територијата во полза на Косово.
За таа коалиција, од немукает, се и некои градоначалници како Меџити од Чаир кои причината за поразот сакаат да ја прикажат како вина на Ахмети заради соработката со ВМРО-ДПМНЕ, а не како сопствена одговорност за свој терен и пред свои гласачи.

Но, соработката на ДУИ со СДСМ оди кон ново губење гласачи од кампот на Ахмети, а јакнење на Беса и албанските гласачи кои веќе преоѓаат кај СДСМ.

Најпосле, во мај се локалните избори. Секако дека се очекува соработка на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, Чаир, Гостивар, Тетово, Дебар... во овие општини гласовите на ВМРО во полза на кандидатите за градоначалници од ДУИ можат да бидат пресудни за изборниот резултат, како и поддршката на ДУИ за градоначалник на Скопје во полза на ВМРО. Секако дека СДСМ, со својот камп албански гласачи, нема да соработува со ДУИ, туку ќе работи за себе и во албанските општини, или ќе соработува со својот соросоиден партнер - Беса.

Приказните и тезите кои ги шират соросоидите - дека од Американската амбасада се командува кој со кого ќе коалицира, се напумпани пропаганди.

Совети во тој правец секако дека има, но амбасадорот Бејли е на заминување, а иднината на добри односи со aмериканската амбасада е кај Груевски и ВМРО-ДПМНЕ кои веќе имаат релации со новата власт на Трамп во Вашингтон и, во иднина, ни приближно aмериканската амбасада нема да има финансиска и пропагандна поддршка за СДСМ како досега.
Најпосле, СДСМ и СЈО толку многу им направија лична и партиска штета на Ахмети и ДУИ пред изборите што голем дел од вината на загубени гласови од ДУИ во полза на СДСМ оди на таа сметка. Кој, после сето тоа, може да тврди дека треба да се здружиш со оној што ти ги кршел нозете пред трката и, потоа, откако си постигнал слаб резултат сака твојата слабост да ја искористи за свои цели.

Токму заради сево ова Ахмети бара да се изгласа закон за поширока двојазичност пред да се гласа влада, на првата собраниска седница. Да помине тоа како нивни предлог и заслуга пред албанските гласачи, а не на Заев и СДСМ.

Тоа е тоа. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се силна партиска машина и доминантна политичка сила и на власт, и кога би биле во опозиција. Не е тешко да се претпостави колку гласови би добиле за ВМРО-ДПМНЕ на првите наредни избори ако ВМРО премине во опозиција, а СДСМ како проалбанска, и три албански партии плус во коалиција, донесат закони и мерки на штета на Македонците и на уставниот поредок. Тоа би бил хаос и гнев кај Македонците кој, без сомневање, би експлодирал со поддршка за Груевски како никогаш порано.

Затоа, прва опција е коалиција на ДУИ со ВМРО, втора вонредни избори заедно со локалните кои би биле одложени за некој период, а дури трета опција за Ахмети е самоуништувачката варијанта - коалиција на СДСМ со ДУИ.

Се што бара ДУИ и ветува Ахмети е уставна категорија со потребни две третини мнозинство во парламентот, а тоа зависи од Груевски и ВМРО. СДСМ не може ништо, ама баш ништо да даде од она што Ахмети го бара. Тогаш, и нема многу дилеми околу одлуката што следи наскоро.Што и да биде, ќе биде вонредно.

Поврзани

Најнови вести

Коментари