Понеделнички

Летање

Драган Павловиќ Латас

Врзете ги појасите. Летот ќе биде долг, времето нестабилно, а летањето турбулентно.

Изборите се ближат. Прво оние во САД. Ретко кога нашата судбина толку зависела од избор на американски претседател како сега. Не е сеедно дали за прв пат Америка ќе добие жена, демократката Хилари Клинтон, или антиполитичар, Доналд Трамп.

Америка подготвува голема војна против Русија која се очекува да почне најдоцна во 2018 година, со вооружен судир долж руската граница со балтичките држави, Украина и понатаму, Полска. Планот е да се пука и долж руско-турската граница но, Ердоган го знае ова и, засега, успеа да се спаси себе и државата од хаосот кој се подготвува.

По државниот удар во Украина, која е во фаза на примирје, Вашингтон чекор по чекор ги дави и урива главните руски сојузници, преку демонстрации, блокади и државни удари како Бразил и Венецуела. Бразил е дел од економско-политичкиот сојуз БРИКС кој е силна конкуренција на ММФ, Светска банка и американските инсталации во Европската Унија. Претседателката на Бразил, Дилма Руселф е сменета без да загуби на избори, што е процес виден во Македонија, но со поинаков резултат.

На удар е и владата во Венецуела, другиот силен руски соработник на тој континент, но засега власта на претседателот Николас Мадуро е на нозе, иако државата е под блокада на западниот свет и се соочува со сериозни социјални трауми.

Американскиот државен секретар Џон Кери, по дебаклот со државниот удар во Турција, ја посети Индија, уште еден силен сојузник на Москва и член на БРИКС. Прилично галантно понуди отворање на американскиот и европски пазар за Индија. Кери понуди соработка и во изградбата на атомски централи, и го цитираше Обама дека соработката на САД со Индија е клучна за Америка во 21 век.

НАТО трупа нови сили, еве втора година по ред, во Полска, Романија, Бугарија и балтичките држави, на самите руски граници, што секако не е енергија и трошок за џабе.

Последната фигура во оваа сложувалка за идна војна против Русија која, нормално, нема да ја води директно Вашингтон туку ќе гинат други, е изборот на американски претседател за идните четири години. Таа фигура се вика - Хилари Клинтон.

Хилари Клинтон, и нејзиниот сопруг Бил, се модел за Клер и Френк Андервуд, јунаците на мегапопуларната серија Куќа од карти која се однесува на врвот на американската политика, и сите игри во политичкиот дел на Вашинтон. Кој ја гледал, се му е јасно, кој не ја гледал нека ја погледне. Тоа е брутална политика на суети и интереси.

Да, и според сериозните американски аналитичари изборот на Хилари Клинтон, подготвена да испорача се за власт и моќ, е вовед во скора војна против Русија. На нејзината поддршка работат воено-индустрискиот сектор, најмоќна лоби група во САД и мултинационалните компании кои трпат штети од Кина и Русија како Епл, Мајкрософт, Џенерал Елетрик, Ветингхаус... Си-Ен-Ен и групата моќни нафтни компании кои го губат влијанието и парите на Блискиот Исток.

Тогаш државната секретарка на САД, Хилари Клинтон, во 2012 година директно ја нудеше и промовираше Вестинхаус за изградба на нуклеарната централа Темелин во Чешка. Конкуренција на Вестинхаус е, очекувано, конзорциум предводен од руската компанија Атомстројекспорт. Инвестицијата е огромна, вреди 12 милијарди евра.

Кога социјалистите беа на власт во Бугарија потпишаа договор со Вестингхаус за атомската централа Козлодуј, вреден 4 милијарди евра. Кога Бојко Борисов ја презеде власта, одби да го ратификува договорот, како што одби да прифати распоредување на НАТО ракетни системи усмерени кон Русија, па тој ризик им го препушти на Романците.

Турција го преживеа државниот удар за кој, турските власти, тврдат дека им го спакувале од Вашингтон. Прва работа што Ердоган ја направи по преживувањето на државниот удар е средување на односите со Москва и обнова на договорите за гасоводот Турски тек и руска изградба на атомски централи во Турција.

Значи, позициите се тие. Следи многу турбулентно време. Време во кое Балканот мора да се пасивизира и држи во постојана тензија и нестабилност, влади без власт и политичари без углед кои, за да опстанат, мора да зависат од надворешна поддршка.

Во случај на војна против Русија сосема очекувано е дека расположението во Бугарија, Грција, Македонија, Србија, Црна Гора и дел од христијанскиот свет во Босна, па и Словенија и Хрватска би било проруско. Без оглед што некои од нив се членки на НАТО, и што властите ќе ги извршуваат обврските но, ќе имаат силна опозиција во граѓаните.

Овој проруски став на поголемиот дел во јавноста, во случај на масивна војна против Русија, има историски, верски но и современ карактер.

Имено, погрешната американска политика последниве децении по секоја цена да фаворизира и турка екстермни воени албански проширувања на територијата заради обезбедување цврст сојузник на Балканот создаде антиамерикански ставови во Грција, Бугарија, Македонија, Србија и Босна.

Словенците, колку да се знае, се традиционален сојузник на Москва, и така било еден век наназад. Москва и НКВД создадоа словенечко-хрватски клан свои луѓе кои владееја во Југославија.

Во Македонија, која пак традиционално тежнеела кон западната култура и традиција се случуваат серија дипломатски грешки на Вашингтон кои создаваат услови за проруско расположение.

Заклучно со последните акции за насилно уривање на власта, додуша неуспешни во обид, создавање паралелен незаконски систем со СЈО, разни Пленуми како паралелна власт која узурпира граѓанско општетсво, синдикати и министерства... Соросоиди кои го потиснуваат и преземаат СДСМ, односно опозицијата.

Се прашувам, дали во целата оваа заебанција која ни се случува во Македонија авторство има и Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Македонија од 2008 до 2011 година?

Случајно, или не, прислушувањето од масовни размери, за кои Македонија нема капацитет, почнуваат токму во 2008 година, кога Рикер стапува на должност кај нас. По мандатот во Македонија, Рикер заминува на позицијата заменик-помошник на заменикот државен секретар, задолжен за европски прашања. Надлежен за Македонија.

Според јавно објавените документи на Викиликс во 2011, во време кога Рикер бил амбасадор во Македонија испраќал депеши до централата во Вашингтон во кои се вели (цитирам): Рикер и Црвенковски имале неколку пати приватни разговори на кој Црвенковски во доверба, на пример, му ги искажал сомневањата за тоа како се "молзи буџетот за приватни цели# - преку браќата Мијалкови и преку Ставрески и Чингоски.

Претседателот Црвенковски, според документите на Амбасадата на САД, генерално размислува постратешки во однос на прашањето за името од Груевски следејќи ги нашите совети и охрабрување да му каже на Груевски да не ги одбива предлозите на Нимиц, дури и оние предлози за кои Груевски сметаше дека се "најлошите досега предлози на Нимиц" (од февруари 2008 година). Црвенковски сметаше дека е добро наместо да се повикува на неприфаќање, премиерот да го потенцира она што е прифатливо од предлогот, објавува Викиликс записи од Американската амбасада.

И според тие документи, и според виденото во живо, Филип Рикер е гласен и некритички поддржувач на СДСМ, како и на албанските лидери во Македонија.

Дали тука лежи клучот за тајната, како врвот на американската политика ја поддржува Македонија, и македонската влада, а службеници од пониското ниво имаат сосема поинаков став. Филип Рикер не се прослави со своето авторство во Македонија, сменет е од функција во Стејт департментот и денес е службеник во Американскиот конзулат во Милано.

Просто е неверојатно со која леснотија некои американски дипломати прават гафови со кои во Македонија се урива стабилноста, и се создава антиамериканско расположение.

Планот за државен преврат во Македонија, како и во Турција, не успеа затоа што народот во големо мнозинство се спротивставува на тоа. Пред се заради свој интерес. Не сака неизвесност, судири и сиромаштија и корупција кои кај СДСМ се дел од карактерот.

Промашување е и лидерството на превратниците: кримоген олигарх како Заев и кримогена заменичка како Шекеринска не се прифатливи ни за комшиии, а не за лидери.

Кога тие со месеци однапред најавуваат што и како треба да прави СЈО, кој да биде гонет а кој суден, а тие ослободени за своите криминали, а СЈО исполнува - кој нормален ќе верува дека СЈО е институција, а не локален огранок на струмичкиот олигарх.

И, што да се прави. Немирни денови следат во кои ние сме внесени без своја воља, и без своја заслуга. Треба да се следи сопствениот ум и интерес, и ништо друго.

Амбасадорите доаѓаат и заминуваат, "шарените" веќе влегуваат во политиката и Собранието, и со тоа го губат вкусот на граѓанско движење, станувајќи дел до калта која ја прозиваа. Треба да се издржи сега, за да се постои и живее како човек утре.

Никакви промени на национално име, никаква двојазичност и федерализација. Ако тоа помине, ние поминуваме како Србите и Турците што поминаа на Косово. Како бегалци во транзит. Засекогаш. Најпосле, никој не може да не натера на тоа со сила.

Кога сме кај СЈО... гледам мојата омилена обвинителка Ленче Ристовска ја скратила косата. А реков дека ако паднам кај СЈО, нека паднам во нејзини раце за обострано добро.

Не и личи новата фризура, ја загубила женственоста и нежноста. Ако ме вика во СЈО нека почека додека и се врати старата добра фризура, со неа ја обожавам.

Летот продолжува...

Поврзани

Најнови вести

Коментари