Понеделнички

Евроазија виа Скопје

Светот се менува, и Македонија мора да го најде своето место во таа иднина... рече претседателот Иванов, неодамна за Дневникот на Сител. Оваа изјава на Иванов е најдлабоката политичка изјава од некој наш политичар последниве година дена барем.

По години политика исполнета со гледање партиски пресметки отруени со спинови, пропаганди, местенки и полувистини - каде кој бил на одмор, кој со кого седел на кафе, кој имал сметки ваму и кој куќи онаму... Иванов ја враќа реалната политиката на главната сцена, а сплеткарите нека видат што ќе прават со себе во политиката понатаму.

Па, како тоа се менува светот, и каде е местото на Македонија во него.

Во Европската унија се борат да се спаси што е можно за спасување, пред големата пресметка внатре, на тема: кој е за Москва, а кој за Вашингтон.

Вашингтон, засега, може да смета само на Велика Британија, Полска, Романија, трите балтички држави и Бугарија, но само доколку таму се стабилизира власта. Се друго е неизвесно. И да победи Вашингтон контра Москва, а повеќето европски држави да застанат зад нивната политика, многу членки ќе бидат на спротивната страна, а тоа е веќе длабок јаз по кој Унијата нема веќе да биде онаа што била до скоро.

За кое прашање се овие подготовки пред финалната битка. За Евроазија.

Веќе нема дилема дека Путин успеа да го отвори процесот на создавање евроазиска економска унија. Од минатата недела и Ерменија се приклучи на евроазискиот блок во кој, формално, веќе се наоѓаат Русија, Белорусија и Казахстан. Формално, затоа што неформално дел на тој блок е и Кина, која со Русија наскоро ќе остварува трговска размена која е поголема од трговската размена на Русија со целата Европска унија.

Пред потпишување на договор за стапување во Евроазија беше и Украина, но се случи државниот удар во Киев, па новите власти решија да потпишат договор за слободна трговија само со Европската унија, а со Русија имаат нефункционален договор за царинска унија кој се спроведува само делумно, најмногу на делот кој не е под власт на Киев.

Евроазија.

Путин е на власт скоро петнаесет години, од 2000-та па наваму. Тоа е доволен период во државата да се постават планови и проекти, да се формираат тимови, да се изврши подготовка и расчистување во општеството за спроведување на плановите.

Путин успеа да создаде материјална и финансиска база, и контрола над големите пари, да ја возобнови воената индустрија и геостратешките позиции на Русија на Блискиот исток, Балканот, кон Азија и, секако, да се градат добри односи со Германија.

Путин, за таа цел, работи со тим од дваесетина луѓе кои се две децении перманентно со него. Проверени во разни ситуации.

За тоа време, додека Путин без задршка ја градеше својата позиција, и сегашната реализација на плановите, во САД се сменија неколку претседатели, и нивни тимови.

Тоа е асинхрона позиција на Вашингтон во однос на Москва. Секој американски претседател е осуден на ограничена власт. Ограничена со време, другото е нелимитирано. Првиот мандат мора да му биде умерен, за да може да има шанси за втор. А, во меѓувреме, секоја промена на власт носи и нови луѓе, со нови амбиции, планови и интереси кои не се секогаш на линија на претходниците. Значи, го нема континуитетот во стратегиите кој го има кај Путин, и неговите петнаесет години власт без прекин.

Тоа на Москва и дава голема предност.

За тоа време, Путин пушти Вашингтон да води десетина војни, и да изврши неколку крвави државни удари во арапскиот свет и Африка, со што се засилија руските позиции како спасител од злото. Сирија и Иран денес се партнери на Москва, за кои Вашингтон нема решение, а американските партнери како Египет, Ирак и Либија се руини од држави.

Или, пренесено на балканско тло. Дали Србија денес би била сојузник на Вашингтон или на Москва, ако не беше бомбардирањето во 1999 година. Силната американска поддршка на Албанците, и нивното насилно и вооружено ширење за доминација на Балканот, создава отпор во Босна, Црна Гора, Србија, Македонија, Грција... кон севкупната американска политика. Особено меѓу народот. За властите, како-така Вашингтон досега наоѓаше решение. Но, до кога ќе може тоа да го прави и понатаму.

Времето работи за Путин, и неговиот проект Евроазија.

Времето, и буквално, работи за Путин.

Временските, климатски промени кои се предвидливи и мерливи, покажуваат дека во воздухот се создава голема влажност. Последиците од тоа се големи океански бранови кои од просечните неколку метри, сега се издигаат со просек над десетина метри, и наскоро дваесетметарските бранови ќе бидат редовна појава во океанските бури. Со ова, трговијата со бродови преку океаните станува ризична, и скапа. А САД, без трговија преку море, се сериозно загрозена економија.

Најголемата воена предност на САД е нивната морнарица. Дали е потребно да се спомнува колку нејзината мобилност е ограничена со новите климатски промени... Тие ќе мора да бараат нови, големи поморски воени бази, во далеку поголем број од сега, а тоа се нови пари кои САД веќе ги нема. Па, ако не може со пари, ќе мора со сила. А тоа се нови војни, и нови дестабилизации на влади и држави кои ќе бидат цел на тие намери.

Со климатските промени се менува, и тоа битно, и квалитетот на воздушниот простор. Воздухот станува густ, немирен и тежок за летови на авионите. Денес, времето на турбуленција на лет од Европа до САД е двојно поголемо отколку пред десет години. Наскоро ќе биде пет пати поголемо, или турбуленција од три часа за лет од девет часа.

Тоа е голем напор за авионите кои ќе станат скапи, и помалку безбедни.

Климатските промени, за период од десетина години, ќе отворат процес на изолација на Америка од Европа и Азија. Економска изолација, и воена дисфункција. Тој процес е неизбежен, и тука ни Путин ни Меркел или Обама не можат ништо да сменат.

Америка, уште сега, најголем дел од својата скапа понуда ја произведува во Кина, а делумно во Тајван, Јужна Кореја и Филипините. Тоа е далеку од нејзините брегови. Патот до Кина, преку копното на Алјаска, би можел да се пренасочи преку земја. Но, тоа е пат кој треба да помине преку Русија, а во Русија ги чека Путин.

Клаустрофобично, нели. Времето работи за Путин.

Во Европа го знаат ова. Особено им е познато на силните економии во Германија, Франција, Италија... а тие се и најскептични кон новата политика на Вашингтон кон Русија, конкретно видена преку акциите спроведувани во Украина, Блискиот исток и на Балканот. Европа, за скоро време, ќе мора да бира помеѓу идеологијата и опстанокот.

Кина, Русија, големиот и енергетски моќен Казахстан, Белорусија... опстануваат. Нема океани меѓу нив, потребите и понудите им се компатибилни, а системите слични. Во најава е градба на моќна и брза железница помеѓу овие држави, со возови кои се движат помеѓу 200 и 300 километри на час, какви веќе имаат Кинезите денес.

Европа без Азија нема да има енергија и пазар за својата понуда.

Европа и треба на Азија и Русија затоа што е богат пазар и технолошко-научен базен од кој имаат полза. Дали денес, или утре, Европа ќе мора да се движи кон исток. Германија деновиве објави пад на извозот во август за 6 проценти. За Германија тоа е алармантно. За Путин тоа е очекувано.
Вашингтон прави се што е во нивна можност да воспостави власт во Европската унија, и да го спречи европското движење кон исток. Најлесно му е тоа да оди преку НАТО, каде Вашингтон има најголема контрола над европските влади. НАТО мора да има функција и важност која е соодветна за моментот. Затоа се отвора проектот Украина.

Но, проблемите во Сирија, Ирак и на Блискиот исток ги трошат времето и парите.

Балканот е пред нова редефиниција. Инструментите на Вашингтон, пред се во Приштина и Тирана, нема да имаат мирен сон наредниве години. Ѓукановиќ во Црна Гора ги брои последните години на својот мандат, тоа е сигурно. Ципрас и Сириза во Грција со секоја година стануваат се помоќна политичка сила на која власта и е судена.

Турција успеа да изгради добри односи со Москва, и Путин е турски пријател...

Што е предизвикот, и кој е изборот за Македонија во овие процеси.

Имаме платени да го мислат тоа, моето завршува до тука.

Поврзани

Најнови вести

Коментари