Осигурителните полиси ги амортизираат неочекуваните трошоци

Зелената карта покрива минимум 1,2 милиони евра материјални и 5,6 милиони нематеријални штети

Зелената карта е задолжителна за возилата што ја преминуваат границата и таа ги покрива штетите што ќе се случат надвор од државата, а според препораките на директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски, во летниот период, кога се оди на одмор, препорачливо е да се купи и полиса за автоасистенција, да се осигури домот, а да се земе и патничко осигурување

Ниту еден возач не тргнува на пат преку границиа без да обезбеди зелена карта. Сите знаат дека е неопходна кога со возило се оди во странство, но не сите се запознаени со деталите за неа, односно за што се однесува и колку пари треба да се издвојат за да се набави,

Со оглед на тоа што зелената карта е особено актуелна сега, во периодот на летните одмори, од Агенцијата за супервизија на осигурувањето објаснуваат дека осигурувањето од автомобилска одговорност е задолжително и со него возачите се обезбедуваат од одговорност за штети кои со моторно возило ќе се причинат на трети лица. Согласно законските одредби секое превозно средство пред да биде пуштено во сообраќај треба да поседува полиса за осигурување од автомобилска одговорност, а гледано од аспект на поставеност на системот на осигурување од автомобилска одговорност во Република Македонија, оваа полиса ги покрива исклучиво штетите причинети на територија на Република Македонија. Од друга страна, зелената карта претставува продолжување на осигурителното покритие од автомобилска одговорност за штети причинети на трети лица надвор од територијата на Република Македонија, односно на територија на земјите членки на системот на зелена карта.

- Цената за зелена карта е регулирана со Одлука на Владата на Република Македонија. Во моментов во Република Македонија важат цените за зелена карта дефинирани со Одлука која е на сила од 18 јуни 2015 година, односно, за патнички возила до 66 киловати, висината на годишната премија изнесува 60 евра, а 30 евра е месечната премија, додека за патнички возила над 66 квати, висината на годишната премија изнесува 90 евра, а месечната премија е 50 евра. Она што исто така е важно и би сакале да го потенцираме, е големото покритие кое го нуди зелената карта, односно обврската која ја презема друштвото за осигурување кое ја издало, за евентуално причинети штети на територија на странска земја. Согласно европската регулатива, сумите на осигурување кои ги обезбедува осигурувањето од одговорност спрема трети лица се поставени на минимум 1.200.000 евра за материјални штети и минимум 5.600.000 евра за нематеријални штети. Во последните години голем број од земјите членки на системот на зелена карта преминуваат на нелимитиран износ на суми на осигурување, што значи дека зелената карта обезбедува нелимитирано покритие за штети причинетите на трети лица, објаснува директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски.

Во насока на точно и веродостојно информирање на јавноста за цената на полисата за автомобилска одговорност и на зелената карта, а со цел да се спречат шпекулациите и дилемите што се појавија во изминатиот период, тој потенцира дека не може да се врши споредување на цената на зелената карта кај нас и во соседните земји, бидејќи во случајот на Србија и Бугарија цената на ризикот на зелена карта е вклучен со издавање на основната полиса за автоодговорност, при што таму се наплатува дополнителен трошок за печатење на картата.

- Основната полиса за автоодговорност во Македонија е поевтина во споредба со Србија имајќи го предвид системот на бонус и малус, каде што возачите можат да достигнат до 50 проценти бонус од основната цена доколку не се причинители на штета во претходниот период на осигурување. Во Србија неодамна почна да се применува системот на бонус и малус. Во Бугарија како земја членка на ЕУ има слободно формирање на цени за автоодговорност од страна на друштвата за осигурување. При тоа различни компании може за ист вид на возило да имаат различна цена и таа разлика да биде голема, прецизира Попоски и додава дека според податоците од Националните бироа на Србија и Бугарија просечната цена на автоодговорност на патнички возила е на повисоко ниво споредена со цената во Македонија, со напомена дека ова не се однесува на цената на зелена карта.

Ако секое возило мора да е осигурено од автоодговорност, а зелената карта мора да се купи кога се вози во странство, полисите за домаќинско и патничко осигурување, како и новата, за авто асистенција се земаат на доброволна основа, но препорачливо е да се обезбедат, особено во летниот период, кога почесто се патува надвор од државата. Тие се од корист затоа што со нив ќе се покријат неочекуваните трошоци што може да настанат за време на патувањето.

- Така на пример, полисата за патничко осигурување се склучува за одреден број на осигурени денови во определен временски период (траење на осигурување) и покрива трошоци кои неочекувано настанале за време на патувањето или пред патувањето (во случај на откажување на патувањето). Во зависност од избраното покритие, може да бидат надоместени трошоци за лекување од незгода и болест, надомест за смрт од последици на незгода, трошоци поради доцнење или кражба на багаж, надомест во случај на губење на патни документи, како и друга здравствена помош, кои би можеле да настанат за време на патувањето, вели Попоски.

Тој појаснува дека оваа полиса може да биде склучена со или без франшиза, а франшизата претставува учество на осигуреникот во настанатата штета. Односно, доколку штетата е помала од франшизата, настанатите трошоци од штетата ги покрива осигуреникот, а доколку штетата е поголема од франшизата, износот над франшизата го покрива друштвото за осигурување.

- Доколку во периодот на патувањето, настане штета, потребно е да се контактира асистентската куќа чиј број е наведен во полисата или условите за осигурување. Треба да се следат советите што ги даваат и да не се презема ништо без претходно одобрение, на пример предвремено враќање дома, репатријација, трансфер од една во друга болница, советувба Попоски.

Како дополнителна услуга за помош при патување во и надвор од државата осигурителните компании го нудат мошне актуелниот производ автомобилска асистенција.Во зависност од избраниот пакет, автомобилската асистенција опфаќа услуги како поправка во случај на дефект на возилото, влечење и превоз на возилото, превоз на возачот и патниците до крајната дестинација, изнајмување на заменско возило, преноќување за возачот и патниците, помош во случај на снемување на гориво, помош во случај на губење или кражба на клучевите од возилото, пренос на поправено возило и останати услуги.

Со оглед на тоа што во летните месеци домовите остануваат празни подолг временски период, што ги прави поподложни на кражби или штети како поплавување или пожар, како заштита од овие несакани ризици пожелнно е и осигурување на имотот. Осигурувањето на домаќинство овозможува надоместок за материјалните загуби кои произлегле од штетен настан во куќа, стан, гаража, викендичка, мебел, електронски апарати, сите видови инсталации, како и разни скапоцености. Овој тип на осигурување овозможува покрај штетите настанати во домаќинството, да ги надомести и штетите настанати кон трети лица (соседни имоти кои претрпеле штета како резултат на штета настаната во домот — пожар, поплава и др.), а преку овој производ може да се обезбеди покритие за штети претрпени од трети лица. Исто така, осигурувањето на домаќинство, доколку е договорено во полисата, ги покрива и трошоците за нужно сместување за осигуреникот при тотална штета, односно кога домот е оштетен до степен да не е погоден за живеење.

- Во основните пакети на осигурување на имот, покрај пожарот како основни ризици се вклучени и излевањето на вода од инсталации и провалната кражба и разбојништво. Додека пак, поплавата, како природен катастрофален настан и земјотресот се дополнителни ризици, за кои се плаќа дополнителна премија, доколку осигуреникот сака да бидат вклучени во полисата за осигурување, појаснува Попоски..

Овие полиси функционираат така што штетата во друштвото за осигурување треба да се пријави во рок од три дена по настанувањето. Пожар, експлозија, провална кражба или разбојништво, задолжително треба да се пријават во полиција, а записникот на надлежниот орган на МВР кој го извршил увидот на лице место е еден од неопходните докази за исчезнатите и/или оштетени предмети. Тој меѓу другото, дава основа за надомест на штета со дефинирање на извршеното дело или настанатата штета.

Двоцифрени стапки на раст на животното осигурување

На пазарот на осигурување во Република Македонија функционират 15 друштва за осигурување, од кои 11 за неживотно, а четири за осигурување на живот. Наскоро ќе почне да работи и Триглав Осигурување Живот АД, Скопје, дел од Групацијата Триглав, кое дозволата за работа ја доби на 4 овој месец и со тоа пазарот на осигурување на живот ќе се зголеми на пет друштва.

- Формирањето на уште едно друштво за осигурување на живот од страна на реномирана странска осигурителна групација со седиште во ЕУ претставува знак за постоење потенцијал за иден развој на осигурувањето на живот кој се заснова на стабилни идни макроекономски и монетарни проекции, расположливи финансиски инструменти за пласирање на мобилизираните парични средства од наплатените премии, здрава законска регулатива и ефикасна супервизија. Влезот на ново друштво ќе придонесува кон силна конкуренција која сама по себе наметнува примена на нови и напредни технологии, иновативност, поголема грижа према осигурениците, воведување на нови продукти, вели Попоски.

Осигурувањето на живот во последните години во континуитет бележи двоцифрени стапки на пораст и тоа едни од најголемите споредено со други земји од регионот. Така на пример во првата половина од оваа година има зголемување од 16,6 насто во однос на истиот период од мината година.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари