Експерите децидни дека нема простор за паника

Во Гевгелиско не се отвора рудник туку само се вршат истражувања

Универзитетски професори, директори на рудници, претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, денеска дебатираа во Стопанската комора на Македонија за актуелните случувања во рударскиот сектор, а на граѓаните на Гевгелија кои в недела ќе гласаат на референдум, им испратија заедничка порака дека нашата законска регулатива за заштита на животната средина е многу строга, во некои сегменти дури и построга од онаа на Европската Унија

Во близина на Гевгелија не се отвора рудник туку само се вршат детални геолошки истражувања, кои треба да покажат колкаво и какво рудно богатство има. Дури потоа, ако е исплатливо, ќе се издаде концесија за отворање рудник и ќе се одреди технологијата што ќе се користи. Ова е пораката што вчера, три дена пред одржување на референдум за изјаснување за или против рудник на Кожуф до гевгеличани ја упатија луѓе од рударскиот бизнис, од Владата и од науката.

Универзитетски професори, директори на рудници, претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, вчера дебатираа во Стопанската комора на Македонија за актуелните случувања во рударскиот сектор, а на граѓаните на Гевгелија кои в недела ќе гласаат на референдум, им испратија заедничка порака дека нема простор за паника зашто нашата законска регулатива за заштита на животната средина е многу строга, во некои сегменти дури и построга од онаа на Европската Унија.

- Немам друга опција освен да дадам силна поддршка на геолошките истражувања во Македонија. Порано имало и понатаму треба да има геолошки истражувања бидејќи со нив ќе имаме можност за отворање рудници, а на рударството во Македонија која било политика треба да му посвети внимание затоа што тоа е една од гранките за развој на економијата во државата. Конкретно, за случајот во Гевгелија, апсолутно сум против такви настапи, зашто тие кои истражуваат ги имаат сите согласности и одобрена проектна документација. Сега работата е во фаза на детални геолошки истражувања. Дај боже таму да има рудни резерви, да се отвори рудник, зашто на оваа држава и требаат капацитети, рударство, порачува Костадин Јованов, директор на Геолошкиот завод на Република Макеоднија.

Тој објаснува дека засега не се знае што има таму, а кога ќе се изработи елаборатот, пред издавање на согласноста за експлоатација ќе се согледаат сите аспекти. Јованов потенцира дека државата треба да го гледа својот интерес во одржливо експлоатирање на минералните суровини.

- Македонија има перспектива и ни требаат истражувања. Ова што се случува во Гевгелија им дава негативен сигнал и на домашните и на странските инвеститори, зашто истражувањето е скапа работа, посочува тој.

Професорот од Рударско-геолошкиот факултет во Штип, Дејан Мираковски, вели дека во целиот случај има многу шпекулации и дезинформации.

- Во Европа се произведуваат околу седум проценти од бакарот и околу шест проценти од златото, а потребата од минерални суровини расте од ден во ден. Македонската законска регулатива во многу делови е порестриктивна од онаа на некои земји членки на ЕУ. Значи, ние и во делот на проектирањето и во технологиите сме обврзани да ги усвојуваме најдобрите практики и во Европа и во светот, па не можеме со шпекулации и дезинформации да градиме стратегија на развој на една гранка. За неколку години на економски план Македонија ќе почива на земјоделството и на минералните ресурси со кои располагаме, кои треба да ги искористиме оптимално, посочува тој и додава дека ако некој во Макеоднија сака да вложи 400 до 500 милиони евра мора да има поддршка од банките, а нема да ја добие ако проектот има негативен импакт врз животната средина.

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно прланирање Соња Лепиткова потенцира дека затворените рудници имаат поголемо негативно еколошко влијание, отколку активните, кои се подложени на постојани контроли.

- Во Гевгелија се уште нема направено струдија, се уште се прават истражувања и нема резултати кои ќе покажат што има таму, колку има и кои технологии ќе се применат. Референдумот е сосема непотребен. Ние за нешто за што нема никакви податоци кажуваме дека не треба да постои. Нека дојдат резултатите од истражувањето, да видиме кои технологии ќе се применат, па потоа заедно со јавноста ќе видиме дали ќе дадеме согласност или не. Ако, на пример, се покаже дека има алувијално злато, тогаш при експлоатација воопшто не се користат хемикалии, нема ни рудник. Јас не верувам дека деталните испитувања ќе покажат таков резултат, но треба прво да ги почекаме, па потоа да зборуваме за употреба на цијанид, арсен. Се тоа се ноторни невистини, револтирано вели Лепиткова.

Во целиот случај некои работи се многу избрзани и сигурно ќе остават негативно влијание врз потенцијаните инвеститори, смета Николајчо Николов, директор на рудникот "Бучим# и претседател на Македонската асоција за рударство при Стопанската комора.

- Малку е чудно што во Гевгелија, каде се вршат истражувања, луѓето се изјаснуваат да нема рудници. Законските прописи во Македонија оваа материја ја имаат добро регулирано. Деталните геолошки истражувања се за да се види што има, па доаѓа фаза за добивање концесија за експлоатација, проследена со опширна документација за влијание на животната средина и на крајот доаѓа дозволата за експлоатација. Конкретно, овој процес во Гевгелија се наоѓа на самиот почеток, вели Николов.

Тој потенцира дека во последните 40 години во Македонија не е отворен ниту еден рудник за металични суровини, што кажува колку тоа е тешко, скапо, специфично и колкав пат треба да се изоди.

(С.Ву.)

Најнови вести

Коментари