(Видео) Друштвото „Дебарски бањи“ сите гости ги пријавувало како болни за да го избегне ДДВ

Главната извршна директорка на Друштвото „Дебарски бањи-Цапа“ АД Дебар, А.Р. доби кривична пријава поради даночно затајување од Управата за финансиска полиција. За да го избегне ДДВ Друштвото сите гости ги пријавувало како болни кои се на рехабилитација, а инспекциите од Управата утврдиле дека „Дебарски бањи – Цапа“ нема дозвола за вршење на здравствени услуги од Министерството за здравство, ниту пак располага со опрема и кадар за вршење здравствени услуги. Здравствена дејност, согласно постојните закони, можат да вршат само регистрирани здравствени установи, а не и правните лица кои се основачи на здравствените установи, посочија од Управата.

„Пријавената А.Р. во периодот од 01.01.2012 година до 31.12.2016 година, со намера да се стекне со противправна имотна корист за себе и за пријавениот правен субјект, остварените приходи од хотелски услуги (хотелско сместување, исхрана и слично) во вкупен износ од 539.695.226 денари, спротивно на законските прописи неосновано ги прикажала како здравствени услуги, без да поседува дозвола за вршење на здравствени услуги и во задолжителните пријави за ДДВ, кои ги поднела во Управата за јавни приходи, не пресметала, не пријавила и не уплатила, односно затаила ДДВ во износ од 25.674.077,00 денари“, соопшти Арафат Муареми, директор на Управата за финансиска полиција.

Управата по инспекцијата во „Дебарски бањи – Цапа“ утврдила дека пријавениот правен субјект врши продажба на угостителски услуги, а не продажба на здравствени услуги и поради тоа бил должен на продажбата на угостителските услуги да пресметува, пријавува и плаќа ДДВ по стапка од 5 %, согласно Законот за данок на додадена вредност.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари