СО ОДЛУКА НА ВЛАДАТА

Турски ТАV ќе ги обнови аеродромите

Вкупната инвестиција на ТАV за сите три аеродроми изнесува 230 милиони евра, со тоа што концесионерот за 20-годишно стопанисување со аеродромите ќе плаќа надоместок на државата во висина од 40 милиони евра

Турската компанија ТАV airports holding од Истанбул ќе ги модернизира скопскиот и охридскиот аеродром и ќе го гради новиот карго аеродром во Штип. Одлуката ја донесе Владата, откако Комисијата за давање под концесија на трите аеродроми ја предложи ТАV за најповолен понудувач иако таа ја достави единствената понуда.

Според портпаролот на Министерството за транспорт и врски, Драган Симоновски ТАV е обврзана во рок од 14 дена од приемот на владината одлука да формира македонска компанија за посебна намена, да ја регистрира во Централниот регистар на Македонија и со министерот за транспорт да го потпише договорот за концесионерство.
- Идниот концесионер ќе има голем број на обврски и градежни зафати кои треба да ги исполни во предвидените рокови. На пример, полетно - следната патека на Александар Велики треба во рок од 20 месеци да ја продолжи кон југ за 500 метри а за истиот период треба да изградат нова терминална зграда и комунална инфраструктура со пристапен пат и нова клучка - појаснува Симоновски.

За реновирање на административната зграда и карго-центарот на охридскиот аеродром како и изградба на вип објект и пречистителна станица, на новиот концесионер му е оставен период од 12 месеци. Карго аеродромот во Штип, турската ТАV треба да го изгради за три години и по тој рок ако одлучи да не го стопанисува, според тендерските услови концесионерот може да и го отстапи на Владата.
Вкупната инвестиција на ТАV за сите три аеродроми изнесува 230 милиони евра, со тоа што концесионерот за 20-годишно стопанисување со аеродромите ќе плаќа надоместок на државата во висина од 40 милиони евра. Проекцијата на ТАV е дека до 2029 година ќе го подигне бројот на патници од сегашните 680.000 на 4,9 милиони годишно, од кои половина милион на охридскиот аеродром што е речиси 10 пати повеќе од сегашната бројка.

Покрај тоа што оператираат со истанбулскиот аеродром Кемал Ататурк, ТАV е присутен и во Анкара и Израел на два аеродроми во Грузија и Тунис, а ги градат и аеродромите во Каиро и Катар.

Светлана БЛАЖЕВСКА

Најнови вести

Коментари