Светска банка вети 57 милијарди долари за Африка

Светска банка вети дека ќе издвои околу 57 милијарди долари за инвестициски проекти за зајакнување на економиите во потсахарскиот дел на Африка.

Најголем дел од тие средства, 45 милијарди долари, ќе ги издвои Агенцијата за меѓународен развој во рамките на Светска банка, која дава безкаматни кредити за најсиромашните земји.

Останатите средства исто така ќе бидат од Светска банка, но од други нејзини филијали.

Претседателот на Светска банка, Џим Јонг Ким оваа недела ќе ги посети Руанда и Танзанија каде со официјаните претставници ќе разговара за поддршката од меѓународните финансиски организации во тој дел од Африка.

"Ова претставува одлична можност да се промени траекторијата на развој на земјите од овој регион. Ние ќе работиме на тоа да се прошири програмата во образованието, да се подобрат основните здравствени услуги, да се добие чиста вода, да се развие земјоделството, бизнис климата, инфраструктурата и институционалните реформи", изјави Ким.

Светска банка е одговорна за обезбедување на финансии и давање на совети за земјите со цел да се зајакне економскиот развој и да се намали сиромаштијата, но и да се зачуваат меѓународните инвестиции.

"Финансирањето ќе им помогне на африканските земји да продолжат да се развиваат, ќе создаде можности за граѓаните и градење на отпорност на шокови и кризи", рече Ким.

Поврзани

Најнови вести

Коментари