Додека Собранието паузира, дел од граѓаните во исчекување

Стечајците и работниците со минималец чекаат пратениците да се вратат од одмор и да им ги наполнат сметките

Минатиот месец во Собранието е доставен законот преку кој стечајците од државните фирми секој месец ќе добиваат по 7.596 денари, а овој месец во законодавниот дом стаса и законот со кој минималната плата се зголемува на 12.000 денари, но не се знае дали ќе се донесат на време за да почнат да се применуваат од септември, зашто не се ставени на дневен ред

Пратениците вчера заминаа на краток годишен одмор, а вработените со најниски примања и стечајците останаа во неизвесност дали и кога ќе ги дочекаат ветените минимална плата од 12.000 денари, односно месечен надомест од 7.596 денари.

Во Собранието во јули е доставен Предлог-закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, а овој месец и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија. Собранието почнува со работа веднаш по празникот Богородица, а стравувањето дека законите нема да стигнат на време за во октомври да се исплати првата зголемена минимална плата и првиот надоместок за стечајците, се темелат на тоа што двата предлог закона ги нема во агендата на Собранието.

Единствена закажана седница за по одморот засега е седница на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на агенцијата за разузнавање, која треба да се одржи на 30 август, на чиј дневен ред е Извештај за работата на Управата за безбедност и контраразузнавање за 2016 година и Извештај за работата за 2016 година на Агенцијата за разузнавање.

Се очекува двата закона кои ги засегаат стечајците и вработените со минимална плата да се донесат на седница од септември, за да можат овие септемвриски примања да се исплатат во октомври, како што беше ветено. Во владејачката СДСМ има оптимизам дека работата ќе се заврши на време. Партијата преку соопштение вчера објави дека се отстранети сите пречки и оти наскоро ќе биде донесен закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како "закон за стечајци#. Тоа, потенцира партијата, е уште една клучна мерка од предизборната програма на СДСМ и од Програмата на новата Влада.

Инаку, пресметано е дека со ова законско решение ќе бидат опфатени околу 3.000 стечајни работници кои ќе добиваат месечен надомест од по 7.596 денари. Парите се обезбедени со ребалансот на државниот Буџет, а наменети се за стечајните работници кои најмалку 15 години работеле во претпријатие со доминантна сопственост на државата, а работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок им престанал во периодот од 1 јануари 1995 година до 31 декември 2016 година.

- Со оваа мерка ќе се реши проблемот со статусот на стечајните работници и ќе се исправи долгогодишната неправда кон оваа категорија граѓани, кои не по своја вина останале без работа и долго време се без никакви приходи, се наведува во вчерашното соопштение на СДСМ.

Околу 130 илјади вработени, пак, ја чекаат измената на Законото за плати, за примањата да им се покачат на 12.000 денари, на колку што ќе се зголеми минималецот од сегашните 10.080 денари. Меѓу нив најбројни се кожарите и текстилците, за кои сега за разлика од другите вработени во државата во сила е пониска минимална плата, од околу 9.500 денари. Тие по измената на Законото ќе имаат зголемување на месечните приходи од 2.500 денари.

И ова ќе се овозможи со буџетски пари, од кои компаниите ќе добиваат по 500 до 2.000 денари по вработен. Помош во таа висина ќе се исплаќа до март следната година, а потоа таа финансиска поддршка ќе се преполови. Фирмите кои ќе добијат пари од државата нема да смеат да ги отпуштат работниците најмалку една година, во спротивно, ќе мора да ги вратат парите што ги добиле од државата.

За да добиваат помош работодавачите треба да имаат статус на активен обврзник, да не се во постапка на стечај или ликвидација и да ги имаат подмирено обврските за вработените по основ на плата, придонеси и даноци. Со предложените измени на Законот се предвидува минималната плата од 12 илјади денари да биде задолжителна за сите фирми, од септември до јуни 2018 година.

По повод овие ветувања на владејачката партија со соопштение вчера се огласи и ВМРО-ДПМНЕ и ја повика СДСМ да престане со лицемерие, лаги и манипулации кон стечајците.

- Крајно лицемерно е СДСМ да зборува за социјална заштита и грижа за функционирањето на социјалните работници, кога во периодите додека беа на власт со прст не мрднуваа за подобрување на системот на социјална заштита во Република Македонија, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Во тоа соопштение меѓу останатото, се наведува дека СДСМ мора веднаш да ја зголеми просечната плата на 30.000 денари, а минималната на 16.000, докторите да добијат плата од 100.000 денари и да се отворат илјадници работни места. Мора, се додава, да се изградат и новите 600 километри автопат наместо да се блокира изградбата на постојните.

(С.Ву.)

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари