Директорката на УЈП открива случај

Со помош на даночници 37 фирми две години не плаќале данок на добивка

Со интервенција во ситемот на даночната управа за овие фирми, од кои дел се државни, не се печателе опомени за долг по однос на данок на добивка, што е услов за почнување постапки за присилна наплата

Приватни и државни компании, вкупно 37 на број две години избегнувале да платат милионски суми за данок на добивка со помош на вработени во Управата за јавни приходи на високи позиции.

Како што информира директорката на УЈП, Сања Лукаревска, во 2015 и 2016 година овие фирми биле привилегирани во однос на другите, затоа што не добивале опомени за неплатен данок на добивка и за нив не почнувала постапка на присилна наплата. Поради ова, како што инфомрира Лукаревска, против две лица вработени во УЈП се води дисциплинска постапка, но истрагата ќе се проширува. Меѓу нив, како што истакна, се и лица на високи раководни функции одговорни за мониторирање на компјутерскиот систем.

- По основ на добиени информации и одредени сознанија за постоење незаконски дејствија и интервенции во системот на УЈП за данок на добивка, утврдено е дека свесно и намерно со интервенција и насоки од вработени во УЈП, извршено е изземање на 37 правни лица од постпаки на присилна наплата, односно овие фирми подолг временски период биле отстранувани од листите за генерирање опомени за наплата на долгови за данок на добика, што е услов за започнување постапки за присилна наплата, прецизира Лукаревска.

Конкретно, сите 37 фирми добиле привилигирана позиција на тој начин што во електронскиот систем на УЈП за данок на добивка била овозможена посебна програма за забрана за печатење опомени за долгови по основ на данок на добивка, која овозможувала подолг период, односно околу две години даночните обврзници да бидат изземени од постапки за присилно наплатување на евидентирани милионски долгови.Ова се случувало и потрај тоа што службите на УЈП имале обврска да го монитотираат целокупниот процес и да ги преземат сите неопходни мерки за издавање опомени согласно евиденцијата и состојбата на долговите за даночните обврзници и да преземат мерки за отпочнување даночни постапки.

- Секој е должен да плаќа данок на начин утврден со закон. Никој нема да биде привилигериан надвор од Законот, ниту даночните обврзници, ниту бизнисите, ниту сметководителите, ниту граѓаните, а најмалку вработени во УЈП. Залоупотреба на положбата на даночниот службеник за остварување каква било корист за друго службено лице или за друго правно или физичко лице нема да се толерира и за сите инволвирани ќе бидат покренати постапки, порача Лукаревска.

Таа не ги открива имињата на 37-те инволвирани фирми со објаснување дека се води истрага, па нивните генералии и сумите што ги одлжат се даночна тајна. Но, вели дека голем дел од нив се познати на јавноста и се дел од листата на должници што ја објавува Управата за јавни приходи. Дејностите со кои се занимаваат се најразлични, а поголемиот дел од нив се приватни.

(С.Ву.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари