Инфо-сесии во десет градови низ државата за подобро информирање на компаниите

Сивата економија и брзото менување на законите најголем проблем на бизнисот

Малите и средните претпријатија потешко се прилагодат на законите за работни односи и за безбедност и заштита при работа, а не помали пречки им се и правата и обврските од законите за даночна и царинска политика, животна средина и урбанизам. За што подобро информирање на компаниите, но и за детектирање на нивните проблеми, ќе се реализираат 18 инфо-сесии во десет градови низ Македонија

Главни проблеми со кои се соочуваат малите и средни претпријатија во Македонија се сивата економија и брзото менување на законските регулативите. Покрај овие проблеми, за овие компании посебно тешко е да се прилагодат на законите за работни односи и за безбедност и заштита при работа, а не помали пречки им се и правата и обврските од законите за даночна и царинска политика, животна средина и урбанизам.

- За што подобро информирање на компаниите, но и за детектирање на нивните проблеми, ќе се реализираат 18 инфосесии во десет градови низ Македонија, Велес, Куманово, Тетово, Кавадарци, Битола, Струга, Охрид, Струмица, Штип и Скопје. Информативните сесии ќе бидат одржани во присуство на државни експерти од овие области. Клучни сектори што ќе бидат опфатени со анализите се земјоделството, текстилот, градежништвото, ИКТ и туризмот, истакна Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанската комора.

Инфо-сесиите се дел од проектот на УСАИД што го спроведува „Епицентар интернационал" Скопје во партнерство со Стопанската комора на Македонија, Комората за информатичка и телекомуникациска технологија МАСИТ и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Целна група се сите микро, старт-ап, мали и средни претпријатија, но не е исклучена можноста и за присуство на претставници од големите компании.

- Освен информативната цел овие инфо-сесии ќе претставуваат и можност да се соберат значајни податоци за најгорливите проблеми на компаниите во овие области. Исто така, ова искуство на компаниите ќе се искористи како материјал за организирање други активности во рамките на Проектот и да се направат напори за подобрување на јавно-приватниот дијалог во земјата, додаде Аризанковска.

Според Љупчо Димовски, директорот на „Епицентар интернационал" Скопје целта на овие инфосесии е двојна, подобра усогласеност на бизнисот со законската регулатива преку информирање и детектирање на промените кои фирмите би сакале да ги видат во соодветните регулативи.

- Со цел малите и средни претпријатија да ја подобрат нивната усогласеност со законската регулатива, во текот на годинава ќе се изработи и агрегатен портал. Овој портал ќе содржи порелевантни, побрзи информации кои ќе им помогнат на компаниите за проценка на сопствената усогласеност со законските прописи, истакна Димовски и додаде дека оваа алатка, пред се е наменета за старт-ап бизнисите.

Овие информативни сесии ќе почнат да се реализираат од 22 март, а првиот информативен настан ќе биде во Велес.

А.С.

Поврзани

Најнови вести

Коментари