Економско-социјалниот совет продолжува со работа

Синдикатот бара повисок минималец и исти плати за иста работа

Зголемувањето на минималната плата веќе е ставено на агендата на Советот и за тоа наскоро ќе се расправа, а решението ќе биде резултат на консензус на партнерите во трипартитниот дијалог

Зголемувањето на минималната плата се најде на агендата на Економско социјалниот совет, откако во кампањата за парламентарните избори ова прашање беше експлоатирано од сите политички партии. Иницијативата е на Сојузот на синдикатите на Македонија, а останатите два социјални партнера - Владата, односно Министерството за труд и совицијална политика и Организацијата на работодавачи на Македонија ја поддржуваат, но под услов новата, повисока минимална плата да се биде резултат на консензус.

Според претседателот на ССМ, Живко Митревски, зголемувањето на минималната, како и на сотанатите плати во државата е дел од синдикалниот протокол за социјален напредок што наскоро ќе биде промовиран, а е дел и од програмата на Економско- социјалниот совет.

- Протоколот за социјален напредок вклучува и отворање на дискусија за зголемување на платите и на минималната плата, а тоа е влезено и во програмата за расправа на Социјално економскиот совет, што значи дека во најскоро време тие теми ќе бидат отворени, појаснува Митревски.

Тој додава дека во нашата држава нема изградено генерална стратегија за развој на платите, па евидентна е голема нееднаквост во платите на работниците на исти работни места во различни сектори и дејности.

- Сакаме да го примениме принципот што го градиме во рамките на Европската конфедерација на синдикати - еднаква плата за иста работа. Сакаме да го инаугурираме на некој начин и во Република Македонија и преку градење на заедничка стратегија да постигнеме консензус за утврдување на нови критериуми како основа за повисоки основи за утврдување на минималната плата, истакна Митревски.

Според претседателот на Организацијата на работодавачите на Македонија, Ангел Димитров, минималната плата може да се зголеми, но само со консензус на социјалните партнери.

- Ако се почитува Меѓународната конвенција за минимална плата на Меѓународната организација на трудот, нема да има никакви проблеми во дефинирање на износот на новата плата, а тоа значи минималната плата мора да биде донесена само врз база на консензус. Не може да ја донесат ни сама Владата, ни сами работодавачите, ни сам синдикатот. За тоа прашање ќе направиме исто како што направивме кога првпат го донесовме законот, за да нема реперкусии, вели Димитров.

Тој додава дека работодавачите самите ги зголемуваат платите за да не останат без раобтници. Доказ за тоа е статиистичкиот податок дека платите најмногу растеле во трудово интензивните дејности, а причина за тоа, според него, не е минималната плата, туку промената на структурата на невработените, односно недостатокот на работници во тие сектори.

- Самиот недостаток ги принудува работнодавачите да ги зголемуваат платите, а растот на тие плати мора да продолжи, инаку, ние ќе останеме без работници. Тие ќе отидат надвор, а во Македонија ќе останат само постарите работници, што ќе биде катастрофа. Ние направивме неколку анализи со видни експерти, ги анализиравме функционирањето на законите за минимална плата, за рамниот данок, подготвени сме со податоци, со емпириски истражувања за тоа као овие закони до сега функционирале. На база на тоа со една дискусија ќе донесеме решение што ќе ги задоволи сите страни, што значи и ќе предизвика зголемување на платите, но исто така нема да предизвика намалување на бројот на работниците во компаниите, појаснува Димитров.

За компромис при утврдувањето на минималната плата се залага и министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

- Висината на минималната плата е компромис, не можеме да кажеме дека минимална плата е 16.000 денари, ако не се договориле социјалните партнери, рече тој.

Топлевски, пак најавува дека Синдикатот пред социјалните партнери ќе го отвори и прашањето за колективно договарање и синдикално организирање и на враобтените во индустриските зони.

Социјално економскиот совет вчера ја одржа својата прва јавна седница, на која правеше анализа на своето досегашно функционирање.

Според Ибрахими, членовите на Економско социјалниот совет се согласни дека предизвиците со кои се соочува земјата поврзани со долготрајната политичка криза не треба да се пречка за остварување и натамошно динамизирање на трипартитниот социјален дијалог, за да се динамизира економскиот раст, да се креираат одржливи раобтни места, нови инвестиции и да се подобри животниот стандард на граѓаните.

(С.Ву.)

 

Најнови вести

Коментари