Прва директна авиолинија Варшава – Скопје од јуни

Почнувајќи од 1 јуни, ЛОТ „Полиш ерлајнс" ќе ја воведе првата директна авиолинија од Варшава до Скопје, објавуваат заедно ТАВ Македонија и ЛОТ „Полиш ерлајнс". Летовите на оваа линија ќе сообраќаат речиси секој ден, односно 6 пати неделно, освен в недела, со модерни ембраер воздухоплови. Билетите се веќе во продажба, преку контакт-центарот на ЛOT, на интернет-страницата www.lot.com, и кај продажните агенти.

Ембраерите на ЛOT секој понеделник, среда и петок ќе полетуваат од аеродромот „Шопен" во Варшава во 10:35 часот за да пристигнат во Македонија во 12:40 часот. Патниците на летот од Скопје за Варшава ќе заминуваат во 13:20 часот. Секој вторник, четврток и сабота летот од Варшава е закажан да полета во 14:25 часот, а да слета во Скопје во 16:30 часот. Поаѓањето од Скопје е планирано да биде во 17:10 часот, додека пристигнувањето во Варшава е во 19:15 часот.

Летовите до Македонија ќе се опслужуваат со ембраер 170 и 175. Во зависност од типот на воздухопловот, ќе има 70 – 82 седишта достапни во три класи: економска, премиум-економска и бизнис-класа. Распоредот на летови е креиран така што патниците коишто патуваат од Скопје да имаат пристап до брзи и погодни летови за конекции од аеродромот „Шопен" во Варшава до, меѓу останатите и, дестинации во Соединетите Американски Држави (JFK или Њуарк, Лос Анџелес, Чикаго), Канада (Торонто) и Западна Европа, на пример Скандинавија. Трансферите на LOT преку центарот во Варшава, до JFK, Чикаго или Лос Анџелес, почнуваат за само 80 минути од пристигнувањето на аеродромот во полската престолнина.

„Задоволство и привилегија ни е да ја најавиме Варшава како нова дестинација од Скопје, авиолинија што досега не сообраќала од главниот град на Македонија. Очекуваме оваа авионска линија, што ќе сообраќа 6 пати во неделата во текот на летната сезона, да се покаже како многу успешна. Со ова полските туристи ќе имаат можност да ја посетат и да ја откријат Македонија, а во исто време и граѓаните на Македонија и на соседните земји ќе имаат можност да патуваат со директна линија до Варшава и да ја доживеат Полска. Оваа авиолинија, исто така, ќе послужи за двете земји да ги зајакнат бизнис-врските, да се овозможи подобра комуникација со Источна Европа, како и трансатлантски летови до многу дестинации во светот кои се понудени од Варшава", изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Поврзани

Најнови вести

Коментари