Премиерот Заев на работен појадок со стопанственици на Република Словенија

Премиерот Зоран Заев, како дел од официјалната посета на Република Словенија денеска оствари средба со тамошните претставници на стопанските комори, како и со претставници на повеќе значајни компании од оваа земја кои покажаа интерес за можностите за инвестирање во Македонија, како и за соработка со компании од нашата земја.

Заев ги запозна словенечките стопанственици со Планот за економски раст, како и со другите аспекти на потенцијалите за инвестирање во нашата земја. Владата во делот на поддршката на странските инвестиции е подготвена да учествува во субвенционирањето на гринфилд и браунфилд инвестиции кои ќе отворат нови работни места, ќе воспостават соработка со македонски компании за суровини, услуги и репроматеријали, кои ќе бидат извозно ориентирани и кои ќе бидат еколошки чисти индустрии.

„Сакаме да ве увериме дека Република Македонија, со новите владини политики во економската сфера и во делот на странските инвестиции, може да ви понуди добра средина за развој на вашите бизнис иницијативи“, истакна премиерот Заев.

Премиерот ги запозна словенечките стопанственици на работниот појадок со министрите за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, кои споделија информации за кои беа заинтересирани претставниците на деловниот живот на Република Словенија. „Претставниците на бизнис заедницата на Република Словенија со одобрување ги примија новите можности од Планот за економски раст и покажаа интерес за инвестирање во металопреработувачката индустрија, во електронската, во сферата на енергетиката и автомобилската индустрија, посебно во делот на електричните возила, како и за можностите за развој на деловни активности во животната средина и фармацевстката индустрија. Словенечките бизнисмени покажаа интерес и за нови иницијативи во финансискиот и осигурителниот сектор“, се наведува во владиното соопштение.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари