Голем интерес

Попова Кула стана парк на 21 сончева централа

На овој простор има најголема концентрација на вакви централи на едно место не само во Македонија туку и пошироко на Балканот. Локалната власт има во план да се градат уште 40 нови фотонапонски централи, за што се одобрени 40 локации

Во индустриската зона Попова Кула, лоцирана во близината на Демир Капија, поставени се 21 фотонапонска централа, коишто произведуваат електрична енергија од сонце. Пуштени во производство се 17 и тие веќе вршат дистрибуција на електрична енергија од сончевата енергија, а уште 4 централи деновиве ќе ги вклучат топлите сончеви зраци во својот производствен процес. Во овој простор според Робин Бојчевски, управител на фирмата која врши инсталација на овие централи, има најголема концентрација на вакви централи на едно место не само во Македонија туку и пошироко на Балканот.

- Не се работи за најголем производител на струја од сонце во регионов, туку за единствен простор по големина каде се собрани 21 различен инвеститор. Најголемиот дел од нив се македонски инвеститори, а по еден се од Србија и Босна и Херцеговина-појасни Бојчевски и додаде дека се работи за државно земјиште кое на јавен оглас регуларно е купено и сега е во сопственост на инвеститорот.

Според него, паркот на фотонаполнски централи има инсталирана моќност од 1.050 киловати на час, а струјата веќе се продава и таа е наменета за електроенергетската мрежа на државата.
Интересот да се искористи сонцето за производство на електрична енергија токму во овој регион на земјава се должи на одличните климатски услови, односно ова поднебје располага со големиот број сончеви денови, но и силината на сончевите зраци е поголема.

Бојчевски посочи дека за изградба на сончева централа, вклучено со сите дозволи и приклучоци, како што се вели клуч на рака неопходни се околу 50.000 евра, без ДДВ. Како што појаснува и да се плати данокот, државата потоа му го враќа на инвеститорот.

- Инвестицијата се враќа за 5,5 до 6 години, најдоцна до 7 што пак дирекно ќе зависи од временските услови, но може и побрзо ако опремата е подобра. Инвеститорите кои што сега се сопственици на овие централи имаат договор за продажба на струјата на 15 години со повластена тарифа-вели Бојчевски и укажува дека по овој период струјата можат да ја продаваат и на слободниот пазар.

Тој вели дека според анализите доколку едно домаќинство во просек на час троши околу два киловата, а десетина до 15 дневно, со струјата произведена во Демир Капија може да се задоволат потребите на значителен број македонски семејства.

Трајче Димитриев, градоначалник на Демир Капија, вели дека интересот за изградба на вакви централи е огромен, затоа подготвен е урбанистички план за уште 40 плацеви.

- Еден јавен повик веќе е објавен, а се планира од септември да се објави и уште еден за овие 40 плаца. Локацијата исто така е кај Попова Кула, оти тука водот е близу и е поволно централите побрзо и поедноставно да се вклучат-објасни Димитриев.

Во Македонија има 105 фотонапонски централи
Според статистиката на Регулаторната комисија за енергетика во Македонија има вкупно 105 фотонапонски централи од коишто изградени се 63 и пуштени во употреба, а останатите 42 се со привремени решенија. Централите се поделени и според големината и во групата мали со капацитет до 50 киловати се вклучени 81 централа. Од нив 46 се изградени, а 35 се со привремени решенија.

Фотонапонски централи кои се со капацитет од 50 киловати до 1 мегават се вкупно 24 од кои за 17 се издадени лиценци, тие веќе произведуваат струја, а уште седум се со привремени решенија.

Валентина МАРЈАНОВИЌ

Поврзани

Најнови вести

Коментари